Во Австрија уапсени исламисти од Балканот
29 ноември 2014Австриската полиција уапси 13 лица, а како главен осомничен се наведува Мирсад Омеровиќ, државјанин на Србија и двајца државјани на Босна и Херцеговина - Суад Рамиќ и Санди Суљиќ. Мирсад Омеровиќ под името Ебу Тејма работел како имам во здружението Алтун Алем во вториот виенски округ, а тој се товари за членство во терористички организации и регрутирање муслимани во Австрија за војна во Иран и Сирија, а во состав на единиците на терористичката милиција Исламска држава (ИД). Уапсените државјани на БиХ, Суад Рамиќ и Санди Суљиќ се товарат за ширење омраза и радикални ставови и за агитација со цел за регрутирање австриски муслимани со редовите на ИД. Тие се уапсени во Грац, за кој австриските медиуми наведуваат дека во моментов е упориште на радикалниот ислам во Австрија. Во меѓувреме се знае дека Омеровиќ е по потекло од Тутин во Санџак, како и дека, исто како и Рамиќ и Суљиќ, е добро поврзан со радикалните вахабисти во Босна и Херцеговина.
Пред пат за Сирија
Здруженијата во коишто уапсените ширеле радикални ставови биле повеќе од две години под надзор на австрискиот Уред за заштита на уставниот поредок и борба против тероризмот. Повод за апсењето, како што се наведува во Министерството за внатрешни работи, биле резултатите од истрагата на Уредот за заштита на уставот кои ја потврдиле претпоставката дека осомничените се припадници на терористички организации и дека врбуваат млади муслимани во Австрија за војни на Блискиот Исток. Од Министерството се вели дека еден од осомничените планирал да замине за Сирија само еден ден по апсењето.
Омеровиќ и‘ е познат на австриската јавност и правосудство како Ебу Тејма. Против него е воден процес во виенскиот окружен суд откако австрискиот дневен весник „Денес“ го обвини дека две тинејџерки од босанско потекло токму под негово влијание заминале на боиштето во Сирија. Станува збор за Самра Кесиновиќ и Сабина Селимовиќ. За ваквите обвиненија немаше докази, а весникот мораше на Омеровиќ за клевета да му плати 2.500 евра. Сепак, познато е дека двете тинејџерки пред да заминат во Сирија редовно присуствувале на предавањата на Омеровиќ во здружението Алтун Алем.
Сигнал на австриските власти
Акцијата на апсење радикални исламисти во Австрија е спроведена истовремено во Грац, Линц и Виена. Во нејзе учествуваа 900 полицајци, а направен е претрес на 20 приватни станови, автомобили и молитвени простори. Покрај 13-темина уапсени, на разговор во полициски станици се приведени уште 16 други лица.
Австриската полиција наведува дека е запленето големо количество пропаганден материјал, компјутери на осомничените кои треба да дадат увид во тоа колкава е радикалната мрежа со која осомничените комуницирале. Австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер изјави дека со оваа акција на џихадистите во Австрија им е ставено до знаење дека не се безбедни, како и дека австриските сили за безбедност ќе продолжат бескомпромисно да дејствуваат против нив.
Ислам во сопствена интерпретација
Од Исламската заедница во Австрија се вели дека засега нема реакција на апсењето на радикалните исламисти, но нејзини претставници за ДВ веќе имаат изјавувано дека австриската егзекутива треба да биде построга во дадените случаи, особено во случајот на здружението Алтун Алем, во кое Омеровиќ работел како имам под името Ебу Тејма. Членовите на ова здружение отфрлаа членство во Исламската заедница во Австрија и, како што за ДВ објасни портпаролот на Исламската заедница Амина Багајати, „исламскиот закон и поредок во сопствена интерпретација го ставале пред демократските принципи на Исламската заедница во Австрија и Република Австрија“.
И во босанскохерецговските здруженија и џамии во Австрија коментарите за наведените радикални кругови се слични. Во здружението Гази Хусрефбег велат дека во здружението Алтун Алем ги сметале за неверници и самите претставници на Исламската заедница и дека мнозинството муслимани по потекло од БиХ немале никаков контакт со тие кругови.