Во царството на „црното злато“ - Музејот на чоколадото во Келн
26 декември 2014Чоколадното царство е на левиот брег на Рајна, изградено во 1993. година од Ханс Имхоф, некогашниот директор на големиот концерн за производство на прехранбени намирници „Штолверк“. Музејот на чоколадото годишно го посетуваат околу 650.000 луѓе и со тоа се класифицира во листата на десет најпосетени во Германија. Посетителите имаат прилика преку единственото слатко патување да се запознаат со историјата на чоколадото стара повеќе од 3.000 години, се‘ до денешните чоколадни производи и начинот на нивното производство.
Дејвид Мајер доаѓа од Хамбург и првпат е во музејот на чоколадото. „Ако се наоѓате во Келн, не смеете да го пропуштите! Не мора да сте љубител на чоколадото, но музејот дефинитивно морате да го посетите! Одличен е, научив нешто за производството на чоколадото и видов како изгледа тој процес. Би можеле и вие да се обидете да произведете сопствено чоколадо“, порачува Мејер, еден од многубројните посетители кои ги затекнавме во музејот.
Складирајте залихи - чоколадото станува луксуз
Но, најновите вести за чоколадото не се добри. Според последните истражувања, светот во следните неколку години, поради се’ поголемата побарувачка, ќе остане без какао, бидејќи едноставно нема доволно плантажи со какао. Уште еден од факторите кој значително влијае врз намалувањето на залихите на какао е и епидемијата на ебола во западна Африка, посебно имајќи го предвид фактот дека 70 отсто од светските залихи на какао доаѓаат токму од тоа подрачје. Делумната вина за недостигот на какаото се болестите и сушата, како и самите луѓе, кои чувствуваат се‘ поголема глад за слатки, а државата која во тоа предничи е Кина.
Раководителот на службата за посетители на музејот на чоколадото, Олаф Вортман, за ДВ истакнува дека годишните приходи од производството на чоколадо навистина се во опаѓање. „Засега индустријата се’ уште може да се снабди, но цената на чоколадните производи, секако, може да порасне, доколку дојде до недостиг на какао“, предупредува тој. Ако ситуацијата не се поправи, а љубителите на чоколадото не ги смират страстите, омиленото слатко би можело да стане луксузна и скапа стока до 2020. година. Затоа, денес сите патишта водат во германската чоколадна престолнина и уживање во царството на „црното злато“.
Се‘ што сакавте да знаете за чоколадото
Во келнскиот музеј ќе дознаете се‘ што некогаш сте сакале да го дознаете за чоколадото. „Тешко е да се издвои еден од најзанимливите експонати, бидејќи имаме голема изложбена површина. На децата најмногу им се допаѓа ’чоколадната фонтана’. На многу од посетителите занимлив им е одделот за производство на чоколадото, а на некои пак, културно-историскиот дел со изворни експонати стари и неколку илјади години“, вели Вортман, нашиот домаќин во музејот.
Обиколката на трите нивоа изложбен простор кој се простира на 4.000 метри квадратни почнува со приказната за какаото, билката од чиј плод се прави чоколадото. Дознавме дека потекнува од средна Америка, а дека денес најмногу се одгледува околу појасот на Екваторот и во западна Африка. Успешното и квалитетно одгледување на оваа билка бара влажна околина и просечна температура од 25 до 28 Целзиусови степени. Со цел да ги анимираат децата, раководителите на музејот одлучиле да организираат интерактивни работилници. Најмладите посетители на мониторите играат игри за какаото, решаваат осумнасочници пронаоѓајќи поими поврзани со чоколадото, а со тестови го проверуваат и своето „чоколадно знаење“. На првиот кат е делот од музејот претворен во стакленик, во кој растат стебла од какао, кафе и банани. Овде човек не може долго да се задржи, затоа што температурата и влажноста на воздухот се прилагодени на условите во кои растат тропските билки.
На вториот кат доминира погонот за производство на чоколадото. Неверојатно доживување за вистинските гурмани - пред вашите очи настанува чоколадо! Пржење на зрна од какао, мелење и одделување на јадрото од лушпата, потоа мешање со какаово масло, млеко и шеќер до прелевање на чоколадото во стилизирано какаово дрво. „Многу важна состојка за производството на чоколадото е шеќерот, бидејќи сакаме слатко чоколадо. Исто така, млекото во прав, иако тоа се користи само за производството на бело и млечно чоколадо, а не и за производство на чоколадо за готвење“, ни открива Вортман дел од рецептот на „храната на боговите“.
Благодарение на работничката која ги чести посетителите вафли натопени во чоколадо, ќе имате прилика да ги израдувате вашите непца и на лице место да го почувствувате вкусот на штотуку произведеното чоколадо. Добрата вест е тоа што вработените во музејот нема да имаат ништо против ако некој посетител, вистински љубител на чоколадото, неколкупати „заталка“ до три метри високата „чоколадна фонтана“.
Патот го продолжуваме во делот на музејот во кој е претставена историјата на чоколадото, која почнала во старите цивилизации во средна Америка. Маите и Ацтеките го користеле како лек, приредувале прослави во чест на богот на какаото, а тоа служело и како средство за плаќање. Занимливо е тоа што од своите патувања по јужна Америка Кристофер Колумбо донесол и какаово семе во шпанскиот кралски дворец, но тоа не привлекло никаков интерес. Дури по походот на шпанскиот освојувач Хернан Кортес на јужна Америка, Европа ја запознала магијата на чоколадото. Во делот на музејот се изложени и садови во кои Европејците го чувале чоколадото. Нивната раскошност докажува дека „храната на боговите“ себеси можеле да си ја дозволат само богатите.
Чоколадо за широко производство
Информацијата за чоколадните производи, вклучувајќи запознавање со некои од најголемите имиња во индустријата, можат да се дознаат на третото ниво. Овде е раскажана приказната за новата историја на чоколадото, базирана на широко производство. Реконструиран е изгледот на старите продавници за чоколадо и чоколадни слатки, со оригинална амбалажа, плакати и реклами, автомати за самопослужување со чоколадо. „Горди сме затоа што нас не’ посетуваат многу луѓе, без оглед на возраста. Во принцип, реакциите се многу позитивни. Но, ние секоја критика ја доживуваме многу сериозно. Посетителите можат да ни се обратат доколку имаат предлог и совети.Се обидуваме да ги опфатиме сите теми. Се појавува и темата детската експлоатација на плантажите, што ние не ја сокриваме. Значи, секогаш сме отворени за критика“, заклучува Вортман.
Посетата на музејот ја завршуваме со купување сувенири во продавницата на самиот влез. Разни алати, играчки, мобилни телефони, дури и келнската катедрала... Се‘ од чоколадо. Снабдивме залихи во случај да излезе дека е точно предвидувањето на стручњаците за недостиг на чоколадо.